Замрзнатите цени ќе скокаат од вторник
7 април 2023Владата откако ги замрзна цените на овошјето и зеленчукот во пресрет на празниците, најавува нова корекција со која тие би можеле повторно да раснат. Најавите се дека на владина седница во вторник ќе се ревидираат цените на 11 видови овошје и зеленчук кои требаше да бидат замрзнати до крајот на април.Причината за тоа, според министерот за економија Крешник Бектеши е што увозниците пријавувале малку зголемени увозни цени кај доматите и краставиците. Најавите се дека ниту еден од производите кои беа замрзнати, нема да има цена повисока од 100 денари за килограм.
„Никако нема да има цени како пред десетина дена кога во малопродажба се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 денари и погоре“, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој по средбата со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија изјави дека „денешните податоци покажуваат мало зголемување на увозните декларации на некои производи и би требало да се коригираат и цените кои се наведени во одлуката“.
„Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март, па до денеска. Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната“, вели Бектеши.
Доматите и краставиците со нови цени
Најавите се дека ќе има мала корекција во делот на доматите и краставиците заради тоа што нема веќе увоз од Турција и од Грција, каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија.
Во првите четири месеци од годината во земјата генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. „Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук“, вели Бектеши.
Министерот најави дека ќе се прават контроли на направениот увоз во последните месеци и најави санкции за оние увозници кои до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.