1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урсула фон дер Лајен втор мандат на чело на ЕК

БГ/ ДПА
25 јуни 2024

Лидерите на ЕУ се согласија да ја номинираат Урсула фон дер Лајен за втор мандат на чело на Европската комисија, велат извори на германската новинска агенција ДПА.

https://p.dw.com/p/4hTig
Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен останува претседател на Европската комисија уште пет годиниФотографија: Metodi Popow/picture alliance

Урсула фон дер Лајен останува претседател на Европската комисија уште пет години. Како дел од договорот кој го постигнаа лидерите на земјите-членки на ЕУ, одлучено е поранешниот португалски премиер Антонио Кошта да биде следниот претседател на Советот на ЕУ, на местото на Белгиецот Шарл Мишел. Естонската премиерка Каја Калас ќе биде следната шефица на дипломатијата на ЕУ.

Договорот доаѓа во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ закажан за в четврток и петок во Брисел, на кој ќе се одлучува за раководните позиции во Унијата во следните пет години.

За номинацијата на Фон дер Лајен беше потребна поддршката на „засилено квалификувано мнозинство“ на ЕУ лидери, кои претставуваат најмалку 20 држави и 65% од населението на ЕУ. 

Кошта со еден мандат 

Вкупно 13 ЕУ лидери се дел од политички партии кои членуваат во Европската народна партија (ЕПП), чиј кандидат беше Фон дер Лајен. Таа сега треба да биде одобрена и од мнозинството во Европскиот парламент, во следните недели.

Естонија Каја Калас
Естонската премиерка Каја Калас ќе биде следната шефица на дипломатијата на ЕУ.Фотографија: Askin Kıyagan/Anadolu/picture alliance

Полскиот премиер Доналд Туск и грчкиот Кирјакос Мицотакис преговараа од името на ЕПП за Фон дер Лајен. Францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте преговараа од името на либералите за позицијата на Калас.

Додека германскиот канцелар Олаф Шолц и шпанскиот премиер Педро Санчез го претставуваа Кошта како дел од групата на Социјалистите и Демократите. Кошта ќе биде на чело на Советот на ЕУ само  2,5 години, затоа што вториот мандат не му е гарантиран.