1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Љупчо Палевски му е одреден привремен затвор

МИА | ЕМФ
29 декември 2023

На Љупчо Палевски му е одреден привремен затвор во „Затворена казнено-поправна установа Беликесир “, во Турција, соопшти македонското Министерство за правда.

https://p.dw.com/p/4ahUl
Љупчо Палевски
На осомничениот Љупчо Палевски му е одреден привремен затвор во Беликесир, ТурцијаФотографија: DW

Љупчо Палевски доби привремен затвор во траење од 40 дена во „Затворена казнено-поправна установа Беликесир “, во Турција, соопшти денеска (29.12) македонското Министерство за правда.

Според соопштението, во допис од Републичкото Јавно Обвинителство Беликесир-Турција се информира дека на лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело „Намерно убиство на дете”, му е одреден привремен затвор согласно Законот 6706 член 14, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци.

Палевски, кој е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, на почетокот на декември беше уапсен во турскиот град Беликесир. Барањето за негова екстрадиција го потпиша министерот за правда Кренар Лога на 6 декември.

Постапката за екстрадиција на Палевски, како што информираше Министерството за правда (МП) кон средината на месецов, ќе трае неколку месеци. 

„Од дента кога се апсеше бевме во координација со СМПС-Интерпол, како и со ОЈО Скопје. Во 9:20 часот го добивме официјалното известување од МВР и отворивме предмет. Барањето за екстрадиција беше спремно, министерот го потпиша и истиот ден беше преведено. Пред тоа да го направиме, побаравме веднаш да биде задржан во притвор за екстрадиција“, изјавија од Секторот за меѓународна правна помош во МП кон средината на декември.

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска

Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница. 

Истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски почна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се во притвор во Скопје. Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема