Украина: Подготовки за контранапад?
22 август 2022Во 1943 година, во јужна Украина се водеа повеќемесечни борби помеѓу Вермахтот и Црвената армија. Сè додека Вермахтот, на почетокот на ноември, конечно не се повлече на западната страна на реката Дњепар. Германците претходно беа уништени кај Сталинград и се собраа во она што стана познато како Армиска група Југ, под команда на тврдиот националсоцијалист, маршалот Ерих фон Манштајн.
„Германскиот Вермахт мораше да распореди стотици илјади војници само за да ги заштити железничките линии во Украина и Белорусија“, потсетува Бен Хоџис во разговор за ДВ. Логистиката, на крајот на краиштата, е одлучувачка за војната. Поранешниот американски генерал и врховен командант на американските сили во Европа прави споредба со руската војна против Украина летово и успешните напади на Украина, како што беше случајот неодамна на аеродромот Саки, на полуостровот Крим, кој е анектиран од Русија. Или, пак, како погодоците на украинската артилерија на повеќе од 50 руски складишта за муниција и единици во областите на Украина окупирани од Русија во последните неколку недели. „Русите немаат ни доволно луѓе или вештини“ за да ја заштитат својата оперативна логистика, вели Хоџис. „Значи, тоа покажува дека се ранливи. Тоа покажува и дека нивниот логистички систем е исцрпен.“
Снабдувањето денес е исто толку важно како и во Втората светска војна
Тешко е да се прави историска споредба. Во тоа време, Вермахтот водеше брутална војна на истребување, водена од идеологијата на националсоцијалистите. А различни се и димензиите: Црвената армија само при напредувањето кон реката Дњепар загуби 1,2 милиони војници - мртви или повредени. На почетокот на својата инвазија на Украина на 24 февруари, Кремљ на украинската граница донесе 150.000 војници. Па, сепак: огромните географски димензии на Украина ја ставија војската во Втората светска војна во слични проблеми како денес кога станува збор за обезбедување на резерви.
Русија во тој дел е крајно ранлива, вели Хоџис, кој заедно со други поранешни воени лица, политичари и аналитичари од американската администрација и нејзините сојузници, бара на Украина да ѝ се дадат уште поинтелигентни вооружени системи, како што е ATACMS (Армиски тактички ракетен систем), кој има дострел од 300 километри. Оваа ракета може да биде истрелана и од американските артилериски ракетни системи HIMARS, со кои неодамна Украина ги постигна најголемите успеси против руските борбени сили.
На крајот на јули, претставниците и на демократите и на републиканците во Вашингтон сигнализираа поддршка за овој чекор. Меѓутоа, во средината на август, украинскиот министер за одбрана Олексиј Ресников јасно стави до знаење дека Вашингтон сè уште нема испорачано ракети ATACMS. Сомнежот се појави по успешното гранатирање на руски цели на Крим - 210 километри од најблиската линија на фронтот кај Херсон.
Руски нуклеарен напад е „неверојатен“
Воздржан кон испорака на такви вооружени системи, поради страв од ескалација, е пред сѐ советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејк Саливен. Но, Русија нема друг начин да предизвика ескалација, освен употреба на нуклеарно оружје, аргументира поранешниот генерал Хоџис, кој смета дека тоа е „крајно неверојатно“. Дури и само затоа што во Украина нема цели „кои би го промениле бојното поле на поволен начин за нив“. Дотолку повеќе, што, како што нагласува Хоџис, употребата дури и на помалку деструктивна тактичка нуклеарна ракета во Украина веднаш би резултирала со влегување на САД и Велика Британија во војната.
Значи, војната на Русија против Украина ќе се решава по конвенционален пат. Затоа на Украина ѝ треба посовремена воена опрема и обука за војниците. Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци најавува контраофанзива во јужна Украина. Но, засега воената опрема не е доволна за ваков чекор, вели германскиот експерт за Украина и за безбедносни прашања Нико Ланге. Во последната влада на Меркел, Ланге долго време ја советуваше поранешната германска министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер (ЦДУ) и шест години беше на чело на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Киев.
Украина сè уште нема „доволно оклопни возила и нема доволно тенкови за навистина на овој огромен терен на јужната украинска степа со голем контранапад да поврати одлучувачка територија“. Украинската армија моментално „создава услови“ за таков контранапад, вели Ланге за ДВ. Пред сè, тој ја критикува воздржаноста на Германија за испраќање тешко оружје во Украина. „Се загуби време и, се разбира, за испорака, на пример на оклопни возила, е потребно време за логистика и обука. Сега, кога Украина има шанса, не е пристигнато доволно таква помош. Тоа е многу жално“.
Украинска победа до крајот на годината?
Сега е време на Украина веќе да не ѝ се помага само „на лажица“, туку да се испорача сѐ што е можно. Тогаш земјата би можела до крајот на годината да ги ослободи областите окупирани од трупите на Кремљ, а потоа, можеби преку преговори во следните „една или две години“, би можело да следи ослободување на Крим и Донбас, вели Хоџис. Додека однадвор погледнато текот на војната можеби се чини дека е во пат-позиција, Украина го користи времето за „да изгради трупи, сѐ додека не бидат подготвени, додека не бидат обучени, додека не бидат доволно моќни“, додава тој.
Хоџис вели дека е јасно оти според теоријата на прускиот генерал-мајор и воен теоретичар Карл фон Клаузевиц, вооружените сили на Путин во Украина ја имаат достигнато точката на „кулминација“. Армијата на Кремљ ја помина точката од каде што „веќе не може да оди во офанзива“. Руската армија нема ниту ресурси, ниту луѓе, ниту енергија за уште една голема офанзива, „од која и да било причина“.
Секој погодок на магацин за муниција, командно место, ја тера руската армија да ги повлекува своите точки за снабдување, што „ги отежнува работите за Русија, бидејќи камионите со муниција сега мора да продолжат понатаму“, потенцира Хоџис. Ако ударната сила на украинската армија е доволно голема, а руската инфраструктура е доволно ослабена, тогаш, според Хоџис, Украина „ќе го започне главниот контранапад“.