1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска железница: Дваесетчасовен предупредувачки штрајк

ЕМФ
15 ноември 2023

Синдикатот на машиновозачите ГДЛ најави предупредувачки штрајк во траење од 20 часа. Штрајкот почнува вечерва.

https://p.dw.com/p/4YpuX
Германија | штрајк железница
Штрајкот ќе трае 20 часаФотографија: Bernd Thissen/dpa/picture alliance

Германската железница (Дојче Бан) смета дека поради предупредувачкиот штрајк на машиновозачите, кој почнува вечерва (15.11) во 22 часот, ќе отпадне превозот на повеќе од 80 проценти од линиите. Според портпаролот на железницата, Ахим Штаус, Дојче Бан има изработено вонреден план на возење. За да се превезат што повеќе патници додека трае штрајкот, ќе бидат пуштени што е можно подолги возови.

Синдикатот ГДЛ изненадувачки повика на предупредувачки штрајк на само еден ден пред втората рунда преговори со Дојче Бан. На штрајк се повикани машиновозачите, кондуктерите и диспечерите. Диспечерите го координираат железничкиот сообраќај на шините и доколку тие штрајкуваат, проблеми со превозот ќе има и кај други транспортни железнички компании. Сепак, како што се нагласува, во синдикатот ГДЛ нема голем број членови диспечери.

Дојче Бан и ГДЛ пред една недела ја завршија првата рунда преговори и договорија втора рунда за крајот на оваа недела. Сега Дојче Бан ја откажа втората рунда преговори поради предупредувачкиот штрајк. „Или се штрајкува, или се преговара. Двете работи не одат заедно“, изјави денеска шефот на персоналното одделение на Германската железница, Мартин Зајлер.

Синдикатот ГДЛ бара 550 евра месечно повисоки плати и намалување на работното време за работниците на смени од 38 на 35 часа неделно. Освен тоа, се бара и т.н. инфлациска премија од 3000 евра кои не би се оданочувале. Железницата ги отфрла барањата како превисоки. Таа понуди зголемување на платите за 11% во период од 32 месеци. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема