1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

Деца умираат поради нефлексибилноста на државата

ДТЗ
30 мај 2023

Најмалку 700 лица немаат државјанство, а со тоа им се ускратени речиси сите нивни права. Мемет Камбер и Тони Сали се две млади, „невидливи“ момчиња за државата, чии животи згаснаа без да ги остварат своите права.

https://p.dw.com/p/4RyDI
лична карта
Последните случаи апармираат дека живеењето без лични документи е ризик кој може да има трагичен крај. Фотографија: Fatos Musliu/DW

Во Северна Македонија има најмалку 700 лица кои немаат државјанство, а со тоа им се ускратени речиси сите нивни права. Иако постојано се најавува дека ќе се стави крај на бездржавјанството, се редат случаи коишто алармираат и потсетуваат дека живеењето без лични документи е ризик кој може да има трагичен крај. За само две години, два случаи ќе останат сведоци за бавноста на институциите, неизлегувањето во пресрет на најранливите и решавањето на горливиот проблем на децата кои не сакаат повеќе да бидат нарекувани „фантоми“. 

Мемет Камбер и Тони Сали се две млади „невидливи“ момчиња за државата чии животи згаснаа без да ги остварат своите права. Но, нивните судбини, како и на уште стотици како нив се „видливи“ и бараат итен ангажман од државата за да им даде шанса за нормален живот. Во битката не се осамени - бројни невладини организации и Здружението на млади правници им помагаат да ја извојуваат мачната битка за да добијат документи и право на лекување, работа и живот.  

Апел да се стави крај на бездржавјанството 

Смртта на 20-годишниот Мемет Камбер, продавач на списанието „Лице в лице“, веќе неколку денови ја бранува јавноста. Се посилни се апелите и притисокот врз институциите за да ги преземат сите потребни чекори за да се стави крај на бездржавјанството. 

Младиот колпортер минатата недела починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Не поседувал здравствена книшка и немал можност редовно да оди на здравствени прегледи. Починал поради нетретиран дијабетес, бидејќи немал пристап до здравствени услуги заради некомплетна лична документација. Задоцнетата документација за идентитет, личната карта, ги ставила на ‘почек’ сите потреби, услуги, замисли за поинаков живот на еден млад човек. Неговата прва посета на болницата била всушност неговиот последен крик за помош од институциите.  

„Секојдневно сме преплавени со случаи на граѓани за кои државата нема разбирање. Не можат сите граѓани да се стават во ист ќош, бидејќи бирократските проблеми на многумина сериозно им го отежнуваат животот и им ги ускратуваат основните права“, вели за ДВ Зоран Дранговски од Македонското здружение на млади правници. 

Случајот со Камбер, според него, е поинаков од другите. Мемет Камбер имал извод од матична книга на родени, но тој никако не успеал да извади и лична карта. „Причината за тоа е законска одредба во МВР за издавање на прва лична карта, при што мора да биде присутен и еден од родителите или старател“, објаснува Дранговски. 

Поради сплет на околности, Камбер немал ниту еден од родителите покрај себе кој би можел да посведочи за неговиот идентитет. Се обидел да извади документи во МВР, но бил одбиен. Државата не можела да ја лоцира неговата мајка, а немал ниту имотен лист со кој ќе се утврди точната адреса на живеење. Живеел во нелегализиран објект.

Истата судбина ја дели и неговиот помал брат. И тој е колпортер на „Лице в лице“ и се соочува со истите законски бариери коишто му го попречуваат правото на здравствена заштита и вработување.  

Бројни ограничувања 

„Ова не е изолиран случај, има голем број граѓани коишто се соочуваат со сличен проблем. Повеќепати сме имале разговори со МВР околу ваквите законски одредби, бидејќи имавме и случај на 20 годишна странка која поседуваше македонски пасош, но не можеше да извади прва лична карта без присуство на родител“, објаснува Дранговски. 

Објаснувањето на надлежните институции било дека ваквата одредба е во функција на заштита од злоупотреби на идентитетот на децата. Има и случаи каде родителот е во затвор, поради што детето исто така не може да го оствари своето право и да извади лична карта. 

деца
Во Северна Македонија има најмалку 700 лица кои немаат државјанство, а со тоа им се ускратени речиси сите нивни права.Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Varley

„Вториот проблем со кој често се соочуваме е за лицата коишто живеат во нелегализирани објекти. Многумина немаат лична карта оти немаат законско живеалиште. И така се вртиме во круг“, вели младиот правник. 

Бројните ограничувања им го загорчуваат животот на многумина.

„Лицата кои немаат документи не можат да излезат на отворен пазар на труд, не можат да најдат вработување, а со тоа не можат ниту приватно да се лекуваат“, вели за ДВ Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјален ментор во „Паблик“. 

Оставени на милост и немилост 

На тој начин оставени се на милост и немилост цели семејства, кои останале без документи не по своја вина. Поради тоа, нашата соговорничка вели дека државата мора да изнајде механизми за да им излезе во пресрет на лицата без документи, да покаже пофлексибилен однос со цел да ги остварат своите права пред да биде предоцна. 

До кога државата нема да преземе одговорност за лицата без лична идентификација/лица надвор од системот за здравствено осигурување? До кога ќе треба да згаснуваат млади животи за да се направат промени во законот за стекнување на лична идентификација? Невладините организации и здруженија апелираат да се донесе Закон за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација.

Здружението за правата на жените во Шуто Оризари бара од институциите веднаш да изнајдат соодветно решение за олеснување на постапката за стекнување на прва лична карта, односно доколку и двајцата родители се живи но едниот од нив поради непознати причини не живее со детето, да не постои препрека за стекнување на лична идентификација на детето.

Правото на живот и правото на здравствена заштита се основни човекови права и сите граѓани мора да имаат пристап до здравствена заштита без оглед дали поседуваат лични документи. Од УНХЦР бараат сите чинители да ги преземат потребните чекори за да стават крај на бездржавјанството оваа година и да дадат гаранции дека ниту еден живот повеќе нема да биде загубен заради немање пристап до услуги од витално значење.  

„Непостоечки“ граѓани - фантоми во Македонија