1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниту две плати не се доволни за да се преживее месецот

ДТЗ
9 мај 2023

Инфлацијата опаѓа, но цените на храната не се даваат. Речиси 50 илјади денари му се потребни на едно семејство за да ги подмири основните трошоци. Како да се преживее со минималец?

https://p.dw.com/p/4R5Og
потрошувачка кошничка
Ниту две плати не се доволни за да се преживее месецотФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Ниту две минимални плати не се доволни за да се преживее месецот. Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во април изнесувале 49.384 денари, што значи дека на едно семејство со две минимални плати од околу 20 илјади денари ќе му недостига барем уште половина плата за да може да ги подмири основните потреби. 

Најмногу пари или 19.224 денари биле потребни за храна и пијалоци, како и за режиски трошоци (13.423 денари).  

Од Сојузот на синдикати на Македонија, кои ја изработуваат  синдикалната потрошувачка кошничка, велат дека еден функционер со неговата плата покрива три синдикални минимални кошнички, а еден работник со две и пол минимални плати не може да ја покрие потрошувачката кошничка. 

„И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалоци за само една година се зголемени за 2.766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храна и пијалоци во делот на Синдикалната минимална кошница што покажува дека функционерите си го гледаат само нивниот интерес и знаејќи го овој факт си ги зголемија нивните плати за 2.000 денари дневно или за 78 проценти месечно“, велат од ССМ.  

Приходите мали - потрошувачката голема 

Според Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во април 2023 година, во однос на април 2022 година, бележи зголемување од 13 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 10,1 отсто. Забележан е и пораст на индексите на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, и тоа кај цигарите за 8,1 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 2 отсто, месото за 1,4 отсто, виното за 1,2 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,5 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, жестоките пијалаци за 0,4 отсто, рибата и морските плодови за 0,2 отсто.

трошоци за живот
Статистиките од регионот потврдуваат дека месечните расходи за храна растат и се повисоки од приходите. Заштедите на граѓаните полека се „топат“, а платите не растат до тој степен за да ја подмират потрошувачката кошничка.Фотографија: Petr Stojanovski

Во понеделникот министерот за економија, Крешник Бектеши, повикувајќи се на најновите статистички податоци, информираше дека Северна Македонија е најевтина земја во регионот во делот на цените на прехранбените производи и нафтените деривати. Само од октомври 2022 до крајот на април годинава забележано е намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отсто, што според министерот, е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во државата. 

Во април инфлацијата е намалена на 13 отсто, а споредбено со октомври кога почна ценовниот шок намалувањето на инфлацијата е речиси седум отсто.Бектеши смета дека овој тренд на намалување на инфлацијата ќе продолжи, а ако не се случи нешто непредвидливо, очекува во јуни таа да биде под пет отсто. 

Споредба со регионот 

Министерството за економија секојдневно ги следи случувањата во делот на утврдување на цените и во трговијата на големо и во трговијата на мало. Деновиве Бектеши на социјалните мрежи направи споредба на цените на основните производи во земјата и во регионот. Па така, според него, лебот се продава по цена од над 45 денари, тестенините можат да се купат по цена повисока од 60 денари, алпското млеко достигнува цена над 125 денари, јаболките чинат од 75 денари па нагоре, додека доматите можат да се набават по цена повисока од 110 денари.

Македонската Влада ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, од 5 април се замрзнати цените и на 11 видови овошје и зеленчук. Претходно беше донесена одлука за замрзнување на цените на основните производи, јајцата и оризот, тестенините и млечните производи. 

Крешник Бектеши, министер за економија
Крешник Бектеши вели дека Северна Македонија е најевтина земја во регионот во делот на цените на прехранбените производи и нафтените деривати.Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Во изминатиот период рапидно беше намалена и цената на дизелот и на другите нафтени деривати, поради што министерот Бектеши смета дека е логично да има намалување во делот на цените за транспорт. 

„Цената на нафтените деривати се одредува во берза, но фискалните политики (акцизи, ДДВ итн.) имаат значително влијание врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите.Затоа, поради владините политики за справување со кризата, имаме најевтини цени на нафтата во регионот“, вели министерот, правејќи споредба со цените во регионот. Па така, ако во Северна Македонија нафтата е - 1,09 евра или 67 денари, во Косово цената е 1,29 евра или 73-79 денари, во Албанија - 1,50 евра или 93 денари“, во Србија 1,51 евра или 93 денари. 

Статистиките од регионот исто така потврдуваат дека месечните расходи за храна растат и се повисоки од приходите. Заштедите на граѓаните полека се „топат“, а платите не растат до тој степен за да ја подмират потрошувачката кошничка. Па така, на пример, во Република Србија, просечните месечни трошоци за лична потрошувачка лани биле повисоки од месечните приходи, коишто се околу 670 евра. Најголем дел од средствата се трошеле за храна и безалкохолни пијалоци - 36 отсто, додека домаќинствата се чини дека трошат најмалку на здравје - 4,4 отсто од приходите.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема