Даку се извини откако УЕФА покрена дисциплинска постапка
21 јуни 2024Недоличното однесување на албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку по мечот со Хрватска, заврши со извинување и дисциплинска постапка, која што ја покрена УЕФА против него. Даку по крајот на мечот меѓу Хрватска и Албанија на Европското фудбалско првенство во Германија, пред албанските навивачи упати навреди кон Македонците и Србите, што фрли дамка на „фудбалскиот празник“ и наиде на осуда кај европската фудбалска јавност.
„Простете ако навредив некого“
„Простете ако навредив некого по натпреварот со Хрватска. Ефектот на натпреварот си го прави своето. Простувањето е човечко, а јас чувствувам морална и професионална обврска да се извинам. Продолжувам да работам заедно со целиот тим за да ги исполниме нашите соништа“, напиша Даку на социјалните мрежи.
На националистичката реторика на Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, веднаш реагираше и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) кој изрази длабока загриженост и недвосмислена осуда.
Неприфатливо однесување
„Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Спортот, особено фудбалот е основа за здржување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит. Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата“, порачаа од ФФМ.
Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување прати официјален допис до УЕФА. Тие ги повикаа релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти.
Инцидентот се случи по натпреварот на 19 јуни меѓу Албанија и Хрватска.
Унијата на европски фудбалски сојуз УЕФА покрена дисциплинска постапка и против Хрватска и Албанија поради случувањата на натпреварот меѓу овие репрезентации во Хамбург.