1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се редат пријави и нови докази за смртта на Вања

ДТЗ
7 декември 2023

Адвокатот Васко Стојков е на распит, а се подготвува кривична пријава за возачот кој го превезуваше низ Турција бегалецот Љупчо Палевски, кој е осомничен за двојното убиство

https://p.dw.com/p/4Zt12
осомничени за убиство на Вања
Се редат пријави и нови докази за смртта на Вања - под истрага и „возачите“ на ПалевскиФотографија: Arbnora Memeti/DW

Кривична пријава за возачот кој го превезуваше низ Турција бегалецот Љупчо Палевски, кој е осомничен за двојно убиство, како и интензивен распит на адвокатот В.С., кој го придружувал на патот до Белград - се најновите активности во истрагата за смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска, како и застрелувањето на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. 

„Адвокатот е задржан на распит којшто сѐ уште трае во рамките на 24-часовното задржување и кога ќе заврши службите ќе одлучат што понатаму“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Охрид.

За возачот со иницијали С.Д, кој патуваше со Палевски од Србија до Турција, ќе биде поднесена кривична пријава.

На пат со македонски пасош

Спасовски информираше дека Палевски патувал до Турција со македонски пасош. Тој беше уапсен во турскиот град Баликесир и се чека негова екстрадиција.

Министерот за правда, Кренар Лога информираше дека барањето за екстрадација на Љупчо Палевски – Палчо ќе биде пуштено денеска и преку електронска пошта и преку македонската амбасада. „Верувам дека после добивање на нашето барање, ќе контактираме директно и со министерот за правда на Турција“, изјави Лога.

Во изјава за медиумите пред панел-дискусијата за корупција во високото образование, Лога рече дека верува дека ќе добиеме позитивен одговор за кратко време. „Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова. Јас верувам дека за релативно кратко време ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде меѓу нас“, изјави Лога. 

Колку ќе трае екстрадицијата?

Кога Палевски би можел да биде предаден на македонските органи на прогонот засега е неизвесно. Не се знае колку осомничениот ќе ги искористи правните механизми да се жали.

Љупчо Палевски
Кога Палевски би можел да биде предаден на македонските органи на прогонот засега е неизвесно.Фотографија: DW

Со оглед на информациите дека постапката може да трае минимум 40 дена, премиерот Димитар Ковачевски, сепак, верува дека екстрадицијата ќе биде побргу реализирана. Министерството за правда ги подготвува сите материјали, согласно закон и согласно меѓународната пракса за екстрадиција.

Барањето за екстрадиција, министерот за правда го потпиша во средата (6.12) по апсењето во Турција на првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. 

Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во истрагата на Јавното обвинителство се опфатени уште три лица, како и таткото но Вања, поради сомнеж дека споделувал информации за движењето на неговата ќерка со осомничените. 

Потрага по вистината

Мајката на убиената Вања ја бара вистината за смртта на нејзината ќерка. 

„Несфатливо ми е зошто моето преубаво девојче е во гроб. Имам хронична болест, но се држам. Важно ми е само да ја дознаам вистината. Другата ќерка е болна, сите се надеваме дека ќе биде добро. Ништо не знам, мене сето ова ми е нереално“, вели за српскиот медиум Република, Зорица Ѓорчевска, која прва на социјалните мрежи алармираше дека нејзината ќерка е исчезната. 

Вања Ѓорчевска
„Несфатливо ми е зошто моето преубаво девојче е во гроб“, вели мајката на ВањаФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

„Бевме разведени пет години и не знам што правел и со кого. Бевме во добри односи заради децата, не се расправавме околу старателството, воспитувањето. Смееше да ги види кога сака или кога ќе посакаат децата. Неговиот живот не ме интересираше. Мене животот ми беа моите деца и мојата работа. Беше оставен на мир, за да ме остави мене на мир“, додава мајката.

„Прикривање докази“

Откако во јавноста се појавија бројни шпекулации, премиерот Ковачевски го повика претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ги достави доказите што во телевизиско интервју рече дека ги има за двојното убиство.

„Тој во многу случаи се има поставено како истражител и како обвинител, нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави. Меѓутоа прикривање на докази, за коишто вели дека ги има е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до МВР или до Обвинителството, бидејќи се работи навистина за еден грозоморен чин, којшто е направен од нелуѓе и коишто треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“, изјави Ковачевски.

 

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска