1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГлобално

Светски ден на бегалците: Раселувањето достигна нов рекорд

Родриго Менегат Шуински
20 јуни 2024

Според извештај на Обединетите нации, 117 милиони лица во светот биле приморани да ги напуштат огништата. Преглед на тоа од каде потекнуваат и каде многумина веројатно ќе завршат на крај.

https://p.dw.com/p/4hIRP
САД | Мексико | азил
Мигранте кои бараат азил во САДсе обидуваат да ја преминат жичената ограда поставена за да се спречи нивниот премин од Мексико во САД (јуни 2024 година-Фотографија: Jose Luis Gonzalez/REUTERS

На крајот на 2023 година ширум светот имало 117 милиони раселени лица поради конфликт, прогон или други сериозни закани по нивното здравје и живот, покажува Извештајот на високиот комесаријат на ООН за бегалци, телото задолжено за поддршка на присилно раселени лица. Извештајот кој беше објавен во јуни годинава, се однесува на луѓе кои веќе го имаат статусот на бегалци, оние кои чекаат на одобрување на барање за азил во странство и на внатрешно раселени лица во татковината.

Следниве бројки покажуваат како шемата на присилна миграција се развивала со тек на време, од каде бегаат луѓе и кои земји примаат најголем дел од раселените лица.

1. Бројот на раселени лица расте

Во 2014 година, осум од илјада лица во светот биле присилно раселени. Во 2023 година бројот бил 14 од илјада. Тоа значи дека ширум светот поради хуманитарни кризи се раселени 58 милиони луѓе повеќе отколку во 2014 година. Тоа соодветствува на целокупното население на Италија. 

2. Најголемиот дел се внатрешно раселени

Од околу 117,3 милиони лица, 63,8 се внатрешно раселени, што значи дека биле приморани да ги напуштат домовите и местата на живеење, но останале во границите на државата на потекло. Таа бројка соодветствува на целокупното население на Велика Британија. Бројките се однесуваат само на луѓе раселени поради насилство или војна. Интерниот центар за мониторинг на раселени лица проценува дека дополнителни 7,7 милиони се раселени поради природни катастрофи и климатски промени.

3. Повеќето внатрешно раселени се наоѓаат во Африка или на Средниот Исток 

Од 68,3 милиони внатрешно раселени, околу 48 проценти се од Африка и околу 21 проценти се од Средниот Исток.

Со околу 9 милиони внатрешно раселени, во Судан живеат околу 14 проценти од глобалниот број на оваа категорија луѓе. Сирија со 7,2 милиони и Конго со 6,7 милиони, како и Јемен со 4,5 милиони се исто така меѓу водечките земји по број на внатрешно раселени лица. Во топ 10 земји во оваа категорија, само три не се во Африка или Среден Исток - Колумбија во Јужна Америка со 5 милиони, Авганистан во Централна Азија со 4,1 милиони и Украина во Европа со 3,7 милиони лица.

4. Некои европски држави имаат висок процент на внатрешно раселени лица

Значаен удел од населението е внатрешно раселен и во други региони, вклучително и Европа. Таков пример е Кипар, каде повеќе од 240 илјади лица, односно 20 проценти од популацијата, се сметаат за раселени. Повеќето од нив биле присилени да ги напуштат домовите поради петдеценискиот територијален конфликт со Турција.

Слична е ситуацијата и во Грузија, Азербејџан, Србија и БиХ. Често луѓето остануваат раселени со децении, или со генерации, откако иницијалните настани кои ги присилиле веќе завршиле.

5. Околу 90 проценти од бегалците се од 10 земји

Според УНХЦР, околу 43,3 милиони луѓе во светот живеат надвор од своите татковини или под меѓународни програми за заштита, како привремен хуманитарен престој. Тоа повеќе луѓе отколку што има Полска жители.

Глобално, девет од 10 бегалци се од Авганистан, Сирија, Венецуела, Украина, Палестинските територии, Јужен Судан, Судан, Мјанмар, Конго и Сомалија.

6. Повеќето бараат засолниште во соседните земји

Земјите кои примаат најмногу од бегалците најчесто се граничат со земјите на потекло каде што се случуваат хуманитарните кризи. Според извештајот, 69% од бегалците во 2023 година живееле во држава која граничи со нивната татковина. Иран, Турција, Колумбија и Јордан се дом на најголемот број бегалци, повеќето од нив од Авганистан, Сирија, Венецуела и Палестинските територии.

Најголем исклучок е Германија, која прима стотици илјади бегалци од далечните Сирија, Авганистан, Ирак, Еритреа и  Украина.

7. Развиените земји примаат бегалци диспропорционално

Германија има најголем број бегалци од сите европски земји, повеќе од два и пол милиона, но сепак помалку од Турција, Иран, Јордан и Колумбија. Јордан со своите 11 милиони жители има примено пропорционално најголем број. Во апсолутни цифри тоа се три милиони лица, или 270 илјади бегалци на еден милион свои жители.

Некои од најсиромашните земји на светот се дом за највисокиот број бегалци, па така Чад има еден милион од нив, иако е една од најмалку развиените нации на светот. Тоа се повеќе од 60 илјади бегалци на еден милион жители, двапати повисок коефициент отколку во Германија.

8. Зголемен јазот меѓу барања за азил и одлуки

На страна од внатрешно раселените лица, има околу 7 милиони кои и натаму чекаат на признавање на статусот на бегалец, или на одбивање од страна на државите каде што имаат аплицирано. Бројот на одлуки не може да држи чекор со бројот на поднесени барања. Во 2023 година, 1,4 милиони одлуки биле донесени, но имало и 5,6 милиони нови барања.

Никогаш немало толкав јаз меѓу апликациите и решените случаи. Раселени лица често се наоѓаат во правен вакуум, како што се зголемува бројот на поднесени барања.

9. Раселените често се враќаат во држави кои и натаму не се безбедни

Во 2023 година околу 1,1 милиони поранешни бегалци се вратиле во татковината. Но, враќањето дома често не е безбедно, бидејќи повеќето се вратиле на места каде и натаму има војна или конфликти, како на пример Јужен Судан или Украина.

 

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик