1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГрција

Грција-Турција: воена реторика, но без војна

8 октомври 2022

Ѕвечкањето со оружје во Егејското море и заканите на Ердоган за Грција се чини дека доведуваат две земји членки на НАТО на раб на војна. Но, поверојатно е дека станува збор за предизборни пораки за домашната јавност.

https://p.dw.com/p/4HljT
Грчки воени авиони го надлетуваат Акропол во Атина за време на прославата на Денот на грчката независност
Грчки воени авиони го надлетуваат Акропол во Атина за време на прославата на Денот на грчката независностФотографија: Costas Baltas/REUTERS

„Дали Ердоган ќе војува против нас?“ - со ова прашање грчките медиуми ја држат јавноста во неизвесност. Тоа се поставува секојдневно во речиси сите информативни емисии, проследено со тензична музика во заднина.

Ова не е само тема која продава весници. Ширењето страв и помага и на грчката влада да предупредува на „национална опасност“ наместо да се занимава со незгодните проблеми како што е скандалот со прислушкување на опозицијата и новинарите, или високата инфлација.

Но, дури и ако медиумските претерувања ќе се стават на страна, факт е дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сè почесто и се заканува на Атина.

„Еј, Грци! Погледнете ја историјата. Ако продолжите вака, цената ќе биде многу висока,“ повтори тој неколкупати во изминативе недели. Со тоа Ердоган сака да ја одбележи 1922 година кога основачот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк ја поразил грчката војска и го протерал грчкото население од Мала Азија. Стотина години по „малоазиската катастрофа“ како што го нарекуваат Грците овој пораз, Ердоган се заканува со реприза: „Можеме да дојдеме ненадејно една ноќ,“ најавува тој.

Може ли Ердоган да си дозволи војна?

Дали заканите се сериозни? Дали турскиот претседател навистина има намера да подигне борбени авиони и да ги нападне грчките острови во источниот дел на Егејското Море, како што најавува на големо? За овие прашања ќе се разговара и на основачкиот самит на Европската политичка заедница во Прага, кој се одржува во четврток и петок (6 и 7 октомври). Станува збор за нов формат на ЕУ на кој, меѓу другото, се поканети и земјите од Западен Балкан и Турција. Се работи и за тоа дали и како ЕУ и Турција можат да се зближат и подобро да соработуваат во контекст на руската војна против Украина.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, фотографирани за време на средбата во Истанбул во март 2022
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, фотографирани за време на средбата во Истанбул во март 2022Фотографија: Murat Cetin/Turkish Presidential Press Service/AFP

Но според мислењето на повеќето експерти и набљудувачи едно е сигурно – реториката на Ердоган звучи воинствено, но најверојатно не е сериозна. Шефот на турската држава едноставно не може да си дозволи војна против Грција која е членка и на ЕУ и на НАТО.

НАТО и САД нема да дозволат војна

Причините се повеќекратни: Прво, шансите на Ердоган да победи во таква војна се неизвесни. Второ, тој треба да биде свесен дека НАТО, а особено САД, никогаш нема да дозволат нејзината членка Турција да војува против Грција. Тие веќе го направија тоа во 1996 година за време на кризата на островот Имија, кога избувнаа помали конфликти меѓу Грција и Турција за два ненаселени острови. А НАТО и САД во овој момент веројатно би го направиле тоа уште порешително. Поради војната на Русија против Украина, НАТО не може да си дозволи да биде ослабен со воен конфликт меѓу нејзините две членки.

Имено американските воени бази на Крит и во Александропулос во источна Грција се важни за военото снабдување на трупите на НАТО во источна Европа и пружање на воена помош на Украина. Ердоган пак по неуспешниот воен удар во 2016 против него, води политика на „контролирани тензии“ со поостра реторика.

Во Турција кон средината на следната година треба да се одржат парламентарни и претседателски избори, поради што актуелните настапи на Ердоган звучат и доста милитаристички. Се чини дека на тој начин сака да му се додвори на своето гласачко тело.

Опасноста е во тоа што турските воени авиони речиси секојдневно продираат во грчкиот воздушен простор а грчки ловци „ги бркаат“. До сега немало ексцеси, но не може да се исклучи веројатноста дека некој пилот може да ги загуби нервите и да настане кобна грешка.

„Опасни игри“

Иако долги години Турција и се закануваше на Грција со војна доколку Атина ги прошири територијалните води околу островите на 12 наутички милји - што инаку е во согласност со меѓународното право - турскиот претседател сега ја врти плочата и ја прикажува ситуацијата како Грција да и се заканува со војна со Турција.

Тој ја обвинува Грција дека игра „опасни игри“ поради военото присуство на некои грчки острови и ветува дека „ќе ги искористи сите достапни средства доколку е потребно“ за „да ги брани правата на турскиот народ“. Во соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи пак следи стандарден одговор: „Не и се закануваме на Турција“, се вели во соопштението, очекувајќи дека Анкара ќе се откаже од ѕвечкање со оружје и ќе му се врати на дијалогот „заснован на меѓународното право и меѓународното поморско право“.

Карта на грчките острови во Егејското море во близина на Турција
Карта на грчките острови во Егејското море во близина на Турција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис демонстративно се обидува да ја задржи ладнокрвноста. Во говорот пред Генералното собрание на ОН порача: „Сакам да ви кажам дека Грција не претставува закана за вашата земја. Ние не сме непријатели. Ние сме соседи.“

Состанок во Прага?

Досега Ердоган не изразил никаква подготвеност да влезе во дијалог со Мицотакис. Но, барем Ибрахим Калин, најважниот советник на турскиот претседател, не ја исклучи можноста за средба меѓу Ердоган и Мицотакис на маргините на самитот во Прага. Ниту Мицотакис нема голем интерес за суштински дијалог со Ердоган. Додуша, нему му е важно да се претстави како добар и доверлив партнер на меѓународно ниво.

Но, премиерот знае дека неговата конзервативна партија Неа Демократија и мнозинството избирачи се противат на преговори за решавање на грчко-турскиот спор. Национализмот не е проблем само во Турција туку и во Грција, каде парламентарните избори исто така се закажани за следната година.

Значи доколку меѓународниот притисок е успешен и во Прага се случи средба меѓу Ердоган и Мицотакис, тогаш веројатно и двајцата ќе влезат во дијалогот без амбиции за реално отстранување на тензиите.

 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки