Украина: Дали запира рускиот „воен валјак“?
10 август 2022Од Европскиот коменден пункт на американската војска, САД, заедно со повеќе од 50 држави, ја координираат воената помош за нападнатата Украина, која во изминативе недели можеби предизвика пресврт во борбените дејствија.
Голема обезбедена сала со провизорно поставени кабли, униформирани офицери од бројни западни држави кои седат пред лаптоп и на различни јазици одржуваат контакт со штабовите во матичните земји и со украинската влада.
Повеќе американски медиуми кои имаа пристап до бараките на американската војска во Штутгарт, на југозападот на Германија, известуваат на ист начин. Во близина на аеродромот и автопатот таму се наоѓа Европскиот коменден пункт на американската војска (ЕУКОМ) кој од почетокот на јули е под командата на генералот Кристофер Г. Каволи.
Тој е роден во 1964 година, во германскиот град Вирцбург, како дете од американска фамилија ангажирана за војската стационирана во земјата, Каволи важи за познавач на Европа и Русија, со завршени студии за Источна Европа на универзитетот Јејл. Каволи е задолжен да го спроведе и засилувањето на источната граница на НАТО како одговор на руската војна против Украина.
Централа за Украина во ЕУКОМ
Во набрзина уредената централа за Украина во ЕУКОМ се примаат постојаните информации за потребите на украинската армија. „Атмосферата е како во времето на сојузниците во Втората светска војна”, пишува весникот „Вашингтон пост” кон крајот на јули.
Појдовна точка беше донаторската конференција свикана од САД на американскиот воен воздухопловен пункт Рамштајн, во Германија, на 26 април годинава. Повеќе од 50 земји во меѓувреме се вбројуваат меѓу поддржувачите на Украина со испораки на оружје, а предводени од САД. Тие во т.н. Контактна група веќе со месеци наназад се координираат и на политичко ниво која земја какво оружје може да испорача и на кој начин тешката артилерија, како на пример американските ХИМАРС или пак тенковите од Германија и Холандија, може да се транспортираат до украинскиот фронт.
Русија сега мора да реагира на Украина
Таквата помош сега можеби доведе до пресврт, вели германскиот експерт за Украина, Нико Ланге. „Пресудниот момент последниве денови е што Русија сега е присилена да реагира на изјави и потези од Украинците. Досега беше обратно: Украинците мораа да реагираат на сѐ што прави Русија", вели Ланге во разговор со ДВ. Со целниот напад со артилерискиоте ракетни системи ХИМАРС врз складишта со муниција и командни единици на руската војска, Украинците барем за пет до шест пати го намалија гранатирањето на големи површини на истокот и југот на земјата, потврдува украинскиот советник на претседателот Зеленски, Михајло Подолјак во интервју за ДВ.
Според проценките на експертот за источна Европа, Нико Ланге, „Русија сега распоредила значителна воена сила на југот за да се засили во тој дел и да се концентрира на осигурување и задржување на освоените области”.
Според извештај на тајните служби на британското Министерство за одбрана, руските единици го користат како заштита регионот околу најголемата атомска централа во Европа, во Запорожје, на реката Дњепар. „Веројатно руските сили пределот околу централата, а особено градот Енерходар, кој е во непосредна близина, го користат за одмор на нивните сили", се вели во дневниот извештај. Русија го користи „заштитениот предел околу централата за да го намали ризикот од украински напад врз нивната опрема и персонал".
На почетокот на август, шефот на Меѓународната атомска агенција очигледно поради тоа побара повторно пристап до атомската централа. „И по тоа се познава дека војната се менува", вели познавачот на украинските прилики, Ланге, и додава дека „Русија сега е присилена да реагира на постапките од Украина". Тој смета дека митот оти Русија може „неограничено да ескалира” сега е отфрлен и дека Русија на воен план има „страшни” потешкотии. „Северно од Харков и на југот Русите прејдоа кон бранење и покажуваат цврста волја да ја задржат таа освоена територија."
Украинска контраофанзива и со партизани?
Со недели украинскиот претседател Зеленски најавува контраофанзива на југот. Ланге смета дека „украинскиот напад нема да наликува на рускиот ‘воен валјак' со баражен оган. Тие ќе користат и партизани, бунтови во опколените градови, мобилни операции зад непријателските линии." Од опседнатите градови се појавуваат летоци на социјалните мрежи со постери со предупредувања до руските окупатори. На нив стои: „Ги знаеме сите ваши рути на патролите" и „Херсон е украински”.
Ланге оценува дека „Русите имаат голем проблем да ги контролираат овие области”. „Во окупираниот дел околу атомската централа има многу партизански активности: навечер се убиваат патроли на руската војска. И во Мелитопол, како и во Херсон, висат плакати против руските окупатори, има и акции со летоци. „Постојано закачуваат нови пораки”, вели Ланге.
На Твитер украинскиот гувернер на Луганск, кој во најголем дел е окупиран, пишува дека има партизанска акција во општината Биловодск. Таму украинските партизани наводно пукале врз градоначалникот поставен од Русите и врз неговиот заменик, кои притоа биле повредени. Потрагата по украинските герилци потоа била безуспешна, но таквите информации не можеа да бидат потврдени од независен извор.
Зачудувачко е местото на кое се одвивал настанот: Биловодск се наоѓа длабоко во окупираната територија од Русите во Луганск, на само 40 километри од руската граница, северно од поранешната контактна линија, која од 2014 година па сѐ до рускиот напад во февруари годинава го двоеше окупираниот дел од источна Украина од Луганск. Твитот на регионалниот гувернер може да се сфати и како сигнал за западните поддржувачи дека партизанските борби добиваат на значење и во позафрлените региони.
Барање за ракети АТАЦМС
Местото се наоѓа надвор од дострелот на досега испорачаните ракети од САД за ХИМАРС од типот М31 со максимално 84 километри. Артилериските системи поддржуваат и ракети од типот АТАЦМС со дострел од 300 километри. Украина од западната контактна група бара и таков тип оружје. Досега САД беа против испораката, бидејќи украинската армија со нив би можела да погоди и руска територија. Но, подготвеноста да се испорачуваат паметни воени системи во изминатите месеци се зголемува. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вели дека нему тоа му се чини како „видео игра” во која целта е да се достигне повисоко ниво, но пред да го направите тоа, обично умирате неколкупати. Но, за разлика од игрите, каде можете да умирате повеќепати, посочува тој, украинските војници кои се убиени на фронтот имаат само еден живот.