Четири лица на суд за убиството на Вања Ѓорчевска
8 јули 2024Основниот кривичен суд во Скопје информираше дека е одобрено обвинението против четири лица за убиствата на 14-годишната Вања и велешанецот Панче Жежовски (74). Наскоро се очекува да започне и судскиот процес.
„По разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, судот донесе решение со кое приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост“, соопштија од Основниот кривичен суд.
Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов за убиство и две кривични дела – грабнување. Таткото на Вања, Александар Ѓоргиевски е обвинет за грабнување.
Продолжува истрагата за првообвинетиот Љупчо Палевски, кој неодамна беше екстрадиран во земјата, по бегството во Турција.
Детали за суровите убиства
Двојното убиство се случи во ноември минатата година. Обвинителството половина година по случајот кој ја шокираше јавноста, неодамна изнесе детали кои се базираат на доказите прибрани за време на истрагата. Според нив, убиствата биле извршени од користољубие и на свиреп начин, а таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, „помогнал да се реализира планот“, со тоа што давал податоците кога таа ќе тргне за на училиште.
Се започнало на 22.11.2023, кога групата го грабнала Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Тие отишле во куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
Грабнувањето на малата Вања, пак, било испланирано со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
„На 27.11.2023 година извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче” во Скопје. Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда“, соопшти неодамна Обвинителството.