Убиство на контроверзен бизнисмен во Софија
17 август 2023Бугарските власти во средата, 17 август, 2023, соопштија дека Алексеј Петров, поранешен таен агент кој стана бизнисмен, бил застрелан среде бел ден во Софија.
Петров претходно преживеал два обиди за атентати врз него во Бугарија, соопштија властите.
Петар Тодоров, висок функционер во Министерството за внатрешни работи, изјави за новинарите дека Петров бил на прошетка во Софија, главниот град на Бугарија, со придружничка кога „било пукано во него“. Се вели дека во нападот била повредена и жената.
Турбулентната кариера на Петров од таен агент до бизнисмен и владин советник беше симбол на тешката транзиција на неговата земја од комунизам во демократија.
Имаше два претходни обиди за негово убиство, еден во 2002 година, кога наводно беше ранет во престрелка поврзана со дрога и напад во 2015 година, во кој не беше повреден.
Врски со организираниот криминал
Во последните години, 61-годишникот раководеше со една од најголемите осигурителни компании во земјата. Работеше и како советник на првиот човек на Државната агенција за национална безбедност.
Наречен „Трактор“ поради неговиот бескомпромисен карактер, тој беше уапсен и обвинет во 2021 година за водење на криминална група вмешана во изнуда, рекетирање, трговија со дрога, перење пари и даночно затајување.
Петров беше ослободен со кауција и на крајот беше ослободен од обвиненијата. Во 2011 година неуспешно се кандидираше за претседател на Бугарија.