1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли пилот во авионот?

5 јануари 2024

Показната вежба на силеџиите од ДУИ во М-НАВ е опасна, режимска во својата суштина. Не верувам дека кој било разумен човек може да се навикне на ова колективно лудило додека сѐ здраво се распаѓа. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4asSV
Symbolbild | Fluglotse
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Има ли пилот во авионот? Повеќе од очигледно е дека нема. Без намерно претерување може да кажеме дека во Новата година влеговме со чувство на огорченост, депресивност, со ментален и физички немир од несреќите кои нѐ следат со години, ако не и децении наназад.

Одамна е изгубена смислата на секоја ламентација, затоа што катаденевните инциденти веќе немаат форма на системски проблеми за кои би можеле да се најдат макар и невозможни решенија. Не, ова што ние го живееме веќе не може да се оправда ни со анархија, апатија, криминал или корупција, ова е пострашно и поголемо, ова е перманентна дисторзирана реалност од која ретко кој во земјава гледа излез.

Уште непомирени и нерасчистени со трагедијата на младата Вања, последниот месец се соочуваме со екстремна загаденост која искрено, ги загадува веќе и нашите умови, нашиот мир и здравје, истовремено потонувајќи нѐ во тешка депресија и вознемиреност. А секојдневието врви, и тоа што најдлабоко нѐ тишти е непреземањето ништо, никаква мерка, никакво решение, од ниедна инстанца или институција, како надлежните платени од наши пари и одговорни за оваа проблематика да живеат во некоја друга земја, некоја поинаква реалност - дишат ли тие и нивните деца, некој почист воздух можеби?!

Отровниот воздух во Скопје

Ќе речат луѓево - веќе отрпнавме на сѐ, но искрено не верувам дека кој било здрав и разумен човек, со нормално развиена граѓанска свест, може да се навикне на ова колективно лудило, додека сѐ здраво и нормално во општеството се распаѓа за време на неговиот животен век.

Не поминаа ни неколку дена од Новата година, а криминалот, непотизмот, партиската корупција и самоволие си продолжија како и вообичаено со ист интензитет, дури и се засилија.

До тоа ли дереџе дојдовме?

Додека со години и месеци еден од ретките синдикати во земјава, оној на контролорите за летање, се спротивставува против самоволието, силеџиството и непотизмот на партиските директори и храбро се залага за професионализмот и излезот од етничките трла, Претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, прво е повикан во МВР, а ден потоа, насилниците на ДУИ влегуваат во просториите на контролата за летање, каде се закануваат и тепаат вработени. И замислете, тепаат контролори Албанци затоа што си дозволиле да застанат на страна на синдикатот и правдата. До тоа ли дереџе дојдовме? Наместо навидум правна држава, и наместо извиканото, но целосно неиздржано „Едно општество за сите“, ние дозволуваме секоја „банда” да тепа и контролира свои членови доколку се спротивстават на беззаконието и самоволието кое може да предизвика далекусежни сериозни последици за безбедноста и тоа не само за македонските граѓани. Ова уредување може да биде наречено секако, но држава никако – во моментов општеството функционира на ниво на трибална заедница.

Во една оваква крајно сериозна ситуација, Министерот Бочварски излегува во јавност со идиотската изјава дека Министерството немало надлежност и дека безбедноста на авиосообраќајот во Македонија не е нарушена?! А може ли да прашаме што е со безбедноста на оние кои се грижат за безбедноста на авиосообраќајот? Го гледа ли некој тука контекстот и поврзаноста на нештата или вкоренетата желба на главните лица на институциите да се релативизира до негирање секој јавно обелоденет инцидент е начин да се убие смислата и тежината на овие непресушни децениски инциденти?! Има ли пилот во авионот наречен Македонија?

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Колку инциденти и трагедии ни се случија само затоа што некој наводно немал надлежност или затоа што надлежните институции спиеле на должност, поточно, протежирале некого од своите пулени или политички коалициски партнери. Ги заборавивме ли несреќите на Дурмо Турс, БЕСА Транс, пожарот во модуларната болница, аферата со цистостатиците или фактот дека годишно 5600 граѓани умираат заради прекумерната загаденост и непреземањето мерки?

Токму поради сето ова показната вежба на силеџиите од ДУИ во М-НАВ е опасна, авторитарна, режимска во својата форма и суштина. Оваа заробена држава, никогаш нема да може да изведе демократска трансформација и да ги ослободи освоените и заробени институции, како што не успеа ни во 2015-та па сѐ до денес. Никогаш нема да дозволат да изгубат, а и да изгубат, никогаш нема мирно да ги напуштат заробените институции кои ги освоиле. Ќе мораме да живееме во оваа вечна хипокризија, каде режимлии ќе нѐ залажуваат и ќе симулираат движење кон некаков европски пат.

Мизерија, нималку различна од времето на режимот

Нашата ситуација е дури поочајна и од српската ситуација, затоа што ние имавме шанса да се демократизираме, но шансата ја пропуштивме и прокоцкавме одамна. Многу е тешко сега да се роди надеж и да се направат промени, затоа што предлабоко сме навлезени во лагата и потпаднати под партиската контрола, криминал и корупција кои јавно се обелоденуваат скоро секој ден. Мора да се напише и каже јавно дека сѐ ова немаше да се случи без директна поддршка на СДСМ и нивните медиумски, универзитетски и институционални квазипрогресивци, кои ова го оправдуваа(т), одржуваа(т) и овозможуваа(т). Се предадоа и се продадоа себеси интелектуално и морално, ги изневерија своите сограѓани, го изневерија општеството и ја предадоа својата земја.

Оваа власт од старт имаше дубиозна легитимност, иако во исто време имаше и изразита мисија исполнета со надежи и очекувања за промени и реформи. Сега, кога дефинитивно сите нејзини ветувања не само што пропаднаа, туку и продолжија по стариот режимски манир, власта е политички мртва, безидејна, немоќна, па дури и непотребна, бидејќи е извор на криза и неправда. Оваа власт предизвика исто ниво на мизерија, нималку различно од времето на режимот.

Реалноста може да се игнорира одредено време, дури и да се бојадисува во розова боја и кога е целосно сива. Може и да се припитоми, но ако општественото незадоволство е преголемо, тогаш за сѐ постои граница. Која е таа граница, никој не знае, тоа се дознава само кога веќе е предоцна и кога веќе не постои излез. Неправдите и тензиите нема вечно да се менаџираат со субвенции, амнестии, на хартија зголемени плати, социјална помош, со слогани, платеници, пропаганда и диверзии, за само одвреме-навреме да се замолчи бесот на одредена категорија или мнозинството граѓани. Тоа се привремени палијативни и очајни мерки, кои се недоволни за квалитетно владеење во едно општество, затоа што потребни се квалитетни, цврсти политички стратегии, одлуки и управување, а не неконтролирана количина на привремена седативизација на одвреме-навреме огорчената народна маса.

Сѐ уште има луѓе со интегритет

Овие пракси, освен што ја симболизираат нашата немоќ и неумешност да изградиме колективна граѓанска свест, на долги патеки ги цедат нашите енергии и ги сведуваат граѓаните на приматели на помош, услуги, предности, подароци или кусур. Една мешавина од субвенционирани не е општество. Тоа е само маса на клиенти. И таква средина, најмалку од сѐ е слободна, правична или демократска. Тоа е средина која преживува и живее на основа на притисоци и уцени. Оние кои можат да вршат притисок или се помируваат со уцените, го добиваат тоа што го сакаат. Останатите, ранливите и слабите без заштита, се заборавени и оставени самите на себе, на маргините од општеството.

Во целото ова лудило, доминација и „голем терор” кое политиката му го сервира на сопствениот народ, единствената позитива е што сѐ уште постојат луѓе со интегритет, кои во своето мало секојдневие, наместо да тонат во апатија или да уживаат во поткупеноста, се борат за сите нас, се борат да излезат од етничките трла и од атавизмот на партиите кои непрекинато и неказнето владеат со оваа земја.

Тоа е солидарност, што е спротивно на егоизмот. Некој што е спремен своеоволно да плати цена за доброто на сите. Тоа е уверување дека нема правда ако само поединци, а не сите граѓани на едно општество ја уживаат. Солидарноста е основата на здравото општество и е спротивна на поделбите. Прашањето до сите нас е: дали и овојпат ќе премолчиме пред здравите примери и ќе оставиме политиката да нѐ дели и поделува? Кога веќе нема пилот во авионот, дали конечно ќе се решиме да го преземеме кормилото во свои раце и ќе пробаме да се „приземјиме” или ќе дозволиме да нѐ „срушат” сите заедно еднаш засекогаш.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема