Парализиран голем дел од железничкиот сообраќај во Германија
8 декември 2023Сообраќајот на германските пруги денеска (8 декември, 2023) е претежно во застој. Вториот предупредувачки штрајк на Германскиот синдикат на машиновозачи (ГДЛ), предизвика огромни проблеми во железничкиот сообраќај. Поради штрајкот, патниците кои ја користат германската железничка мрежа денеска се принудени да направат алтернативни планови за патувања. Многумина очигледно навреме го направиле тоа и подготвено го дочекале штрајкот, со оглед на тоа што најголем дел од железничките станици во земјата се празни.
Германските железници - Дојче Бан (ДБ) , компанијата во државна сопственост запре околу 80 отсто од сообраќајот на долги релации. Во регионалниот транспорт, сепак, има големи разлики во зависност од регионот, рече портпаролот. Откажани се илјадници возови. ДВ досега не објави точни бројки туку едноставно соопшти дека во Германија секој ден сообраќаат 50.000 возови. Но тука спаѓаат и возовите од железничките компании кои не се директно погодени од штрајкот.
Машиновозачите на ДБ се во еднодневен предупредувачки штрајк кој кој започна вчера по 18 часот а треба да заврши денеска во истото време. ГДЛ објави дека тоа е предупредувачки штрајк и „последниот штрајк оваа година, но во јануари штрајковите ќе бидат поинтензивни и подолги“, рече во четвртокот шефот на синдикатот на машиновозачите на ГДЛ, Клаус Веселски.
Целта на штрајкот е да се зголеми притисокот во сегашната рунда на колективни договарања. Најважно за синдикатот е намалување на работното време на работниците во смени. Синдикатот на машиновозачите ГДЛ потврди дека веќе најавил нови подолготрајни прекини на работа за наредната година.
Раководството на ДБ го критикуваше штрајкот во време кога сообраќајот во Германија е отежнат поради временските услови, а ги отфрла преговорите за скратување на работното време со иста плата поради и онака тешката ситуација со недостиг од вработени.
Критичарите на синдикатот ГДЛ, кој обединува релативно мал број вработени, се жалат дека ја задржува својата позиција поради борбата за превласт со другите поголеми синдикати на вработени во железницата.