1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Претседателката на Молдавија: Напад врз демократијата

дпа
21 октомври 2024

По изборите во Република Молдавија која е растргната меѓу Западот и Русија, претседателката Санду се огласи со сериозни обвинувања. Наводно криминални сили манипулирале со изборните резултати.

https://p.dw.com/p/4m1TW
Претседателката на Република Молдавија, Маја Санду
Претседателката на Република Молдавија, Маја СандуФотографија: Elena Covalenco/DW

Во поранешната советска Република Молдавија проевропската претседателка Маја Санду се жали на напад врз изборите без преседан од страна на антидемократски сили.

Криминалните групи заедно со една странска сила според неа се обиделе да ја дестабилизираат ситуацијата во Молдавија. Раководството на оваа сиромашна аграрна држава се стреми кон  членство во ЕУ и во Русија гледа најголема закана  за стабилноста на републиката. На референдумот кој беше одржан паралелно со изборите, а во врска со амбициите на земјата за членство во ЕУ, се наѕира исклучително тесен резултат. Првично во водство беа противниците на  ЕУ курсот,  за потоа да поведе проевропската опција. 

Има докази дека 300 илјади гласови се купени, тврдеше Санду во синоќешниот настап во главниот град Кишињев. Биле потрошени десетици милиони евра за ширење на лаги и пропаганда. „Имаме работа со невиден напад врз слободата и демократијата во нашата земја“, ја цитираат локални медиуми Санду. Пред да донесе финални одлуки, Санду ќе го почека крајниот резултат од изборите.

Откриен проруски поткуп на гласачи

52-годишната Санду не соопшти детали.  Безбедносните сили пак уште пред затворањето на урните јавија за поткуп на гласачи и  проруски дезинформации во земјата  која брои 2,5 милиони население и се наоѓа меѓу Украина и Романија.

Инаку, Санду на изборите се бореше за втор мандат. По пребројувањето повеќе од 96 отсто од гласачките ливчиња, таа  освоила 41 проценти и за две недели мора да излезе во втор круг. Нејзин противник тогаш по сѐ изгледа ќе биде поранешниот генерален јавен обвинител Александру Стојаногло кој освои околу 27 проценти од гласовите како кандидат на традиционално силната социјалистичка партија на прорускиот екс-претседател Игор Додон.

Севкупно на изборите излегоа 11 кандидати, меѓу кои и лица што се залагаат за воспоставување добри релации со Русија.

Референдум за ЕУ

Една од најважните цели на Санду е курсот на земјата кон ЕУ неотповикливо да се вметне во Уставот како стратешка цел. На референдумот за ова прашање по пребројувањето на речиси 97 отсто од гласовите, се чинеше дека народот со тесно мнозинство се изјаснил против.  По 98 проценти пребројани гласачки ливчиња, соопштено беше дека 50,08 проценти гласале „За“.  Анкетите предвидоа сигурна согласност.

Избори во Република Молдавија -
Избори во Република Молдавија Фотографија: Violeta Colesnic/DW

За влијателен играч во молдавската политика покрај Русија, се смета и во странство пребеганиот и верен на Русија олигарх Илан Шор, кој во својата држава е осуден во отсуство на 15 години затвор поради перење пари и измама и за него е распишана потерница.

Според руските државни медиуми, Шор ја обвинил ривалката Санду дека не успеала на изборите и дека ЕУ не ѝ е потребна на Молдавија. Русија пак, ја обвинува ЕУ дека со ветување за милијарди евра влијаела на гласањето. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, при посетата во Кишињев и средбата со Санду непосредно пред гласањето, вети 1,8 милијарди евра субвенции. Финансиската инјекција првенствено е наменета да го стимулира растот и создавање работни места, како и подобрување на услугите и инфраструктура.

Критики за референдумот

И на изборниот ден имаше делумно и остри критики дека Санду претседателските избори ги поврза со референдумот за ЕУ. Политичарите од прорускиот табор го бојкотираа референдумот и оценија дека е незаконски. „Разговорите со ЕУ треба да продолжат, но одлуката за членство во ЕУ треба да се донесе откако ќе завршат преговорите и ќе бидат познати сите услови”, рече поранешниот претседател Додон. Дури тогаш е можен референдум, оцени тој.

Многумина незадоволни од политиката на Санду

Во руската престолнина Москва, долги редици народ чекаа за гласање пред молдавската амбасада. Во исто време имаше и поплаки дека бројот на избирачки места во Русија намерно бил мал и немало и доволно гласачки ливчиња. Министерството за надворешни работи во Кишињев според медиумите во Молдавија колоните ги опишало како вештачко инсценирање. Бројот на кандидати можеби и беше толку голем затоа што има големо незадоволство од политиката на Санду и од нејзиниот избор во 2020 година не се забележува голем напредок - на пример во постојано прокламираната борба против корупција. Санду пред четири години освои 36,2 проценти во првиот круг и 57,7 проценти во вториот.

Бидејќи таа спроведе забрана за руски гас, се зголеми цената на електричната енергија, што разгневи многу потрошувачи.

За да се ​​спроведат реформи, Санду мора да има зад себе мнозинство во парламентот, што во моментов сè уште е исполнето како услов. Политичката борба за моќ во Молдавија кулминацијата би можела да ја достигне на парламентарните избори следното лето. „За да игра силна улога во обликувањето на политиката како претседателка, потребен ѝ е лојален премиер и мнозинство во парламентот“, вели експертот Бригита Трибел од фондацијата Конрад Аденауер во Кишињев за германската новинска агенција ДПА. Таа не очекува дека обидиите за влијание од Русија во Молдавија ќе стивнат.