Таа што бдее врз еврејското паметење
11 март 2019Некои велат дека таа бдее врз паметењето на јазикот и словата на тие што ги нема. Паметењето на јазикот на источноевропските Евреи – јидиш. А таа памети затоа што тоа бил првиот јазик што го научила во кампот на преживеаните, во кој се родила. Други велат дека таа го оживеа духот на оној творечки, восхитувачки Берлин на литературните салони од 1920-тите, во кој пулсираше една друга германска култура. Онаа во која голем удел имаа германските Евреи. Затоа што таа не ја љубеше само онаа во тоа време речиси целосно исчезната еврејска култура и живот во Германија. Таа исто толкав восхит имаше и за германската литература и философија. Писателката Рут Клугер, и самата Еврејка од Виена, која војната ја помина во егзил во Америка, за Рахел Саламандер вели дека таа денес ја отелотворува најдобрата форма на новата самосвесна еврејско-германска култура. Онаа симбиоза на еврејскиот и германскиот дух, за која нивните предци веруваа дека беше остварена уште пред војната, која покажа дека, сепак, не било баш така. Тоа што го претставува во својата личност Рахел Саламндер е совршената припадност на двете култури – на германската и на еврејската. Таа е порасната во традиционално еврејско семејство. За себе вели дека ги знае сите еврејски закони на религиозниот живот. Во синагогата во Минхен, нејзиното место во делот на жените е означено со метална плочка – др. Саламандер. Таа го слави секој петок со фамилијата шабат. А, притоа, се чувствува, во истовреме, и Германка, поточно, Минхенка. Рахел Саламандер неколку години ја уредуваше прочуената рубрика „Literarische Welt” во весникот „Die Welt", а подоцна и прилогот за литература на дневниот весник „Frankfurter allgemeine Zeitung". Сите нешта со големо симболично значење и традиција во германската историја на културата.
Во германската јавност Рахел Саламандер се појави во мигот кога 1982-та во Минхен ја основаше својата необична книжарница за литература од еврејски автори и за еврејската култура воопшто. Со тоа таа создаде едно несекојдневно место, кое литературниот критичар Франк Ширмахер го нарече „прекрасна мешавина од предвоениот дух на кафехаус, филозофски клуб и светска бина“. Тоа продуховено, творечко место Рахел Саламандер го именува со многузначното име „Literaturhandlung“. Харизматичната, убава и шармантна философина и теоретичарка на литературата, во едно интервју вели, „мојата еврејска баба во Варшава тргуваше со брашно, а јас тргувам со ум.“ Имено, на германски Handlung значи и делување и чин, ама, и дејствие во роман, но и трговска дејност.
Други колумни од Кица Колбе:
-Ревизијата на учебниците и визијата за мир
-Естетика и политика - кој дух владее со Скопје?
-Траума и вина - сенката на Граѓанската војна во Грција
Нејзината книжарница Литературхандлунг таа ја отвори со една единствена цел. За да го спаси паметењето на германските и европските Евреи. Да им даде глас на сите убиени, прогонети, протерани. Токму педесет години по ритуалниот палеж на книгите од еврејските автори во Третиот Рајх, во Минхен, градот во кој беше седиштето на националсоцијалистичкото движење, Рахел Саландер се одлучи пак да им дари присутност на книгите од еврејски автори. Да создаде книжарница, во која секој што е во потрага по книга од или за Евреите, за еврејската историја и култура, да го најде сето тоа збрано на едно место.
Тоа беше времето во кое многумина во Германија повеќе ќе сакаа да се стави крај на постојаното потсетување на Третиот Рајх и на Холокаустот. Се‘ погласни беа тие на кои таа тема им се чинеше „премногу позната”. А Рахел Саламандер, пак, знаеше дека токму тие што велат дека знаат се’ за темата Холокауст, всушност, не знаат вистински ништо, освен стреотипни информации. Таа ја познаваше широчината и богатството на германско-еврејскиот свет пред војната. Таа знаеше колку многу нешта беа пропаднале во длабок заборав, затоа што сегашноста ретко сака да памети и да се сеќава. Затоа таа имаше храброст да ја раскине штамата на празнината која траеше половина век откако нацистите ја „аризираа” целата германска култура, исфрлајќи од неа се‘ што беше еврејско.
Книжарницата Литературхандлунг подоцна стана токму местото на кое се создаваше новата симбиоза на германско-еврејската литература и култура. Во меѓувреме Рахел Саламандер отвори седум филијали на Литературхандлунг. Најголеми се книжарниците во еврејскиот музеј во центарот на Минхен и во Докумантациониот центар во поранешниот логор Дахау. Во денешните филијани на Литературхандлунг може да се најде не само израелска проза и поезија. Не може само да се присуствува на литературните читања на прочуени израелски и германски писатели. Ниту да се купат само филмови за историјата на Еврејството, на Холокустот и на гермснко-еврејскиот свет пред војната. Во Литературхандлунг може да се купи и научна литература за сите аспекти на Еврејството (Judentum) и на еврејската теологија. Тоа значи се‘ - од Кабала до Кафка! Од неодамна таму може да се купат и ритуални еврејски предмети. Тоа е разбирливо со оглед на се‘ поголемиот број на Евреи од Источна Европа, особено од Русија, кои, всушност, не знаат ништо ниту за еврејскиот религиозен живот, ниту за германско-еврејската култура. Така тргува со ум и дух харизматичната жена, која, од љубов кон убиените, прогонетите, трауматизираните се заветува дека ќе го спаси споменот на своите еврејски предци.
Рахел Сааламандер е родена 1949-тата. Во привремен бегалски камп за малкуте европски Евреи кои го преживеаја Холокаустот. Displaced Persons Camp, во Дегендорф, Баварија, во американската воена зона. Најголемиот дел од жителите на кампот чекале на дозвола за да се преселат во Израел или во Америка. Нејзините родители, Соломон и Рива Саламандер, биле полски Евреи. Фамилијата на мајка и‘ потекнувала од Варшава. Од стоте нејзини членови останале живи само мајка и‘ и нејзината сестра, затоа што им успеало да избегаат од Варшавското гето. Двете девојчиња со месеци бегале, криејќи се, се‘ подалеку во правец кон Истокот. Се‘ дури не стигнале во Туркменистан. Каде што останале во текот на војната. Таму Рива Саламандер го сретнала мажа си, Соломон Саламандер, кој војната ја поминал во заробеништво во советскиот Гулаг. Затоа што кусо по раѓањето на Рахел, мајка и‘ се разболела и починала 1953-тата, фамилијата Саламандер не успеала да се пресели во Израел. Тие останале најдолго во бегалскиот камп, се‘ до 1956-тата. Во кампот се говорело само јидиш, јазикот на источноевропските Евреи. Рахел и постариот брат Бено не знаеле германски кога 1957-та биле преселени во „еврејската зграда” во Минхен. Литературниот германски јазик почнала да го учи во основното училиште. Таа за децата на трауматизираните вели дека тие знаеле дека кон своите родители не можат да се однесуваат како кон обични луѓе. Децата знаеле дека нивните родители се ранети. Затоа децата на трауматизираните морале побрзо да станат возрасни.
И токму таа, девојчето кое на четири години ја изгубила мајка си, која никогаш немала чувство за „татковина”, чиј мајчин јазик бил јидиш – јазикот на исчезнатите Евреи – токму таа се одлучува да студира германистика, романистика и философија. Со јасна желба уште тогаш, на почетокот на студиите, дека таа ќе може токму низ своето познавање на германската литература, еден ден на Германците да им го открие исчезнатиот свет на еврејската литература и култура. Кусо откако ја отвори првата книжарница 1982-та, таа објави обемна монографија за еврејскиот свет во Германија пред војната, во која го збра на едно место сиот достапен фотографски и фактографски материјал. Заедно со Игнац Бубис, германскиот Евреин од Франкфурт, кој долго беше претседател на Централниот совет на Евреите, таа го поттикна познатиот германски издавач Зигфрид Унзелд ( Suhrkamp Verlag) да го основа еврејскиот оддел во својата издавачка куќа ( der Jüdische Verlag). Таа, која се‘ до 1994-та била апатрид, за себе вели дека не познава такво нешто како „ татковина“. Вдомена е само во себеси. И во тоа што го чини, тргувајќи со ум, со книгите, знаењето, паметењето. Од друга страна, токму тоа е типично еврејски мотив. Еврејскиот народ долго копнееше по „ветената земја”, но тој отсекогаш беше „вдомен” во Бога. Тоа сведочи дека Рахел Саламандер во својот живот и‘ остана верна на една единствена тема – на паметењето на страдањето на нејзините предци. Во тоа е тајната на нејзиниот успех. На нејзината предаденост на еврејската тема и‘ се восхитувам. Оти никој не може да памети без љубов за тие што ги нема. Никој не може вистински да памети во љубов, ако не е способен да прости. Оти само тој ќе посака да стапи во дијалог со тие што му нанеле страдање, нему или на на неговите предци. Никој не ја разбира силината на паметењето и неговото значење за едно општество, ако тој самиот не е во состојба да сочувствува. Вакви чуда на содејство на паметењето, знаењето и умот, како што е проектот на Рахел Саламандер, се возможни во сите културни средини, каде што луѓето ја знаат силата на паметењето, на литературата, ја поседуваат емпатијата со оние што страдале и умеат да „тргуваат со ум“. Ама за тоа треба да се има ум – таков блескав , харизматичен ум и дух како оној на Рахел Саламандер.