Техничката влада пред породилни болки
11 декември 2023Извршниот одбор на СДСМ синоќа го потврдил предлогот на партискиот претседател Димитар Ковачевски, и за кандидат за нов претседател на Собранието го избрал Јован Митревски, досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ.
„Митрески е долгогодишен пратеник на СДСМ со големо искуство, вреден, отворен, чесен и посветен на интересот на граѓаните и државата, докажан во целиот негов досегашен ангажман во македонското Собрание. Сигурни сме, Митрески ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво и во интерес на граѓаните“, рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Ова не е единствена одлука во насока на подготовите за следните двојни избори. Извршниот одбор го задолжил Генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски да спроведе подготовка на Роковник за постапката, начинот и критериумите за избор на кандидат за претседател за претседателските избори. Покрај ова, Извршниот одбор го предложил Генералниот секретар Зечевиќ за шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, а претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски добил овластување за подготвителни разговори и консултации со парламентарните партии за техничка Влада. Како што наведе Каевски, очекуваат овие одлуки да бидат потврдени и од Централниот одбор на партијата, на седница која ќе се одржи до крајот на декември.
„СДСМ е подготвена, и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада", рече портпаролот на СДСМ.
За власта достоен, за опозицијата - не
Предлагањето на кандидат за нов претседател на Собранието уследи откако Централното претседателство на ДУИ пред три дена одлучи актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери да биде премиер на техничката влада 100 дена пред парламентарните избори во 2024 година. Овој предлог е резултат на коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ, според кој Владата во последните сто дена треба да ја предводи кадар номиниран од ДУИ.
Претседателство на ДУИ за шеф на Централниот изборен штаб го избра Фатмир Бесими, а го овласти лидерот на ДУИ Али Ахмети да продолжи со разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори.
Решението токму Џафери да биде технички премиер, а Митрески од СДСМ нов претседател на Собранието, стави крај на претходните шпекулации дека во случај да не се избере шеф на државата, ДУИ во исто време би имала и премиер и претседател на парламентот, доколку Џафери остане на актуелната функција во Собранието.
На тој начин е избегната можноста од концентрација на кадри од иста партија на највисоките функции во власта.
На опозициската ВМРО-ДПМНЕ не и се допадна номинираниот за технички премиер. Во партиско соопштение наведуваат дека Џафери е недостоен за таа функција.
„Од Талат Џафери не може да се очекува спроведување на фер и демократски избори, бидејќи од функција на претседател на Собранието, ги прекршуваше Деловникот и процедурите, заклучуваше врата од пленарна седница за да не се пријават други пратеници за збор и со тоа ја прекрши демократијата. Џафери не може да биде премиер бидејќи во 2001 година дезертирал од Армијата на Македонија“, се вели во денешното соопштение.
Критиката за дезертерство на Џафери наведена и во претходни соопштенија, на социјалните мрежи наиде на потсетувања дека тој беше предложен и избран за министер за одбрана токму во мандатот на една од Владите на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Никола Груевски и ја извршуваше таа функција од февруари 2013 до јуни 2014 година.
Кадри и монополи
Џафери, кој се заблагодари на номинацијата од ДУИ, рече дека функцијата ќе ја извршува со почит и одговорност. А можноста Северна Македонија од 28-ми јануари да има технички премиер Албанец, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, ја нарече историска. Тој оцени дека со тоа се скршени етничните табуа и монополи, при што ниту една етничка група не е пофаворизирана од друга. По премиер Албанец, најави дека следната мисија на ДУИ ќе биде - претседател на државата.
„Вториот монопол е на претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ“, најави Османи на ТВ 21.
На прашањето дали ДУИ ќе има свој кандидат на претседателските избори во мај 2024 година, тој рече дека сè уште не е одлучено.
„За претседател сè уште ништо не сме одлучиле, дали ќе излеземе со наш кандидат, дали ќе поддржиме консензуален или албански кандидат. Ги проучивме сите опции и го овластивме претседателот на партијата Али Ахмети да води преговори за секоја можна опција“, рече потпретседателот на ДУИ.
Во контекст на оваа изјава, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски синоќа беше прашан дали социјалдемократите би поддржале претседателски кандидат од ДУИ.
„Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателскиот кандидат ќе биде од редовите на СДСМ како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат“, рече Ковачевски.
Актуелниот претседател Пендаровски, за кого неофицијално се говори дека има најголеми шанси да биде номиниран за втор мандат, минатата недела на прашањето - дали размислува за втор мандат - кусо одговори „Не“. Подоцна објасни дека одговорот го дал во контекст на актуелниот траорен момент (по двојното свирепо убиство).
„Реков дека не размислувам и право да ви кажам не знам кој нормален човек, граѓанин на нашава Македонија или политичар најмалку, би можел во вакви траорни времиња низ кои поминуваме, да размислува за власт, за избори, за мандати... Изборите се догодина, закажани за април и за мај, имаме доволно време после Нова година да размислуваме за тие работи. Меѓутоа во овој момент моите мисли се насочени само кон семејствата на настраданите и, се разбира, во рамките на мојата функција да го изработам до крај мандатот, во согласност со потребите на граѓаните кои ми ја дадоа честа да ја водам државата пред четири и пол години“, рече Пендаровски.
Со или без ВМРО-ДПМНЕ?
По лидерската средба на која партиите постигнаа договор првиот круг од претседателските избори да се одржи на 24-ти април, а вториот круг заедно со парламентарните избори на 8-ми мај, Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за формирање на Републички изборен штаб кој ќе го предводи партискиот претседател Христијан Мицкоски. Негов заменик ќе биде Генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски. Беше соопштено дека партијата ги почнува и подготовките за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, а изборот ќе се направи на Изборна Конвенција што ќе се одржи на втори март 2024 година во Скопје.
Во моментов сѐ уште е неизвесно дали опозициската партија ќе номинира претставници во техничката влада.
„Тоа што можам да го кажам е дека во следниот период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука и дали ќе се учествува и евентуално со кои имиња би се учествувало во таква влада“, изјави завчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Според портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува во техничката влада, „тоа би било уште барење на алиби за изборниот пораз“.