1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагедија во Градачац - грешка на системот или на поединци?

Самир Хусеиновиќ
15 август 2023

Масакрот во Градачац можеби немаше да се случи доколку поединци во системот постапуваа професионално, велат соговорниците на ДВ, истакнувајќи дека наместо адекватна политика, на сцена е политиканството.

https://p.dw.com/p/4VBNb
Босна и Херцеговина | протест во Сараево против фемицидот
Протести во Сараево по убиствата во ГрадачацФотографија: Samir Huseinovic/DW

Босна и Херцеговина (БиХ) е шокирана од повеќекратното убиство „кои можеше да се спречи - доколку функционирале надлежните судски и полициски системи, доколку поединци во системот постапувале професионално, доколку политичарите создаделе предуслови за такво делување... Ниту еден од овие услови не беше исполнет“, вели во анализа за ДВ поранешниот судија, обвинител и адвокат Вехид Шехиќ. Но, тој сепак помалку го обвинува „системот“, а повеќе поединци во надлежните институции. „Очигледно е дека некои во центрите за социјална работа, полициските управи и судството не работеле како што треба“, вели Шехиќ.

Соговорникот на ДВ забележува дека не му се пристапило доволно внимателно на проблемот на „опакиот човек“ како Нермин Сулејмановиќ, кој во петокот (11.08.) уби три лица во Градачац, меѓу кои и неговата партнерка Низама Хеќимовиќ, потешко рани едно лице, а потоа изврши самоубиство. Посебно загрижуваат „индикациите дека одредени полицајци му помогнале на убиецот да дојде до жртвата“, изјави по трагедијата во Градачац министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ. Тој очекува истражните органи да утврдат кој ја направил грешката, односно дали имало „соработка меѓу вработените во полицијата и Сулејмановиќ“, кој ја убил Низама во присуство на ќерката и тоа го пренесувал во живо на Инстаграм.

Поддршка за убиецот на социјалните мрежи и „copy-paste“-решенија

Најмалку 15.000 луѓе го следеа „крвавиот поход“ на Сулејмановиќ на социјалните мрежи, а федералната полиција уапси 40 лица кои го поддржувале во текот на преносот „во живо“. Затоа министерот Нешиќ изјави дека мора да се поведе „многу повеќе“ сметка за менталното здравје на босанско-херцеговското општество.

„Не можеме да ја амнестираме ниту судијката која, очигледно, набрзина и недоволно посветена на случајот, донесла одлука да ја одбие жалбата на жртвата и да не го прифати барањето за забрана за приоѓање“, изјави Нешиќ. Судијката од Градачац, Лејла Нумановиќ, како што објавија медиумите во Босна и Херцеговина, дел од решението го „копирала од друг предмет“.

Но, одлуките за забрана за пристап до жртвата не секогаш даваат резултати, забележува Вехид Шехиќ. „Сведоци сме, а тоа го потврдуваат и анализите не само во Босна и Херцеговина, туку и во Хрватска и Србија, дека многу убиства биле извршени токму од оние на кои им било забрането да ѝ се приближуваат на жртвата“, вели соговорникот на ДВ.

Босна и Херцеговина | протест во Сараево против фемицидот
„Против насилство“ и за „запирање на фемицидот“ - илјадници луѓе се собраа на протести во Сараево, Мостар, Зеница, Тузла...Фотографија: Samir Huseinovic/DW

Недостасувале превентивни мерки

Шехиќ предупредува и на други пропусти, посочувајќи дека врз основа на минатото на Сулејмановиќ и кривичните дела што ги направил, можело да се претпостави дека насилничкото однесување ќе се повтори. „Изостанале превентивни активности за заштита на жртвата. Потфрлиле центрите за социјална работа и одредени полициски служби кои требало да ѝ помогнат на жртвата, да ја стават под надзор, особено по претходната пријава дека Сулејмановиќ извршил насилство врз неа“, вели Шехиќ. Соговорникот на ДВ смета дека е крајно време за анализа на законските решенија и заострување на казните за вакво насилство. „Еве, гледаме и дека се бара фемицидот да се признае како посебно кривично дело во Кривичниот закон на Босна и Херцеговина, бидејќи само во претходните две години во Босна и Херцеговина биле убиени 19 жени“, забележува Шехиќ.

Многумина во БиХ реагираа на тројното убиство и самоубиството во Градачац, но немаше соодветна политичка реакција, нагласува Вехид Шехиќ. „Не е доволно луѓето од политиката, од власта да изразат сочувство, треба да направат нешто конкретно, но досега не сум слушнал таков предлог“, вели Шехиќ.

Политички манипулации наместо адекватна реакција

Наместо адекватна политичка реакција која би обезбедила поповолни услови за функционирање на системот и на поединците, следеше „политикантство“ и „манипулација“ - сметаат аналитичарите. Властите на Република Српска (РС) прогласија ден на жалост на ниво на ентитет (подоцна тоа го направи и Федерацијата Босна и Херцеговина, а претходно и округот Брчко), додека српските министри од РС во Советот на министри на Босна и Херцеговина гласаа против одлуката за прогласување на ден на жалост на ниво на државата БиХ. И со ова, како што вели психологот и политички аналитичар Ибрахим Прохиќ, се сака да се покаже дека босанското општество е „болно“, а БиХ како држава е „нефункционална“.

Медиумите пишуваат дека министерот Сташа Кошарац бил „најголемиот застапник“ за тоа државата да не прогласува ден на жалост. Според порталот Klix.ba, тој барал оправдување во тоа што РС претходно прогласила ден на жалост и дека одлуката на државно ниво ќе била „пренос на надлежност“. Поради тоа, тој беше критикуван во Федерацијата Босна и Херцеговина, каде се забележува дека токму Кошарац во неколку наврати бил пријавуван за семејно насилство од страна на поранешната сопруга.

Босна и Херцеговина | протест во Сараево против фемицидот
Многумина во Босна и Херцеговина реагираа на тројното убиство и самоубиство во ГрадачацФотографија: Samir Huseinovic/DW

Доминација на „антивредности“ и „лажни чувства“

Бројни критичари потсетуваат дека Советот на министри на Босна и Херцеговина пред три месеци едногласно одлучи да прогласи ден на жалост во Босна и Херцеговина поради масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград. Отсуството на адекватна одлука на Советот на министри по масакрот во нивната земја го критикуваше и заменик-министерката за човекови права на БиХ, Душка Јуришиќ. „Тоа се лоши, патетични обиди за девалвирање на државата. Повторно ќе ги стави во центарот на вниманието оние чие насилство врз жените го истражуваа и парламентарните комисии“, рече Јуришиќ, алудирајќи на Кошарац.

„И државата и општеството, односно сите граѓани, се заложници на бесчувствителна политика и корумпирани моќници поврзани со властите, мафијата и насилниците“, вели Ибрахим Прохиќ за ДВ. Тој тврди дека дури и во случајот со трагедијата во Градачац, се манифестирала „недозволена манипулација за политички цели“. „За етаблираните политичари, ниедна универзална вредност не е света. Доминираат антивредностите, а бруталната сила не остава простор за емпатија. А, постои и друг модел со лажни чувства“, вели Прохиќ.

Стоп за насилството врз жените. Доста е!

Повторувањето на трагични епизоди е последица на неодговорност

Соговорникот на ДВ потенцира дека државата е должна да обезбеди заштита на граѓаните и да спроведе истрага кога ќе се случи трагедија. „Но, во Босна и Херцеговина нема независна истрага, нема превенција, нема елементарна одговорност, така што повторувањето на трагични епизоди е логична последица“, предупредува Прохиќ.

На протестите што се одржаа во понеделникот (14.08) во неколку градови во Босна и Херцеговина, можеа да се слушнат и критики за системот и приговори поради отсуството на соодветна политичка реакција. На протести „против насилство“ и за „запирање на фемицидот“ се собраа илјадници луѓе во Сараево, Мостар, Зеница, Тузла... Соопштени се барања, изнесени се очекувања и упатени се критики кон властите со истакнување пароли како „Кажи 'не' на насилството“, „Молкот е одобрување“, „Стоп за фемицидот“...

Во Сараево, градоначалничката Бенјамина Кариќ прочита 16 барања кои Градот ќе ги испрати до надлежните институции. Меѓу другото, се бара да се утврди одговорноста на полициските службеници и носителите на судски функции и соодветно санкционирање на пропустите. Се повикува на зголемување на капацитетот на безбедните куќи за жртвите на насилство и воспоставување институционална поддршка преку системот за социјална заштита. Се бара и построг пристап во случај на повторување или ескалација на насилството, како и повикување на одговорност и санкционирање на полициските службеници во случај на неадекватен одговор на насилството. Слични пораки беа испратени и од други градови во Босна и Херцеговина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема