Успехот на протестите во Србија зависи од три фактори
29 декември 2023Сомневањата за регуларноста на изборите во Србија предизвика нова серија протести и доведе до нова политичка криза. Освен што изборите покажаа дека Србија политички е во „денот на мрморецот“, каде и покрај сите напори повторно се појавува истиот победник, тие повеќе од кога било ја истакнаа целосната парализа на институциите.
Практично веќе и не е тајна дека полицијата добила наредба да не одговара на повиците за нерегуларности на одредени избирачки места, но заробеноста на администрацијата продолжува и по денот на изборите. Обвинителството за неколку минути утврди дека немало кривични дела за време на изборите, изборните комисии ги отфрлаа приговорите на опозицијата, а Министерството за државна управа и локална самоуправа тврди дека избирачкиот список бил отворен и јавен, и дека ова биле демократски и легитимни избори со „беспрекорен“ избирачки список.
Студентите се будат
Протести во Србија имаше и изминативе години, но тие, без разлика на повремената масовност, главно завршуваа неуспешно. Последната рунда протести во Белград почна пред само неколку дена, а засега основниот впечаток е дека одговорот можеби не е на нивото на очекувањата на опозицијата, но извесенновитет е поголемата ангажираност на студентската популација.
Долгата историја на неуспешни протести ги обесхрабрува граѓаните и политичките активисти, но како што за ДВ истакнува политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, „Александар Вучиќ е пред сѐ загрижен за масовни протести кои не би можел да ги контролира, но тоа не значи дека опозицијата и студентите не можат да ја загрозат стабилноста на Вучиќ преку комбинација на други потези“.
„Одбивањето на опозицијата да влезе, како во Белград, така и во републичкото собрание, и да ги прогласи изборите за нелегитимни – би го лишило Вучиќ од неговиот легитимитет и би ја довело ситуацијата до отворена диктатура. Опозицијата има механизми да се спротивстави, но мора да биде подготвена за маратонска работа и да постави јасни барања како да се одржат идните избори“, смета Анѓелковиќ.
Кога станува збор за барањата, нашиот соговорник додава дека „многу е лошо што опозицијата ги споменува републичките избори, надевајќи се на разрешница во однос на Белград“. Изборите или сеукрадени или не се. Ако се украдени, може само да замислиме како се украдени во внатрешноста ако има толку нерегуларности во Белград. Тие не можеа да бидат откриени надвор од Белград, бидејќи таму нема веродостојни набљудувачи“.
Синергија на три фактори
Ако ја погледнеме досегашната историја на протестите, ќе видиме дека три фактори играат одлучувачка улога дали тие ќе донесат резултати, вели за ДВ Зоран Стојиљковиќ, професор на Факултетот за политички науки: „Тоа се единството на опозицијата, енергијата на протестите и влијанието на надворешните фактори“. Само синергијата на тие фактори дава резултат. Кога станува збор за овие избори, опозицијата направи неколку стратешки грешки, од кои последната е поместувањето на акцентот и проширувањето на барањата. Мал плус беше реакцијата на меѓународните набљудувачи, која беше многу критична“, смета Стојиљковиќ.
Дополнителен фактор е реакцијата на власта и она што може да се очекува понатаму, продолжува Стојиљковиќ и оценува дека „сосема е сигурно дека изборите во Белград ќе се повторат, но зарепубличките избори може да се каже дека доцна им текна, или дека ќе бидат поништени само на местата за кои има причина“.
Избегнување на истите грешки
Последниве години тактиката на власта беше да ги остави протестите сами да згаснат, а по се изгледа Александар Вучиќ и овојпат ќе оди на истата варијатна. Евентуалната реакција на полицијата е резервирана само за случаи кога надлежните не гледаат друг излез, како што беше случајот со инцидентите пред белградското Собрание.
Истото ќе се случи и сега ако опозицијата ги повтори истите грешки, предупредува Драгомир Анѓелковиќ и вели дека „минатиот пат опозицијата излезе на протести, но не ги напушти институциите. Сега треба да го направи спротивното, не да седи во парламентот и да протестира во исто време, туку воопшто да не влезе во него. Не можете да го оспорувате легитимитетот на системот, а да бидете и самите дел од него“, смета аналитичарот.
Подготвеност за отпор
Ситуацијата е таква што мора да се направи нешто, бидејќи во спротивно нема смисла да се учествува на какви било идни избори, нагласува Зоран Стојиљковиќ и вели дека „до тие избори би требало да поминат најмалку три до шест месеци, за да се воспостават рамноправни изборни услови и присуство на медиумите. Да има некаков притисок на улицата е доста важно“, оценува белградскиот професор.
Зоран Стојиљковиќ признава дека бил изненаден и од „реакцијата на полицијата на инцидентите пред белградското Собрание, бидејќи власта покажала дека е прилично отпорна на парцијални притисоци“. Но, ако правниот расплет на сето ова се зајакне со меѓународна поддршка, тогаш тие протести може да бидат релативно мали, но треба да бидат доследни и опозицијата да покаже дека е подготвена на таков отпор“, вели Стојиљковиќ за ДВ.
Русија има само корист
Во целата приказна околу протестите Александар Вучиќ ги вмеша и руските тајни служби кои, според него, го предупредиле дека опозицијата подготвува насилни демонстрации. Наративот на власта е дека опозицијата во Белград подготвува некаков нов „Мајдан“ и дека на сила сака да ја преземе власта.
„Претседателот на Србија манипулира со негативното расположение на јавното мислење кон Западот“, вели Драгомир Анѓелковиќ, „а тој во суштина исполнува се што Западот бара од него во врска со Косово“.
„Западот нема намера да го урне, а Русија има многу поголем интерес да нема санкции од Србија, отколку дали Србија ќе го одбрани Косово. Ако Србија капитулира во однос на Косово, тоа е корисно и за Русија. Како Западот ќе го реши тоа прашање со Србија ќе биде преседан, па Русија може да инсистира на ист начин да го реши прашањето со Украина. Така што за Русија е корисно што и да направи Белград и тие заедно со Вучиќ учествуваат во измамата дека тоа има некаква врска со Мајдан“, оценува Анѓелковиќ.
Како да се усогласат различните опции?
Ако сака протестот да биде успешен, барањата на опозицијата мора да станат посериозни и да инсистира на нив, додава Анѓелковиќ, „за да не се повторат претходните ситуации кога опозицијата имаше некои барања, а потоа се откажа од сите барања во однос на изборните услови“. Дополнителна забуна за јавноста е што опозициските партии и студентите наизменично се јавуваат како организатори на протестите, а се најавува и протест во сабота на 30 декември во организација на иницијативата ПроГлас.
Професорот Стојиљковиќ смета дека граѓаните навистина сакаат да знаат кој ги повикува на протести, но потсетува и на протестите од 1996/97 година „кога имавме собири на опозицијата и студентски маршеви, а секој даде свој придонес“. Тоа секако предизвикува збунетост кај граѓаните, забележува Драгомир Анѓелковиќ, „и многу граѓани се откажуваат од протестот, затоа што мислат дека го организира оваа или онаа опција што не им е блиска“.
„Затоа е грешка на опозицијата што не создаде најширока можна групација што ќе ги дефинира барањата како да се демократизира Србија. А вистински договор нема, бидејќи едни ги приватизираат протестите, а други ги оспоруваат поради некои нивни геополитички несогласувања, кои се во преден план“, заклучува Анѓелковиќ.