Што слават Евреите на Јом Кипур
4 октомври 2022Јом Кипур или jom ha-Kippurim се слави на 10 ден од месецот Тишри според еврејскиот календар, што може да биде во септември или октомври според грегоријанскиот календар. Според еврејскиот календар тоа е десеттиот ден од почетокот на Новата година односно Рош Хашана.
Деновите меѓу еврејската Нова година и Јом Кипур се наменети за размислување и покајување. Евреите ги признаваат своите гревови и го молат Бога за простување. Но, истовремено се насочени и кон средување на односите со своите најблиски и решавање на конфликтите.
Религиското потекло на Јом Кипур
Според библиското предание, 40 дена откако Евреите ја примиле Тората на планината Синај, избрани се за божји народ. Во текот на тие 40 дена тие ја прекршиле божјата заповед „Немојте да имате други богови освен мене“, така што се поклонувале пред златно теле, со што сториле идолопоклонство.
Од верска перспектива, Јом Кипур го одбележува денот кога Бог му простил на еврејскиот народ за „гревот со златното теле“. Мојсеј го замолил Бог да не го уништува неговиот народ- Евреите. Бог им простил на 10 Тишри. Според преданието, на Денот на помирувањето гревовите на еврејскиот народ биле натоварени на јарец и испратени во пустината.
Изразот „жртвен јарец“ (или јагне) во изменет облик до денес опстанал и во германскиот и македонскиот речник. Изразот претставува личност која е невина, но други ја сметаат одговорна за наводни престапи или непријатни случки.
Јом Кипур е симболично поврзан со признавање на гревовите, пречистување, простување и неуништлива врска со Бога.
Строги правила на покајување и пост
Јом Кипур се почитува како строг ден на пост, од неговиот почеток претходната вечер до вечерта на самиот Ден на помирување. Јом Кипур е единствен ден на пост кој исто така се почитува и во сабота. Забрането е да се јаде и да се пие, да се капе, мие или шминка, исто како и сексот или какво било друго задоволство. Строго религиозните Евреи исто така се придржуваат до правилата да не носат кожни чевли или кожни чизми и бела облека. Повеќето Евреи ширум светот ги почитуваат основните правила на Јом Кипур, но не сите ги практикуваат во најстрогиот облик. Сепак, смислата и сериозниот карактер на празникот се сочувани.
Ден посветен на молитва
Воочи Јом Кипур вообичаена е богата трпеза. По правило постојат два празнични оброци: еден во текот на денот, вториот навечер, непосредно пред почетокот на празникот. Тоа вклучува, меѓудругото, и парче меденица кое, како и јаболко засладено со мед, асоцира на желба за добра (слатка) година. Медот, медените колачи и јаболката се дел од предјадењето и на свечената новогодишна вечера на Рош Хашана.
На самиот Ден на помирувањето владее строг пост. Поголем дел од празникот се слави во синагога каде без прекин се одржува богослужба. На крајот на молитвата се дува во рог од овен, Шофар. Тогаш завршува Јом Кипур. Семејствата потоа се собираат на заедничка гозба, „каснување“, а верниците си посакуваат едни на други успешна година.