Бугарија: Атентат врз Гешев или инсценирана претстава
2 мај 2023Атентатот врз главниот обвинител Иван Гешев е повеќе од грозоморен чин- и доколку е вистински обид за убиство, и доколку е инсцениран. Навистина, не треба да се отфрлат сите верзии, како што велат истражителите. Особено кога значителен дел од публиката се сомнева дека се работи за претстава. Затоа што пред само месец и половина Иван Гешев и покрај огромните драматуршки напори не успеа да ја убеди јавноста дека открил обид за државен удар против себе. Зошто сега да не гледаме уште една епизода од истата серија?
Се разбира, како одговорни граѓани, и покрај сите наши сомнежи, мора да претпоставуваме, додека не се докаже спротивното, дека тоа е вистински обид и да очекуваме надлежните органи да ги откријат сторителите и нарачателите. Но, како одговорни граѓани, не можеме да не го сфатиме политичкиот ефект од овој настан, кој повеќе не е во надлежност на националната истрага.
Легитимирање на Иван Гешев
Самиот шеф на националната истрага и заменик главен обвинител Борислав Сарафов изјави дека ова е напад врз државноста. Формално кажано е токму така - атентат на главен обвинител во правна и демократска држава значи токму напад врз државата. Во светот веста би се читала токму вака - во Бугарија криминалците се обидуваат да го убијат тој што им се заканува. Се разбира, ако не знаат каква е состојбата кај нас - имено, дека во Бугарија главниот обвинител не е ноќна мора за криминалците, бидејќи тој главно склучува судски договори со нив. И отвора чадор за политичката мафија. Токму затоа еден од условите за добивање пари од ЕУ според планот за закрепнување е носење правен механизам за истражување на јавниот обвинител.
Така што, првиот посакуван ефект од атентатот е легитимирање на Иван Гешев како врховен обвинител од најчист вид. Појавувајќи се како жртва која за влакно ја избегнала смртта, тој е веќе докажан борец - како судот да му прочитал ослободителна пресуда. Зарем тој не е еден од добрите момци ако лошите момци сакаат да го убијат?
Втората последица е што Гешев е во поповолна позиција да го брани својот недопирлив статус. Се чини јасно дека ќе се собере мнозинство во Парламентот за да се гласа за истражниот механизам на јавниот обвинител. Затоа, пред 20 дена, тој изјави дека истрагата за златните прачки на ноќната масичка на екс-премиерот Борисов ќе биде завршена за неколку недели - без разлика што тој тоа го вети и во јануари. Дали ќе собере повеќе храброст останува да видиме. Но, барем ќе го облече заштитниот оклоп на човек што веќе се обиделе да го елиминираат.
Гешев може и геополитички да се легитимира како цврст евроатлантист и анти-Путин. Не случајно изјави дека ќе го уапси Путин доколку се појави во Бугарија и потпиша со украинскиот колега Костин договор за активна соработка меѓу двете обвинителства во истрагата за злосторствата поврзани со руската инвазија врз Украина.
Отскочна даска за политичка кариера
Сè додека трае истрагата за терористичкиот акт против главниот обвинител, може да се дадат сугестии во која било од овие насоки - дека старите мафијаши го нанишаниле (а тој е трикратен добитник на Благоевградскиот „Џовани Фалконе“ награда), или Борисов конечно е склон да го предаде, или Путин решил да направи шоу без Новичок, или некоја комбинација од сето тоа. Истрагата му е директно подредена нему и тој може, со неговиот добро развиен механизам, да доставува информации до јавноста во обем и брзина согласно тактичката конјуктура.
Конечно, атентатот може да се искористи и како отскочна даска за политичка кариера, ако за Гешев како обвинител играта е веќе завршена. Политичари долго време го повикуваат да се вклучи во политиката поради неговото бескомпромисно политичко однесување, а неговите публицисти веќе шират гласини дека ќе формира партија.
Без оглед како ќе се користи нападот врз главниот обвинител, тој нанесе најголема штета на бугарската јавност. Голем и активен дел од граѓаните имаат длабока недоверба кон јавниот обвинител и сега се претворија во циници. Настан од таков карактер како обид за атентат треба да биде недвосмислено осудуван од целото општество и да ја разбуди јавната енергија за поддршка на државноста. Наместо тоа, Бугарите се поделени во нивните оценки и многумина нема да сочувствуваат до крај - дури и ако ова е вистински акт на тероризам, а не инсцениран. Затоа што обидот за атентат врз главниот обвинител конечно ја дувна довербата на јавноста во обвинителството. Некои луѓе се толку згрозени од јавниот обвинител што не можат да почувствуваат ни основни човечки симпатии кон него. Затоа што за нив тој е нечовек, способен да прави само зло, а атентатот не ја разнесува државата, туку само го разоткрива нејзиното распаднато месо.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.