Сведочење: Таткото на Вања се сомневал дека е киднапирана
14 октомври 2024Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска од првиот момент кога дознал дека девојчето е исчезнато повторувал дека таа е киднапирана. Ова го изјави во судот мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која што сведочеше за сите околности околу исчезнувањето на нејзината ќерка, потрагата по неа, односите во семејството и мотивите за немилиот настан.
„Вања е киднапирана, нема што друго да биде“, повторувал таткото на Вања, според сведочењето на мајката која што пред судот опиша што се случува дента кога исчезна нејзината ќерка. Таа рече дека лично не ги познава обвинетите, ниту пак знаела дали нејзиниот сопруг Александар имал некави контакти со првообвинетиот Љупчо Палевски.
Според сведочењето на Зорица Ѓорчевска, нејзината постара ќерка на 27 ноември 2023 година излегла од дома во 7.20 и тргнала на школо, но по дваесетина минути и стигнала порака од класната на Вања дека не е стигната во школо.
„Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна“, рече мајката. За исчезнувањето на ќерката таа веднаш го информирала сопругот Александар. Се упатила кон неговата зграда, каде тој веќе ја чекал. Забележа дека за него тоа е невообичаено, бидејќи Александар често доцнел. На повеќе локации правеле проверки за да ја пронајдат малата Вања.
„Локацијата преку Гугл покажа дека е на „Партизанска“, но таму имаше само напуштена куќа“, рече мајката пред судот. За случајот ја информирале полицијата, а апел за пронаоѓање на девојчето, мајката упатила и на социјалната мрежа „Фејсбук“. Таткото цело време бил во комуникација со полицијата и со пријател ги проверувал камерите.
„Се расчистија сите шпекулации и мистерии“
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ смета дека изказот на мајката е многу битен, затоа што „се расчистија сите шпекулации и мистерии од откривањето на настанот“. „Сметам дека исказот дава логичен тек на работите и се потврдува тезата на одбраната дека Александар нема никаква инволвираност“, вели адвокатот.
„Самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено во тој момент. По однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, појасни дека и таа имала своја теорија дека Вања избегала, или дека некој ја прелажал. Таа појасни дека тој не можел да се помири со фактот и дека им верувал на децата, поради што и неговата теорија била дека тој претпоставува дека нема што друго да биде освен киднапирање“,изјави адвокатот по судското рочиште.
Тој додаде дека сите биле вознемирени и насочени кон тоа да се пронајде детето. Исто така посочи дека сведочењето на мајката во одредени делови е поразлично од она што го дала како исказ во Јавното обвинителство.
Парите како мотив
Мајката на Вања сведочеше на судскиот процес кој се води против Љупчо Палевски, Панче Кешишов, Боре Видевски и Велибор Манев за две сурови убиства - на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски и на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Обвинет за помагање е и таткото на Вања - Александар Ѓорчевски.
Двојното убиство се случи во ноември минатата година. Обвинителството смета дека убиствата биле извршени од користољубие и на свиреп начин, а таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, „помогнал да се реализира планот“, со тоа што давал податоците кога таа ќе тргне за на училиште.
Наводно, се започнало на 22.11.2023, кога групата го грабнала Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Тие отишле во куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
Грабнувањето на малата Вања, пак, наводно било испланирано со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Таа била грабната во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче” во Скопје.
Наследство, недоразбирања или нешто трето
Мајката Зорица сведочеше дека во станот живееле кусо време. Пред судот кажа дека поседува повеќе станови, наследство од нејзините родители. Едниот од становите бил препишан на нејзиниот сопруг, по што било договорено двата стана да ги препишат на двете ќерки. Мајката потпишала, но нотарскиот договор не бил финиширан.
Во однос на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“, таа потврди дека фирмата „Упа ентерпрајс“ е инвеститор на зградата. За Палевски слушнала, но лично не се познавала со него. Одговарајќи на прашања, рече дека станот го купил нејзиниот татко и не и познато дека имало некакви недоразбирања со Палевски.
На рочиштето сведочеше и Ана Киркова, ќерка на киднапираниот и убиен Панче Жежовски. Марјан Витановски, бранителот на Љупчо Палевски, рече дека таа и нејзиниот сопруг посочиле за недоразбирање меѓу нејзиниот татко и Велибор Манев.
„Не знае за какви било недоразбирања и за какво било познанство со некој од обвинетите конкретно со Палевски… Единствено дадоа изјава во насока на тоа дека Панче имал недоразбирање со обвинетиот Велибор Манев по однос на преземени дејствија“, додаде тој.
Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на претходните рочишта се изјаснија за невини. Палевски во изјавата рече дека е жртва на монтиран политички процес, и тврдеше оти нема докази за негова вмешаност во убиствата. Таткото на Вања, Александар пред судот изјави дека не е виновен, и оти во текот на процесот ќе даде придонес за расчистување на вистината.
Безживотните тела на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, беа пронајдени во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Судењето продолжува.