Тасевски: Утре е денот „Д“ за М-НАВ
8 јануари 2024Утре е денот „Д“ за М-НАВ - или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје. Ова е пораката која што претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски ја испраќа пред одлуката на Владата, која што на седница во вторник се очекува да пресече околу случувањата во М-НАВ, откако директорите коишто беа прозвани од синдикатот, сами не поднесоа оставки на своите функции.
Според синдикатот, оставките се логична последица на случувањата од минатата недела, кога се случи упад и физички напад во Контролата на летање, што резултираше со кривична постапка против неколку лица.
„Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите“, вели Тасевски за ДВ.
Од оставките зависи и понатамошниот развој на ситуацијата. Ако не бидат разрешени директорите, синдикатот порачува дека нема друга опција, освен да се затвори небото над Скопје од среда (10 јануари), пред сè заради безбедноста на патниците. Штрајкот би траел се до исполнување на нивните барања.
Тасевски е дециден дека имаат поддршка и зад ваквиот став стојат сите вработени. Нивните услови се или директорите на М-НАВ самите да се повлечат, или Владата да ги разреши на седница која треба да се одржи во вторник, 9 јануари.
Незадоволството трае веќе подолго време, а синдикатот во повеќе наврати алармираше дека се вработува партиски, место стручен кадар, поради што се бараше сериозна реформа во службата и подобрување на условите за работа.
Оставките се јасна порака
Тасевски смета дека со оставките на директорите ќе се прати јасна порака дека вака повеќе не може, а на синдикатите им останува обврската да ги притискаат новите директори коишто ќе бидат назначени - да го разрешат целиот криминал којшто бил направен досега.
„Ако успееме во тоа - тогаш овој чекор ќе биде поука за секој оној којшто ќе дојде на челото на М-НАВ“, вели Тасевски.
Најавите за штрајк следат по последните случувања во Македонската навигација, кои ескалираа со упад во институцијата на 4 јануари, кога беа нападнати тројца вработени. Упадот следеше откако синдикатот на прес-конференција алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.
Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, пак, на прес-конференција немилиот настан го опиша како „мало кошкање“ и не најави дека ќе се повлече од функцијата.
Какви одлуки се чекаат?
Но, затоа од Владата пристигна најава дека ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ. Покрај одлуката за разрешување на актуелната раководна постава на М-НАВ, се очекува да биде донесена одлука за отворање итна постапка за избор на нови членови на раководството и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.
Иницијативата за ваквите одлуки е на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министрите за одбрана и за транспорт и врски Славјанка Петровска и Благој Бочварски. Најавите од Владата беа дека премиерот ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
Во меѓувреме, Обвинителството отвори истражна постапка против осум лица за упадот во Македонската навигација. Тие се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 5 години.
Контролата на летање е институција која што е од државно безбедносен карактер. Тие одговараат за безбедноста на воздухопловите коишто се од комерцијални цели како патничките авиони, но ги контролираат и помагаат во воздушниот сообраќај на воздухопловите на Министерството за внатрешни работи на војската. Поради тоа, претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски деновиве оцени дека инцидентот којшто се случи „може да се изедначи како акт на тероризам, зашто нивниот објект подлежи на посебни безбедносни критериуми“.