1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаГерманија

Пробен лет на германска ракета напојувана со парафин

4 мај 2024

Ракетата СР75 на германската компанија Хулмпулс за прв пат како гориво користеше парафин, главната состојка на восокот од свеќи - со успех.

https://p.dw.com/p/4fV8w
Ракетата СР75 на германската компанија Хулмпулс
Ракетата СР75 на германската компанија Хулмпулс за прв пат како гориво користеше парафин Фотографија: Hiimpulse/dpa/picture alliance

Тоа беше првото чисто приватно финансирано лансирање ракета од Германија: ракетата на парафински погон е развиена од приватната компанија Хулмпулс. Седиштето е во Нојенштад ам Кохер, во близина на Хајлброн (Баден-Виртемберг). 65-те вработени во компанијата развија хибриден погон на парафин-кислород.

Парафинската ракета се уште не е тестирана во вселената

Ракетата беше лансирана од другата страна на светот: Хулмпулс ја лансираше својата ракета од австралискиот ракетен погон Куниба овој петок (3 мај) наутро, по европско време.

Планирано е ракетата да достигне максимална висина од 60 километри. Според компанијата, ќе бидат потребни неколку дена додека ракетата да се врати и да се проценат податоците. Дури тогаш може да се каже дали е постигната планираната висина од 60 километри. Преминувањето на вселенската граница на растојание од 100 километри ќе биде тестирано во следните лансирања. Лансирањето на ракетата беше одложувано неколку пати поради временските услови.

Вака функционира погонот

Во телото на ракетата има блок од цврст парафин на кој се издупчени многу дупки. Низ овие дупки се пропушта течен кислород. Двете супстанции потоа реагираат, а добиениот врел гас ја придвижува ракетата.

Ракетата има недостатоци

Меѓутоа, блокот од цврсто гориво никогаш не гори целосно рамномерно. Ова може да предизвика ракетата да почне да вибрира при летот, што може да ја оштети, па дури и да ја уништи.

Исклучувањето и рестартирањето на хибридна ракета многу брзо при лет исто така не е толку лесно, но оваа способност е потребна за лансирање на вселенски летала  со точно дефинирани брзини во исто точно дефинирани орбити.

Не може да експлодира

Предноста на технологијата на восок за свеќи е ниската цена. Покрај тоа, ризикот од експлозија на ракета е рамен на нула. Затоа, во текот на изминатите неколку недели, таа можеше целосно опремена безбедно да биде транспортирана од Нојенштад со брод во Австралија.

Следен модел на ракетата ќе однесе сателити во вселената

По успешниот прв лет, може да се одвиваат вселенски летови над 100 километри. Сепак, оваа ракета не може да влезе во орбитата околу Земјата - само моделот наследник треба да ја достигне потребната брзина и потоа да лансира сателити со тежина до 600 килограми во вселената. Првиот лет е планиран за крајот на 2025 година.

Погонот има потенцијал

Компанијата Хулмпулс веќе има нарачки вредни повеќе од 100 милиони евра за своите летови во вселената. Поради воведените санкции против неа,  Русија моментално е надвор од игра за сателитски транспорт. А новите европски ракети Ариане 6 и ВЕГА-Ц се лансираат по долгогодишно одложување.

Затоа комерцијалните производители на ракети од Германија веруваат дека имаат шанса да зграпчат дел од големиот колач од лидерот на  американската индустрија СпејсИкс.  Покрај Хулмпулс, тука се и Исар Аероспејс со седиште во Минхен и Ракетната фабрика во Аугсбург, која исто така има своја ракета речиси подготвена за полетување.

Додека трошоците за транспорт на сателит во вселената со конвенционални мали ракети се околу 12.000 до 25.000 евра за килограм носивост, цената на првата фаза на ракетата Хулмпулс се очекува да биде околу 6.500 евра за килограм. Хулмпулс, исто така, очекува да ги намали трошоците на долг рок.

Ова е исто така неопходно ако Хулмпулс сака да ја преживее следната револуција во сателитски транспорт. Старсшип на СпејсИкс ќе може да носи неколку стотици сателити во вселената со едно лансирање и има за цел цена од само неколку стотици долари за килограм.

(Автор: Уве Грандвол, СВР)