Три години во НАТО: Алијансата заштитува и обединува
27 март 2023Северна Македонија пред три години, токму на денешниот ден - 27 март, оствари една од нејзините стратешки цели - стана членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО алијансата.
„Горд сум и што моите, нашите деца овој ден ќе го изучуваат како еден од најсветлите денови во нашата историја. Затоа што овој ден ја гарантира и нивната иднина. 27. март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никој. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и забрзано“, порача премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста која што се одржа во касарната „Илинден“, по повод тригодишнината од членството во НАТО.
Според Ковачевски,НАТО заштитува, обединува и зацврстувa. „Пред се, да се биде НАТО е силна гаранција на нашата територија и безбедност, од страна на најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. Печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет“, вели тој.
Одлуки за светската безбедност
Да се биде НАТО, значи и да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните. Да се чува македонскиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за безмалку една милијарда луѓе, кои живеат во заеднички демократски вредности.
„Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните“, порача премиерот. Тој оцени дека националната одлука за членство во Алијансата, ги проби бариерите на партиите, религиите и народите, и ги обедини. „Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската Унија“, порача тој.
Вистинска одлука
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека денеска гордо велиме: Ние сме НАТО, зашто знаевме да бидеме храбри, знаевме како нација да донесеме вистински одлуки, кои од оваа перспектива, биле навистина донесени во вистинско време. Осврнувајќи се на воената брутална инвазијата која Русија ја врши врз Украина, таа потенцираше дека од првиот момент Северна Македонија беше јасна.
„Одлучно и цврсто стоиме на ставот – НЕ за војна, НЕ за страдања, НЕ за невини жртви“, децидна е министерката.
Со исполнување на сите задачи во воениот дел, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија Васко Ѓурчиновски, смета дека Армијата покажала дека сигурен и одговорен партнер.
„Донесовме одлуки за помош и поддршка на суверена земја која прави сè за да се одбрани од надворешна агресија, и тоа го направивме со разум и со цел да му помогнеме на народот кој сака само да биде свој на своето, да го заштити сопствениот суверенитет на кој има полно право.Со континуирана одлучност, тридецениска напорна работа и посветеност успеавме да ја оствариме и најбрзата воена интеграција во НАТО, цел која ја постигнавме за 19 месеци од нашето полноправно членство“, нагласи тој.