1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славјанка Петровска: Нема ризици за нашата безбедност

21 март 2022

Нема информации дека е загрозена безбедноста на земјите во регионот, вели министерката за одбрана. Во меѓувреме, земјата се подготвува за најголемата воена вежба досега

https://p.dw.com/p/48mNw
Nordmazedonien Verteidigungsministerin Slavjanka Petrovska
Фотографија: MOD North Macedonia

Северна Македонија пред две години стана 30-тата членка на НАТО и е дел од тој колективен систем за одбрана. Како се чува македонското небо, како се опремува и модернизира македонската Армија и постојат ли безбедносни ризици за земјата и регионот - беа дел од прашањата за кои разговаравме со министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

„Како членка на НАТО, нашата земја е дел од колективниот систем за одбрана и имаме континуирано набљудување на воздушниот простор. Во составот на АРМ има батаљон за воздушно набљудување, во кој се наоѓа Центар за командување и контролирање на воздушниот простор. Тој е во координација со М-НАВ, со соседните центри за воздушно набљудување и со Центарот за воздушни операции во Лариса. Главниот центар за воени операциии на НАТО е во Торехон, Шпанија, кој е одговорен за земјите од јужното крило на НАТО, меѓу кои сме и ние. Дополнително, со Грција имаме склучен договор за патролирање, па ако има потреба и нивни авиони би надлетувале. Како сопствен капацитет ние имаме систем за противоздушна одбрана“, објаснува министерката.

Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

Модернизирање и опремување

Во моментов прилично раздвижено е во источното крило на НАТО. Минатата сабота, при посетата на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на Софија, се разговараше за мултинационалната борбена група што се формира на територијата на Бугарија во функција на зајакнување на источното крило на НАТО, а со очекување уште повеќе земји да се вклучат во неа, нешто за што било разговарано и на минатонеделниот министерски состанок на НАТО во Брисел. Дали такво учество се очекува и од  Северна Македонија?

„Официјално  досега не е побарано.  Сега се прават проценки на потребите, но извесно е дека може да бида побарано. Ако биде побарано, би се придружиле соодветно на нашите капацитети“, вели Петровска.

По средбата со Остин, бугарскиот премиер Кирил Петков изрази задоволство што САД одговориле на барањата за зајакнување на борбената група, и што на Бугарија ќе и достават оклопни возила од типот „Страјкер“.

Такви оклопни возила очекува и Северна Македонија. Македонската Влада уште на крајот на 2020 година најави дека ќе го продолжи процесот за набавка на лесни оклопни возила од САД. Се работи за повеќегодишен проект започнат во 2018 година, како есенцијален дел во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на Армијата. Лани во март американската Агенција за соработка во одбраната објави дека Стејт департментот донел одлука да ја одобри продажбата на 54 лесни оклопни возила од типот „Страјкер“. Според македонското Минстерството за одбрана, првите „страјкери“ (само дел од вкупната набавка) треба да почнат да се испорачуваат од 2023 година, а останатите ќе пристигнуваат циклично. Но она што се очекува да пристигне побрзо, во втората половина на годинава, се првите шест околопни возила „JLTV“ (Joint Light Tactical Vehicle) од околу 40 нарачани.

Со 220 милиони евра или 1,7% од БДП планирани за модернизација и опремување на македонската армија, според Петровска, тој процес на опремување тече во континуитет.

Mazedonien Soldaten
На вежбата што ќе трае од 12-ти до 16-ти мај на полигонот Криволак ќе има 4.000 учесници, од кои 350 македонски војнициФотографија: Georgi Likovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Најголема вежба досега

Капацитетите на домашната и партнерскитe армии наскоро ќе бидат презентирани на најголемата воена вежба што досега се одржала во земјава, со 4.000 учесници, од кои 350 македонски војници. Вежбата ќе трае од 12-ти до 16-ти мај на полигонот Криволак, но подготовките почнуваат уште во текот на месецов. Од 28-ми март ќе почнат да пристигнуваат првите учесници од земјите партнери во Алијансата. Во текот на вежбата ќе бидат изведувани десантни операции, неколку стотици падобрански скокови, надлетувања од хеликоптери и од авиони - транспортните C-130 и C-27, како и од борбените А-10.

Но, во фокусот на домашната јавност е прашањето - дали постојат ризици  конфликтот да се прелее во регионот на Западен Балкан.

„Нема информации дека е загрозена  безбедностана земјите во регионот“, вели Петровска.

„Реални закани нема. Нашите надлежни институции преземаат мерки за следење и известување во однос на евентуални ризици, но според сите досегашни информации од релевантите служби, засега нема реална опасност за стабилноста и безбедноста“, вели министерката за одбрана.

Истите оценки Петровска ги слушнала и во разговор со нејзините колеги од регионот.

„Но, ваквиот тип на конфликти покажуваат колку е важно земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во интегративните процеси, особено во  европската интеграција,  со што ќе се елиминираат можностите за влијание од трети земји“, вели министерката за одбрана.