1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се раѓа четвртиот по големина автомобилски концерн во светот

Ангела Цвиенк
21 декември 2020

Мегафузијата на ПСА и ФЦА доби зелено светло од Европската комисија. Со тоа се создава четвртиот по големина автоконцерн во светот.

https://p.dw.com/p/3n1bT
Fusion Fiat Chrysler und PSA
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP

„Стелантис“ од латинскиот збор „стела“ за ѕвезда - под ова звучно име сакаат да се обединат автомобилските концерни Фијат Крајслер (ФЦА) и францускиот ПСА.

Двата концерна имаат преземено доволно обврски за да се овозможи фер конкуренција, соопшти вицепретседателката на Европската комисија, Маргрете Вестагер. Согласноста е поврзана со услов - концерните да ги исполнат целосно своите преземени обврски.

Бриселските „чувари“ на конкуренцијата имаа дилеми поради тоа што фузијата може да влијае врз конкуренцијата во девет ЕУ-земји. Во Белгија, Франција, Грција, Италија, Литванија, Полска, Португалија, Словачка и Чешка, ПСА и ФЦА имаат „голем или многу голем удел на пазарот“.

Fiat Chrysler und PSA
На 4 јануари наредната година акционерите на двете фирми ќе се состанат одвоено и ќе гласаат за фузијатаФотографија: picture-alliance/ZumaPress/A.M. Chang

Соработка со Тојота

За да ги отстрани пречките, ПСА вети дека ќе ја прошири соработката со јапонскиот конкурент Тојота. Тоа, според ЕК, значи дека Тојота би била во состојба „да конкурира со новосоздадениот концерн на релевантни пазари“. Второ, ПСА и ФЦА, според наводи на Комисијата, ветиле дека на конкурентите ќе им го олеснат пристапот до своите работилници. Така, при поправка и сервис на возила на конкуренцијата, би требало да смеат да се користат истите алати.

ФЦА и ПСА ја поздравија одлуката на ЕК. На 4 јануари наредната година акционерите на двете фирми ќе се состанат одвоено и ќе гласаат за фузијата. Фузионирањето би требало да заврши до крајот на првиот квартал на 2021 година.

Планираниот концерн „Стелантис“ би требало да тежи 30 милијарди евра и да биде четврт по големина во светот. ФЦА, покрај Фијат и Крајслер, ги има и Џип, Масерати, Алфа Ромео, Доџ и Рам. Францускиот концерн ПСА, пак, под своја капа ги има Опел, Пежо и Цитроен.