1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите нема да променат сѐ?

Ивица Петровиќ
19 декември 2023

Дел од опозицијата не ги признава резултатите од изборите во Белград и организира протести за одбрана на изборната волја на граѓаните. Дали овие протести можат да променат нешто?

https://p.dw.com/p/4aKes
Србија избори протести
Поддржувачи на делови од опозицијата пред Градското собрание во Белград на 18 декември 2023 годинаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Како што тврди коалицијата „Србија против насилството“ (СПН), повеќе од 40.000 луѓе без легален престој во Белград биле донесени да ја поддржат листата на Српската напредна партија (СНС). Тоа довело до промена на изборната волја на гласачите и затоа коалицијата бара поништување на изборите во Белград, повторување на гласањето и прочистување на избирачкиот список.

Републичката изборна комисија (РЕК) ги отфрли сите приговори на опозицијата на парламентарните избори.

Надреални белградски избори

Сцените кои се случуваа за време на изборниот ден во Белград, пред сѐ во и околу Белградската арена, изгледаа надреално. Организираното носење на луѓе од Република Српска, кои делумно на новинарите, делумно на граѓаните на Белград им соопштуваа дека влегуваат внатре за да добијат распоред за гласање, беше во целосна спротивност со официјалното објаснување на властите.

Надлежните тврдат дека се работи за лица со двојно државјанство, но не е објаснето зошто луѓето доаѓаат во Белградска арена за да дознаат на која адреса им е престојувалиштето. Присутните работници од обезбедувањето им објаснуваа на потенцијалните гласачи дека внатре има штандови со имињата на белградските општини и дека таму ќе ги добијат сите дополнителни инструкции за тоа каде ќе гласаат.

Крах на системот

Тоа беше слика на тотално беззаконие и распад на институциите. Прозваното Обвинителството, неколку минути по објавувањето на вакви и слични видео снимки, брзопотезно утврди дека „нема докази дека е сторено кривично дело во врска со изборите и дека јавноста не треба да се вознемирува со непроверени информации“, соопшти Вишото јавно обвинителство.

Србија избори
Белград, утро по изборитеФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Неуспешни беа и обидите на опозициските активисти да пријават нерегуларности на избирачките места во полиција, која воопшто не реагираше на ваквите повици. Како што ја информира јавноста Мариника Тепиќ, потпретседателка на Партијата за слобода и правда (ССП), „полицијата на својот колегиум одлучила да не одговара на ваквите повици, бидејќи, како што велат, тука е мисијата на ОБСЕ“.

ЕУ ги казнува граѓаните

Топката така вешто беше префрлена на меѓународните набљудувачи. Но, токму на пасивноста на меѓународната заедница реагира и пензионираниот професор на Факултетот за политички науки, Чедомир Чупиќ, кој за ДВ вели дека „многу работи ќе зависат од реакцијата на меѓународниот фактор“.

„Мислам дека вакви работи не можат да се толерираат во земја која е кандидат за членство во ЕУ. Некои процедури и правила важечки во западните демократии беа заобиколени, па дури и на некој начин му се помагаше на Александар Вучиќ со разни средби на високо ниво. Затоа и не сум сигурен дали сега ќе може да се врати дел од енергијата на протестите, бидејќи на избори се одеше лекомислено, без исполнување на некои услови и за тоа опозицијата немаше никаква поддршка однадвор“, оценува професорот Чупиќ.

ОДИХР: Сериозни неправилности

Мисијата на ОДИХР  во својот прелиминарен извештај нагласи дека во Србија имало„неправедни услови на изборите, бидејќи владејачката партија имала системска предност. Видовме сериозни нерегуларности како групно гласање, купување гласови, како и организирано носење гласачи од Република Српска“.

Во извештајот понатаму се наведува дека „прашање што исто така предизвика загриженост беше улогата на Претседателот, кој не беше кандидат, но учествуваше во кампањата, што ѝ даде предност на една листа. Тоа сериозно ги поткопува фер условите во изборниот натпревар, бидејќи Претседателот треба да биде неутрална фигура која го изразува националното единство“, посочуваат набљудувачите на мисијата на ОДИХР.

Опозицијата прво инсистираше само на изборните нерегуларности во Белград, но подоцна, за време на протестите во главниот град, беше посочено дека поништување на изборите ќе се бара и на ниво на државата. Се чини дека околу тоа сѐ уште не е постигнат договор и вестите дали да се бара поништување само на белградските или и парламентарните избори се и натаму конфузни. Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ од Србија против насилство започнаа штрајк со глад до исполнување на барањата.

Протести без успех?

Професорот Чупиќ обрнува внимание на фактот дека „не може многу да се направи во земја на заробените институции. Властите имаат на располагање цела лепеза притисоци врз луѓето кои се во страв. Тоа ви е како во семејството, ако таму има тиран, и ако нема кој да го спречи, тој продолжува со својата тиранија. Затоа мислам дека и кога се во прашање протестите во Белград, тие немаат шанси за успех доколку на улица се појават помалку од 150.000 луѓе“, вели Чедомир Чупиќ.

На протестот во Белград пред Републичката изборна комисија се собраа неколку илјади луѓе. Може да се каже дека релативно скромниот одговор на граѓаните на некој начин беше очекуван по неколкумесечните протести против насилство. Тие не постигнаа ниту една од зацртаните цели, пред сѐ - рамноправни изборни услови.

Адвокатот Божо Прелевиќ за ДВ вели дека „успехот на протестите зависи и од оној којшто повикува на протести. Во секој случај, иако постојано нагласуваме дека овде нема владеење на правото, потребно е соодветно да се документира секоја нерегуларност на изборите и да се започне борба низ институциите“, смета Прелевиќ, кој додава дека „во Белград беа донесени на гласање не само луѓе од Република Српска, туку и од Црна Гора и од Косово“.

Србија избори протести
Лидери на дел од опозицијата пред седиштето на Републичката изборна комисија во Белград, 18 декември 2023 годинаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

„Европа поддржува узурпатор и диктатор“

Прелевиќ ги критикува и меѓународните и европските функционери, кои, според неговите зборови, „со своето однесување кон Вучиќ предизвикуваат огорченост кај граѓаните на Србија, кои мислат дека на претседателот на оваа држава му се прогледува низ прсти така што се казнуваат граѓаните. Европа поддржува узурпатор и диктатор, а потоа се изненадени и критикуваат дека во Србија опаѓа поддршката за Европската унија“, оценува Прелевиќ.

Опозицијата засега е фокусирана на поништување на изборите во Белград, но Божо Прелевиќ го свртува вниманието на фактот дека е грешка доколку истото не се побара и за парламентарните избори: „Ако целата таа машинерија е вклучена во кражба, тогаш се украдени и едните и другите избори. Не можете да кажете дека на исто избирачко место се украдени едни гласачки ливчиња, а други не се. Тоа е целосно контрадикторно“, заклучува Божо Прелевиќ.

Овој текст првично е објавен на ДВ на српски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи