1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ти зборувам ќерко, сети се снао: порака до Судскиот совет

20 јуни 2023

По изјавата на холандскиот амбасадор дека Судскиот совет е нелегитимно тело, двајца членови си поднесоа оставки. Дали ќе има повеќе по изјавата на министерот за правда?

https://p.dw.com/p/4SnVt
Македонскиот министер за правда, Кренар Лога зборуваше за можен престанок на мандатот на Судскиот совет
Македонскиот министер за правда, Кренар Лога зборуваше за можен престанок на мандатот на Судскиот советФотографија: Reg. Nordmazedonien

Недостапност или воздржаност владее во Судскиот совет по вчерашата изјава на министерот за правда, Кренар Лога, дека власта и опозицијата деновиве ќе разговараат да се најде решение за престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело.

„Тоа што се случи во Судскиот совет сите нè загрижува и го осудуваме. Имам дискусии и со политичките партии и со власта за да најдеме решение. Можеби едно од решенијата ќе биде со законски преодни одредби да има престанок на мандатот на сегашниот состав на Судскиот совет. Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии“, најави вчера министерот за правда.

Во Судскиот совет владее молк. Претседателот Сашко Георгиев е недостапен, а еден од членовите кој одговори на ДВ, кусо рече дека „не би се впуштал во коментари на изјави од претставници на извршната власт".

Превирањата во Судскиот совет кулминираа по незаконската смена на претседателката Весна Дамева, по што експертската јавност изрази очекувања Судскиот совет да поднесе колективна оставка, бидејќи е искомпромитирана неговата работа. Такво нешто не се случи.

Пред десетина дена само двајца членови си поднесоа оставки во Судскиот совет - судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радева-Стефкова, кои ги образложија причините, укажувајќи на одлуки на Советот со кои не се согласувале. Но, ова не предизвика и други оставки, туку оглас за пополнување на испранетите места.

Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева: Превирањата во Советот кулминираа по нејзината незаконска смена.
Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева: Превирањата во Советот кулминираа по нејзината незаконска смена.Фотографија: Petr Stojanovski

Претходно, холандскиот амбасадор во РСМ, Дирк Јан Коп, даде многу остри критики за состојбата во правосудството, а за Судскиот совет рече дека „станал нелегитимно тело". Kако резултат на тоа, Холандија го стави во мирување проектот МАТРА" поддржан од Кралството Холандија, кој беше насочен кон зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.

Новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, изјави дека се непријатни таквите укажувања, но уверуваше дека Советот работи во согласност со законот, и најави дека во најскоро време ќе иницира средба со амбасадорот за да му појасни дека бил избран законски.

Исчезната отчетност

Но, Георгиев досега не стигнал ни да објасни зошто до Министерството за правда сѐ уште не се испратени записниците од седниците на Судскиот совет, на кои беше разрешена претходната претседателка. Одговорајќи на прашање, ова го соопшти министерот Лога, кој рече дека сè уште не ги добил сите записници што ги побарал пос разрешувањето на Дамева, а немало ни објаснување зошто не се доставени.

Неодамнешните резултати од истражувањето „Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија“ на ОБСЕ и ДКСК, покажаа дека 46% од анкетираните судии (ретко, често и постојано) искусиле притисоци од своите колеги судии, 42% дека искусиле сличен притисок или влијание и од судии од повисок ранг (претседатели на судови или судии од повисоките судови), 36% искусиле некој вид влијание или притисок од извршната власт, 37% од политичките партии, 35 % од претставници на деловниот сектор и 32 % од членовите на Судскиот совет. Дури 72 % од анкетираните судии не се согласиле со тврдењето дека Судскиот совет ја штити независноста на судството.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, коментирајќи ги ваквите резултати од истражувањето, рече дека со тоа што судиите тврдат такво нешто во анкетите, а не го пријавуваат јавно, самите себеси си припишуваат дека немаат храброст. Тој ги охрабри слободно да пријават такви случаи.

Судскиот совет, според холантскиот амбасадор во Скопје станал нелегитимно тело
Судскиот совет, според холантскиот амбасадор во Скопје станал нелегитимно телоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од друга страна член во составот на СС предводен од Георгиев е Павлина Црвенковска, која лани си даде оставка од функцијата претседател, а како причина за оставката наведе дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка. 

„Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско-бизнис елита“, наведе Црвенковска во соопштението, но до денес не одговори за која судско-бизнис елита таа била неподобна и зошто. Новиот претседател Георгиев не покажа дека се заинтересирал за овој случај, односно дали членовите на СС работат под нечие влијание или притисок.

По неговиот избор, Георгиев го почна мандатот со изјава во која не се спомна ни Устав, ни закони.

„Јас сум верник. Верувам во Господ, верувам во себе, верувам во сите вас. Верувам дека ќе имаме правец на движење во позитивна насока, колеги“, рече Георгиев.

Да падне Советот, ама и Владата

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера условно ја поддржа иницијативата најавена од министерот Лога за преодни законски одредби со кои ќе престане мандатот на сегашниот состав на Судскиот совет.  

„Сѐ што е законско ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи, само треба да се види дали законите такво нешто дозволуваат. Дека таа институција не ги оправда очекувањата, дека дополнолнително го двелавираше судството - тоа е факт, и цела македонска јавност тоа го гледаше“, рече Мицкоски.

Подоцна од партијата стигна соопштение во кое се вели дека и власта мора да си даде оставка заради целосна партизација на судството. „Лога призна дека го упропастија судството, сега е време цела влада да си даде оставка“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: За состојбите во Судскиот совет е виновна и Владата
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: За состојбите во Судскиот совет е виновна и ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во денешното соопштение партијата вели дека „народот нема ништо од признанието на власта дека судството е корумпирано“.

„Изјавите на министерот за правда Кренар Лога се само потврда за она што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше изминатиот период - дека СДС и ДУИ го партизираат и политизираат правосудните органи. Најпрво СЈО кое беше продолжена рака на Владата на СДС и ДУИ за политички прогон на неистомисленици, па наградување на Добрила Кацарска и именување за уставен судија, именување на шефот на обвинителството за организиран криминал Ислам Абази, па сѐ до назначување на партиски активисти на СДС во Судскиот совет - е пример како не треба да функционираат судските органи. И Холандија реагира на случувањата во Судскиот совет. И за ова во европски држави паѓаат цели влади. Бараме веднаш оставка и одговорност“, се вели во соопштението на опозициската партија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи