1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падна договор за датум - двојни избори на 8 мај

ДТЗ
4 декември 2023

Парламентарните избори да се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателските избори. Првиот круг за избор на претседател ќе се одржи на 24 април.

https://p.dw.com/p/4Zkh5
Лидерска средба Скопје
Падна договор за датум - двојни избори на 8 мајФотографија: Petr Stojanovski/DW

Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, среда, кога ќе се одржи и вториот круг на претседателските избори. Првиот круг за избор на претседател ќе се одржи исто така во среда на 24 април. Ова е договорот којшто го постигнаа партиите застапени во Собранието на денешната лидерска средба. 

„Овие датуми ги договоривме имајќи ги предвид законските рокови и верските празници кои се во овој период. Конечно, после 17 години ќе имаме редовни парламентарни избори, а тоа говори за добрите владини политики”, рече премиерот Димитар Ковачевски во изјавата по лидерската средба. 

Сто дена пред изборите или на 28 јануари ќе се формира техничка влада на чело со премиер Албанец од ДУИ. Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека на лидерската средба имало и исклучително широк консензус за забелешките за изборното законодавство, односно за Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Албанската опозиција ја напушти лидерската средба со образложение дека состанокот го напуштил претседателот на Собранието Талат Џафери и немале со кого да ги соочат аргументите за член на Државната изборна комисија. 

Димитар Ковачевски, Али Ахмети
Парламентарните избори да се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателските избори. Првиот круг за избор на претседател ќе се одржи на 24 април. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Политичка зрелост 

„Денеска во Собранието обезбедивме високо ниво на политичка зрелост, на којашто инсистирам од првиот ден на мојот мандат. На лидерската средба што се одржа на моја иницијатива со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателите на парламентарните политички партии, договоривме датуми за редовните избори.Заклучивме дека првиот круг на редовните претседателски избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, кога ќе се одржат и редовните парламентарни избори“, порача Ковачевски. 

На средбата премиерот порачал дека европскиот пат е почнат и сега е момент да се постапи правилно и во однос на евроинтеграциите. „Секое одложување на почетокот на преговорите со ЕУ и ставање на овој процес и на нашето полноправно членство во ЕУ - во неизвесност - е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука“, вели тој. 

Партијата веќе ги започна партиските процедури за изборите: покрената е иницијатива за Европски фронт и постапка за избор на претседателски кандидат. Тие ги повикаа да се приклучат сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, граѓани. „Да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година и економски напредок, врвна демократија, социјална правда и животен стандард според европските вредности, за коишто стратешки се определивме од независноста на државата“, рече Ковачевски.  

Согласност за Изборниот законик 

Во однос на уставните измени, Мицкоски по средбата изјави дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата е дека сега нема услови за тоа од познати причини. 

„Постигнавме согласност за измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и тие ќе влезат во собраниска процедура, што значи дека тој ќе се менува иако не е испочитувано правилото шест месеци пред почеток на кампања за изборен процес да нема измени. Кампањата би започнала на 4 април, тоа значи сепак дека не го испочитувавме правилото да немаме интервенции пред почеток на кампања. Се надевам дека во иднина тоа нема да биде случај“, рече Мицкоски. 

Во однос на прашањето за техничката влада, Мицкоски вели дека не постои консензус посебно од владините коалициски партнери за таа да биде избришана. Што се однесува до ДИК, опозицијата е загрижена што се уште не е комплетиран составот.  

Христијан Мицкоски
Постигнавме согласност за измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, вели Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Незадоволство кај албанската опозиција 

Токму изборот на нов член на ДИК беше причина што „Европски сојуз за промени“ ја напушти лидерската средба. „Ја напуштивме седницата бидејќи немаше со кого да ги соочиме аргументите“, изјави Изет Меџити. 

Тие сметаат дека Талат Џафери подготвува сценарио за фалсификување на изборите. „Цениме дека Џафери ова го одолговлегува долго време и гледаме интенција да не се избере член и да не биде целосна ДИК за утре некој да ги оспори изборите со што влегуваме во друг непознат простор“, рече Меџити. Едно од барањата на албанската опозиција е да се овозможи на изборите да гласа и дијаспората преку пошта или електронски.  

Различни барања на маса 

Што се однесува до другите партии коишто учествуваа на средбата, претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов побарал измени на Изборниот законик со кој се предлага само една изборна единица. Трајанов предложил овој состав на Владата да продолжи со работа до парламентарните избори.

Според Трајанов, треба да има една изборна единица како темелна основа за промени и демократизација на државата. 

лидерска средба Скопје
Изборот на нов член на ДИК беше причина што „Европски сојуз за промени“ ја напушти лидерската средбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Техничката влада е непотребна и само на власта ѝ одговара да ја релативизира одговорноста за катастрофалните состојби во државата, колапсот на институциите и секојдневниот грабеж на народот“, порача Трајанов. 

Лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари пред почетокот на средбата рече дека засега остануваат и оти нема да дозволат да има дестабилизирање додека има шанси да се случат уставни промени. Според него, се уште нема одлука дали СДСМ, ДУИ и Алијанса да одат заедно на избори.

На средбата која се одржа напладне во Собранието  присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата на Албанците Арбен Таравари, лидерите од Европскиот сојуз за промена Изет Меџити, Билал Касами, Африм Гаши, на НСДП Горан Мисовски, на ДОМ Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, како и претседателот на Собранието, Талат Џафери. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема