1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Кој е новиот министер за одбрана Умеров?

Роман Гончаренко
5 септември 2023

По обвинувањата за корупција во Министерството за одбрана, украинскиот претседател Зеленски го смени раководниот тим. Идниот министер Рустем Умеров има силни врски со Крим - и Турција.

https://p.dw.com/p/4VxVW
Рустем Умеров, иден министер за одбрана на Украина
Рустем Умеров, иден министер за одбрана на УкраинаФотографија: Thomas Imo/photothek/picture alliance

Кадровската одлука е историска. За првпат во историјата на Украина претставник на кримските Татари ќе раководи со Министерството за одбрана. Тоа е клучна позиција среде агресивната војна што Русија ја води против Украина повеќе од една и пол година.

Претседателот Володимир Зеленски во неделата (3.09) ја објави номинацијата на Рустем Умеров, а парламентот за тоа треба да гласа во текот на неделава.

На министерството му требаат „нови пристапи и нови формати за соработка, како со војската, така и со општеството како целина“, ја објасни својата одлука Зеленски во своето дневно телевизиско обраќање.

Пред да биде донесена одлуката, имаше втор бран обвинувања за корупција во Министерството за одбрана, што сè повеќе го зголемуваше притисокот врз министерот Олексиј Ресников. Најпознати примери се мито во регионалните канцеларии за мобилизирање со цел да се избегне мобилизација и наводната набавка на униформи за војници по претерано високи цени. Првиот бран критики на почетокот на годината беше за прескапо купена храна.

Година и пол по почетокот на руската инвазија, Украина сега првпат го менува шефот на Министерството за одбрана. Кој е новиот министер?

Вклучен во преговорите за житото

Рустем Умеров изгледа како совршен кандидат за оваа работа поради многу причини. 41-годишникот беше на чело на државната доверителска фондација околу една година и беше одговорен за приватизацијата и на тој начин за собирање пари за државната каса, која беше тешко погодена од војната. На пример, институцијата на Умеров за 211 милиони евра продаде подружница на производителот на оружје Укроборонпром, одговорна за преработка и отстранување на остатоците од производството.

Во украинскиот парламент, Умеров беше заменик-шеф на комисијата која го контролира ракувањето со западната воена помош. Меѓу другото, тој беше одговорен за обезбедување поголема транспарентност.

Украина Олексиј Ресников
Олексиј Ресников си заминува од шефовската позиција во Министерството за одбранаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Покрај тоа, Умеров беше вклучен во две особено важни дипломатски иницијативи: тој беше дел од избраната група на украинската делегација на првата рунда преговори меѓу Москва и Киев во Белорусија, веднаш по инвазијата.

Тој беше вклучен и во преговорите за договорот за житото, летото 2022 година во Турција. Договорот со Турција и ОН обезбеди извоз на украинска храна од пристаништата на Црното Море. По речиси една година Русија се повлече од договорот. Обидот на турскиот претседател Ердоган да го оживее договорот повторно пропадна. Ердоган сѐ уште сака да ги продолжи преговорите.

Детство во депортација

Личната историја на Умеров го прави посебен како министер за одбрана. Умеров е кримски Татар и е роден во 1982 година во тогашната советска централноазиска република Узбекистан. Затоа тој има многу посебна врска со Крим, кој беше анектиран од Русија.

Семејството на Умеров потекнува од Крим и, како стотици илјади кримски Татари во времето на советскиот водач Сталин, во 1944 година било депортирано во далечни области. Семејството се враќа во Украина дури во 1990-тите. Затоа тој има „егзистенцијална противречност со руската колонијална и граблива политика“, рече Умеров во интервју за украинскиот весник „Ливиј берех“. Детството, како што вели, го поминал „во депортација“ во Узбекистан.

По студиите по економија, Умеров брзо прави кариера како бизнисмен. Меѓу другото, тој беше шеф на оддел на турска компанија за мобилни телефони во Украина, сè повеќе се ангажираше политички за својот народ и беше советник на водечкиот политички претставник на кримските Татари, Мустафа Џемиљев. Во 2019 година, Умеров беше избран во украинскиот парламент како пратеник од партијата „Холос“ (глас).

Кримски Татари протест
Кримски Татари на протести во Крим во знак на сеќавање на депортацијата од 1944 година (април 2014 година)Фотографија: picture alliance/dpa/P. Alexei

Министер за одбрана со дипломатски должности

Пред сè, врските со Турција и исламскиот свет се тие што го прават Умеров особено вреден за Зеленски. Врските со Турција отсекогаш биле особено важни за Украина. Истакнат пример се беспилотните летала Бајрактар​​купени во Турција, кои ѝ помогнаа на Украина да го одбие првиот руски напад.

Но, тоа не е сѐ. Доколку односите на Украина со Анкара се влошат и руските воени бродови повторно пловат преку Босфор, тоа би претставувало „сериозна закана за украинските води“, рече Умеров во интервјуто за „Ливиј Берех“.

Идниот министер за одбрана очигледно има добри контакти и во САД. Фондација што тој ја основаше коиницираше образовна програма на универзитетот Стенфорд за аспиранти за украински политичари. На Умеров ќе му бидат потребни овие контакти не само за одржување на меѓународната помош за Украина, туку и за проширување на таа помош, особено на Блискиот Исток.

Земјите од овој регион сè уште не ги поддржуваат западните санкции против Русија. Во време на војна, министер за одбрана во Украина е и дипломат. Зеленски очигледно смета на неодамнешните искуства на Умеров и во оваа област.