Демирал ја славеше победата со „волчјиот поздрав“
3 јули 2024Демирал ја славеше победата над Австрија во осминафиналето на Европското првенство во фудбал со ткн. „Волчји поздрав“- кој важи за симбол на организацијата „Сиви волци“. „Сивите волци“ се ултра-националистичка, расистичка и насилна организација. Се смета за најголемо десничарско екстремистичко движење во Германија.
Ниту организацијата ниту поздравот не се забранети во Германија. Според тоа, не постои кривично дело извршено од Демирал. Во Австрија, на пример, поздравот е забранет. УЕФА постојано ги санкционира политичките симболи кои често се сметаат за „несоодветни за спортски настан“. Демирал подоцна на платформата Х ја реобјави фотографијата со поздравот. Засега нема коментар од УЕФА дали поздравот ги прекршува правилата на организацијата и дали дисциплинското тело ќе покрене истрага против Демирал.
„Начинот на кој славев има врска со мојот турски идентитет“, рече Демирал, кој беше избран за „играч на натпреварот“ откако постигна два гола. „Затоа го направив тој гест. Видов и луѓе на стадионот како го прават тој гест“. Зад него „нема скриена порака“. „Сите сме Турци, јас сум многу горд што сум Турчин и тоа е значењето на овој гест. Сакав само да покажам колку сум среќен и колку сум горд." Демирал се надева „дека ќе има уште можности да го покажува истиот гест“. Во сабота од 21 часот во Берлин во четвртфиналето на ЕП, Турција ќе игра против Холандија.
Поздравот на „Сивите волци“ веќе беше видлив во групната фаза. Илјадници турски навивачи славеа на тој начин во бројни германски градови по победите. „Волчјиот поздрав можеше да се види на прославите во секој поголем германски град. Но, тоа е антидемократски симбол“, вели писателот Бурак Јилмаз во изјава за германскиот јавен сервис АРД.
Екстремистички слогани на австриските навивачи
И австриските навивачи пред натпреварот извикуваа десничарски екстремистички пароли. На швајцарската телевизија можеше да се види како навивачите на австрискиот тим ја пеат десничарската екстремистичка парола „Германија на Германците, странците надвор“ придружувана од мелодијата на француската техно-нумера „L'amour toujours". Полицијата во Лајпциг започна истрага за паролите.
Расистичкиот слоган стана познат во Германија преку видео од островот Зилт. Сега се познати и бројни други инциденти. Затоа песната беше забранета на некои фолк фестивали, а не е дозволена и на Европското првенство. Австрискиот фудбалски сојуз бараше песната да се свири на стадионите во Германија по победите на Австрија на Европското првенство, но УЕФА го одби тоа.
За време на групната фаза имаше неколку инциденти кои вклучуваат десничарски екстремизам или национализам. Австриските навивачи, на пример, истакнаа транспарент на кој пишуваше „Одбрани ја Европа“ - слоган на десничарските екстремисти кои се залагаат за радикална промена во миграциската политика. И по мечевите на репрезентацијата на Германија, полицијата пријави десничарски екстремистички инциденти во неколку германски градови.