Штрајкови во американската автомобилска индустрија
23 септември 2023Американскиот претседател Џо Бајден најави солидарна посета на работниците кои штрајкуваат во американската автомобилска индустрија. Тој во вторник (26.09) ќе отпатува во сојузната држава Мичиген на „местата каде што се штрајкува““ и да се солидаризира со синдикалците од Обединетите авто-работници (УАВ) кои „се борат за правичен удел во вредноста која се создава со нивен придонес“, напиша Бајден на онлајн платформата X.
Претходно, Доналд Трамп, претходник на Бајден и веројатен противкандидат на претседателските избори во 2024 година, најави посета на автомобилските работници во среда.
Во врска со својата посета, Бајден вели дека за да се реши конфликтот меѓу УАВ и производителите на автомобили Џенерал Моторс (ГМ), Стелантис и Форд, време е да се постигне договор во кој „победник ќе бидат двете страни“ и со кој „ќе се подобри американското автомобилско производство“ со добро платени УАВ-работни места.
Бајден доби покана за посета од страна на УАВ. Поддршката за синдикатите е клучна точка во претседателствувањето на Бајден. Во исто време, тој со државни субвенции ги поттикнува напорите за премин во автомобилската индустрија кон електромобилност.
Штрајкови во 20 американски сојузни држави
Неколку часа пред објавата на Бајден, синдикатот го прошири својот штрајк: УАВ ги повика работниците во сите 38 дистрибутивни центри на ГМ и Стелантис да прекинат со работа. Групацијата Пежо Стелантис, меѓу другото, ја вклучува и американската компанија Крајслер. Новите штрајкови во 38-те центри сега погодуваат 20 сојузни држави во САД.
Штрајкот на трите големи производители на автомобили ГМ, Стелантис и Форд - „Големата тројка“ - започна пред една недела во една од фабриките на компаниите. Сепак, Форд е поштеден од последната ескалација на работничката борба. Таму е постигнат напредок во преговорите, изјави шефот на УАВ, Шон Фејн. Синдикатот на УАВ има околу 150.000 членови.
Платите треба да се зголемат за 36 отсто
УАВ првично бараше зголемување на платите за околу 40 проценти во текот на четири години. Според нив, тоа одговара на зголемувањето на приходите на врвните менаџери. Сега се зборува за зголемување на приходите за 36 проценти - распределено на четири години. Работодавачите досега беа подготвени да прифатат зголемувања до 20 проценти во период од четири и пол години. Преговорите не напредуваат и во однос на други барања, како што се дополнителните денови за одмор.