1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Студената војна се враќа во Африка

29 јули 2022

Африка ризикува да се претвори во воен театар или клучна точка каде ќе се одвива новата мултилатерална Студена војна. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4EpyY
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оваа недела беше на турнеја низ Африка. Ги посети Египет, Република Конго, Уганда и Етиопија. Неговата посета се поклопи со онаа на францускиот претседател Макрон на Камерун, Бенин и Гвинеја-Бисао, како и со посетата на специјалниот американски претставник за Африканскиот Рог, Мајк Хамер, на повеќе земји од континентот.

Сите овие посети на Африка некако потсетуваат на првата Студена војна кога САД, СССР и дел од европските ексколонијални сили беа во постојана потрага по клиенти и сојузници во тогашниот Трет свет или добар дел од земјите кои беа дел од неврзаните.

Разликата, но и сличноста во некои аспекти е што денес повеќе не постои Третиот свет, додека и понатаму постои свеста кај голем број африкански држави дека не се препознаваат во блоковските логики и сферите на влијание. Но, сакале или не, африканските нации и понатаму се мета, па донекаде и жртви на интересите, судирите и конфликтите помеѓу големите и средните светски сили. 

Се разбира контекстот во кој се случуваат овие посети на Лавров, Макрон и Американците, не се така линеарни и прости како во минатото, но сепак имаат своја блоковска динамика и амбиција. Африканскиот свет во најголем дел остана неутрален во однос на војната во Украина. Во исто време сведоци сме на еден процес на деевропеизација на континентот, кој настапува како последица на европскиот недостаток од стратегија, лошиот псевдо-колонијален пристап, како и отсуството на реални понуди и договори, нешто што го искористуваат други светски актери. Како Русија на пример, или пак Кина која го рашири своето геополитичко влијание низ Африка и преку амбициозни инфраструктурни проекти. Или Иран кој изразува сѐ поголема потреба да го зајакне своето присуство на континентот, исто како и Турција и голем дел од Заливските земји кои стануваа сѐ поактивни во голем дел од одредени зони на Африка.

Руски интереси

Со други зборови, Африка ризикува да се претвори во воен театар или клучна точка каде ќе се одвива новата мултилатерална Студена војна.

Африканската мисија на Лавров  треба да се интерпретира токму во тоа својство, од каде испрати двоен предизвик. Лавров на „колективниот Запад“, односно, на НАТО и ЕУ, им испрати предизвик, со цел да се испере од империјалистичката и колонизаторска агресија врз Украина и од  блокадата на извозот на житарици,  кој највеќе ја погодува токму Африка. Во колумна објавена пред неговата посета на четирите земји Лавров ќе напише дека:  „Русија не извезува глад“,  за потоа да го нападне Западот и неговото колонијално минато, како и САД за нивните напори да воспостават „униполарен свет“. 

-Други колумни од авторот: Путин во Техеран ја лансираше aнти-НАТО оската

Вториот недеклариран предизвик е насочен кон сојузникот Кина, кој е ривал на Москва во напорите за цементирање на јасна сфера на влијание. Кина и Русија ја имаат истата цел, но ја реализираат преку различни средства. Кинезите пенетрираат пред сѐ преку финансирање, заеми и инфраструктурни проекти, иако веќе и тие имаат своја воена база во Џибути и проектираат нова во Танзанија. Русите ги интересираат суровините и ги користат платениците, со цел да ги пополнат дупките оставени од повлекувањето на француската војска. 

Серија воени удари

Во тој поглед највеќе загрижуваат состојбите во Сахелот, каде најдобро се гледа редимензионираното влијание на Западот, во најголем дел за Европа, но донекаде и за Америка. Причини како несигурноста, нестабилноста и слабата западна поддршка или ефикасност, доведоа до пет успешни воени удари во Буркина Фасо, Чад, Гвинеја, Мали и Судан и два неуспешни во Гвинеја-Бисао и Нигер, само во рок од една година. На ова буре барут влијаеше миксот од антизападно расположение, комотни партнерства за дел од пучистите, стратешка дезинформација, информативна и хибридна војна од страна на Москва. И нормално, актерот кој највеќе протифитираше од оваа дестабилизација е Русија. 

Afrika - Russlands Aussenminister Lawrow in Uganda
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средба со претседателот на Уганда, Јовери МусевениФотографија: AFP

Случајот Мали најдобро ја опишува реалноста. Пучистите одбраа да ѝ ја доделат безбедноста н  државата на контроверзната руска воена група Вагнер, откажувајќи се од зајакнување на ООН мисијата - МИНУЗМА, како и од онаа европската - Такуба. Пучистите потоа се повикаа на француската неспособност да ја спречат џихадистичката пенетрација и обвинија за неоколонијализам. Истата динамика се преслика и во Буркина Фасо, како и во сите останати држави каде едно нешто на сите им беше заедничко: најголемиот дел од војниците кои го изведоа пучот имаат поминато обука под закрила на Русија.

Москва го пресликува стариот советски модел, во замена за оружје зема ресурси и ги шири своите пипци од Мали до Мозамбик, од Мадагаскар до Судан. Голем дел од африканските лидери доаѓаат од универзитетот Лубумба во Москва и тоа ги прави идеолошки и културно врзани за Русија. Москва, по речиси 30 години отсуство од надворешна политика кон Африка, денес ја реинкарнира СССР по стапките на возобновената руска глобална моќ и амбиција. 

Потрфлања на Западот

Ако Русија и Кина имаат успех во својата африканска пенетрација, тоа е благодарение и на западната ограниченост која предолго се фокусираше на Африка само од аспект на хуманитарна помош и безбедност, пред се пазејќи африканските милиции да не го нападнат Западот. Тоа придонесе за младата и цинична африканса популација да гледа на политиките на Западот во Африка како на пред сѐ непријателски кон Кина и Русија. Африканците во однос на Западот се доживуваат себеси како средство за размена во големата шаховска игра на големите сили. Во меѓувреме трговската размена помеѓу САД и Африка од 142 милијарди долари во 2008 година, спадна на само 64 милијарди во 2021 година. Точно е дека односите помеѓу Русија и Кина со Африка се крајно неизбалансирани, но Западот го потцени фактот дека материјалните инвестиции на Кина или идеолошките заложби на Москва реално прават побрзи и поголеми промени во животите на африканската популација. 

-Други колумни од авторот:  Бајден во „невозможна мисија“ на Блискиот исток

Во исто време Западот заборава дека со санкциите кон Москва најмногу се разгоруваат африканските економски турбуленции, кои потоа го прават реален токсичниот руски наратив, каде додека Москва ѝ негира житарици на Африка, ја искористува ситуацијата за да води хибридна војна против Западот и да го обвини за своите постапки. Западот не ги прифати ни сугестиите дека со исклучување на Русија од SWIFT системот најмногу го загрозува прехранбеното снабдување на Африка. И тука Москва игра двојна игра, со изгладнување на добар дел од Африка, го зголемува миграцискиот притисок врз Европа, а во исто време ги потхранува политичарите во ЕУ- државите кои се одржуваат или доаѓаат на власт преку ксенофобни и расистички политики. 

Обид за контрирање

Како „колективниот Запад“ одговара на овие предизвици во Африка? Посетата на Макрон и на американскиот претставник се директно насочени против руското влијание во Африка. Во суштина, одговорот е спор и доцни, и ризикува да ги собере трошките од африканската мисија на Лавров. Макрон е во мисија за спас на франкофонска Африка, но и образот на Западот. Во својата посета на Камерун ја обвини Русија дека ја користи прехранбената криза како „воена средство“ и ги отфрли руските напади дека вината лежи во западните санкции кон Русија. Во Бенин и Гвинеја-Бисао ги потврди стратешките заложби за безбедност и заштита од џихадистите, последен начин за Франција и ЕУ комплетно да не ја изгубат политичката тежина во Африка, за сметка на руската поддршка на авторитарните режими. Макрон во Африка е суштински во својство на европски и западен портпарол, за да повтори и да потврди дека храната, како и енергијата, се претворени во руско воено оружје. „Состојбата во која се наоѓаме е одговорност на Русија“, е пораката на францускиот претседател.

Guinea-Bissau | Besuch Emmanuel Macron, Präsident Frankreich | mit Umaro Sissoco Embalo, Präsident
Францускиот претседател Емануел Макрон со својот колега од Гвинеја Бисао, Умаро Сисоко ЕмбалоФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Што прават Американците не е мистерија, работат на истиот случај како Макрон, но нудејќи подобар модел и поголеми гаранции од Русите и Кинезите. Америка веќе се врати на позицијата одново да ја вреднува стратешката важност на Африка, но проблемот е што не сака да даде преголеми воени заложби, за разлика од Москва која е главен обезбедувач на оружје и воени услуги. Бајден пред една недела најави организирање на самит со сите африкански лидери, кој би требало да се одржи во декември во Вашингтон. Идејата е да се отворат сите теми, од прехранбената и климатската криза до безбедносните прашања и инфраструктурните и инвестициски проекти, мислејќи и на оние енергетските. 

-Други колумни од авторот:  Киднапирана Европа или трагедијата на Западен Балкан

Математички гледано, Западот и САД сеуште имаат повеќе сојузници од противници во Африка. Египет е еден пример, каде Русија ќе ја гради првата египетска нуклеарна централа, но Ал Сиси ќе продолжи да купува оружје од САД и да игра на повеќе маси. Каиро се мисли за членство во БРИКС, но знае дека му се потребни американските долари за да ја зајакне соработката со САД и за стратешки да ги реализира своите интереси преку безбедносниот систем на Западот. Антизападната карта на Лавров сигурно е моќна, но многу африкански актери, од Танзанија, преку Кенија, до Конго, одлично знаат дека Москва и Пекинг се всушност тие кои градат неоколонијалистички систем, и соодветно ги вреднуваат своите стратешки ресурси и своето енергетско богатство. 

Како и да е, напорите на Москва се насочени кон тоа да ги свртат неутралните африкански земји кон Русија, додека напорите на САД и Западот е да ги регрутираат против Русија и Кина. Разликата со првата Студена војна е што денес силите во натпревар околу Африка се побројни, а локалните моќници имаат силен интерес во мултиполарниот свет да добијат повеќе од сите, што пак само го прави залогот во играта поголем.

А залогот е следен! Африка е единствениот континент со демографски раст: од 1,2 милијарди ќе станат 2,4 до 2050 година. Тоа е стратешка предност, која автоматски е и економска. Просечната возраст е под 20 години, а тоа е одлучувачка стратешка предност за во иднина. Голем дел од земјите се во постојан економски раст, многу од демократиите се во подем, културниот живот бруи и технолошкиот развој е придвижен од иновативни идеи и визии. Африка не е повеќе еден монолитен блок предодреден само за кризи и за странска капитализација преку експлоатација. Африка е жива и иднината на континентот силно ќе влијае врз иднината на сите европски и светски актери.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.