1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема шанса за Скопје како Европска културна престолнина

ДТЗ /ДВ
21 септември 2023

Европска престолнина на културата e иницијатива што ја става културата во срцето на европските градови со поддршка од ЕУ за едногодишна прослава на уметноста и културата. Скопје може многу да профитира од неа.

https://p.dw.com/p/4WdB1
Скопје, главен град на Северна Македонија
Камениот мост во СкопјеФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Скопје за првпат во својата историја ја доби можноста една година да биде еден од европските центри за култура и уметност. Иницијативата започнува во 1985 година, и оттогаш опфатила повеќе од 60 европски градови во ЕУ и надвор од неа.

Искуството од другите градови добитници покажуваат дека оние кои се ангажирале и изработиле добри проекти, успеале и извонредно да профитираат од фондовите на ЕУ за таа намена.

Во суштина на иницијативата е прославата на богатството и различноста на културите во Европа. Преку неа, целта е да се зголеми чувството на поврзаност и припадност кон заедничкиот европски културен регион, но и да се зголеми придонесот на културата кон развојот на градовите. Досегашното, речиси 40 годишно, искуство покажало дека иницијативата игра голема улога во заживување на градовите, во зголемувањето на нивниот меѓународен профил и углед, но и на подобрување на сликата за градот од неговите жители. Покрај новиот квалитет кој таа го носи за културниот живот во градот, за очекување е да се зголеми и приливот на туристи.

Скопје
Скопје за првпат во својата историја ја доби можноста една година да биде еден од европските центри за култура и уметностФотографија: Petr Stojanovski/DW

Двигател за социјални и економски промени

 „Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред ЕУ и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора .Процесот за кандидатурата на Скопје за оваа престижна титула се одвиваше неколку години. Во тој процес беа вклучени градските и државните културни институции, многу активни чинители од областа на културата и експерти. Според министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, да се биде престолнина на културата е можност за анимирање многу општествени, културни и економски капацитети и придобивки на Градот Скопје и на целата држава. 

„Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, а Европа во годините кои следат до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста. Нашата визија, која победи денес ги вклучува младите и креативните индустрии, поврзани со екопрактики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат 365 дена во Скопје“, порача градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по соопштувањето на одлуката.

Програмата почнува да се имплементира во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028 година. 

Данела Арсовска
Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, вели градоначалничката на Скопје, Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski

Кои се придобивките за Скопје?

Градот Скопје има шанса да искористи бројни бенефити кои ќе доведат до развој на градот, но од градските власти зависи дали ќе бидат преземени вистинските чекори. Најважно е што во наредниот период се отвораат вратите за да се аплицира за повеќе фондови и од таму да се влечат средства за подобрување на инфраструктурата и за организирање на културната агенда која што треба да се одвива преку целата година во главниот град.

Тоа го потврдуваат искуствата и на другите земји. Еден од најочигледните економски ефекти кај речиси сите досега е зголемувањето на бројот на туристи. Просечниот пораст на ноќевањата во однос на претходните години кај европските престолнини на културата е 12%. Кај некои има пораст и за повеќе од 25%.

Во Монс, кој беше град на културата во 2015 година, се проценува дека секое евро народни пари инвестирани во програмата Престолнина на културата генерира меѓу 5,5 и 6 евра за локалната економија. 

Да се ​​биде европска престолнина на културата повлекува процес на трансформација на градот, нудејќи зголемени можности во однос на урбаниот развој. Европската престолнина на културата во 2013 година - Марсеј беше дел од инвестицискиот проект за нова културна инфраструктура од повеќе од 600 милиони евра. Некои градови ја искористија титулата за да ги обноват поранешните индустриски области и да ги трансформираат во нови културни или креативни квартови. На пример, во Кошице 2013 година, приватниот сектор и локалните универзитети работеа заедно за да го трансформираат индустрискиот град, истакнувајќи го креативниот потенцијал на градот.

Има и градови кои не ги искористиле сите придобивки од титулата, често поради проблеми со управувањето, недоволно долгорочно планирање, отсуство на јасни цели и недостаток на искуство во спроведувањето на настан од ваков размер.

Неповторлива шанса

„Градот на културата добива шанса да им понуди на граѓаните настани и гостувања коишто досега не можеле ни да сонуваат дека ќе ги видат на сцените во Скопје. Тоа ќе значи зголемен број посети од регионот и од внатрешноста на земјата, повеќе хотелски ноќевања, развој на туризмот, поголем број на вработувања“, вели поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов за ДВ. 

Петре Шилегов
Градот на културата добива шанса да им понуди на граѓаните настани и гостувања коишто досега не можеле ни да сонуваат дека ќе ги видат на сцените во СкопјеФотографија: The City of Skopje

Финансиската конструкција се очекува да се движи околу 10 милиони евра, а Универзалната сала е носител на проектот, каде што треба да се одвиваат најголемиот дел од настаните. 

Како што се повеќе градови влегуваат во трката за европски престолнини на културата, значителни суми на пари се издвојуваат за процесот. Додека во раните години на програмата (1985-1994) просечниот оперативен буџет бил околу 25 милиони евра по град, оваа сума достигнала околу 60 милиони евра по град за периодот од 2007 до 2017 година.

Секој град има буџет согласно можностите. На пример - во Монс (Белгија, 2015), Есен (Германија, 2010), Вроцлав (Полска, 2016) и Марсеј (Франција, 2013) буџетите биле во опсег од 70 до 100 милиони евра. Финансискиот придонес на Европската Унија за настанот е околу 1,5 милиони евра по носител на титулата, но градовите преку апликации за награди и различни фондови се очекува да обезбедат дополнителни средства.

Со зголемените буџети, постои и зголемена контрола врз градовите, а целиот процес подлежи и на евалуација, како од Европската комисија, така и од самите градови домаќини.

За градовите да станат европска престолнина на културата, постапката за избор се спроведува во два круга: предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати и девет месеци подоцна – финален изборен круг. Откако ќе биде предложен потесен список на градови, во втората фаза Европската комисија официјално го назначува градот кој ќе биде избран со титулата Европска престолнина на културата. Градовите кои ќе поднесат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот. Градовите, исто така, мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и тим и инфраструктура за реализација на проектот.  

Најнепознатата европска културна престолнина: Умео

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема