1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураРоманија

Темишвар 2023 – „Нека блесне вашата светлина“

Кристијан Стефанеску | Тибериу Стојчици
4 јануари 2023

Темишвар во западна Романија е прогласен за европски град на културата во 2023 под мотото – Нека блесне вашата светлина!

https://p.dw.com/p/4LjKV
Романскиот град Темишвар
Романскиот град ТемишварФотографија: Cristian Ștefănescu/DW

Еден Србин, Романец и Германец седат заедно во една католичка црква и за Божиќ го слушаат свештеникот кој држи миса на унгарски. Тоа што почнува како анегдота всушност е нешто сосем нормално за Темишвар.

Главниот град на Банат порано бил дел од Хабсбуршката монархија, а денес со 315.000 жители е втор по големина град во Романија. Во Темишвар стотини години еден покрај друг и еден со друг живеат различни народи и вери. Овој диверзитет беше најсилниот аргумент и при аплицирањето за титулата Европски град на културата.

Нека блесне вашата светлина!

Темишвар беше избран уште во 2021 година, но пандемијата го одложи целиот проект. Ова време беше искористено за дополнителни подготовки. Сега на „последните 100 метри до целта“ се е готово, гордо најавува градоначалникот Доминик Фриц: „Мотото треба да покаже дека секој еден може да придонесе, независно од потеклото. Секој човек може да придонесе и да блесне со својата светлина за општеството. Нашата културна програма ќе опфати што повеќе луѓе, не само како консументи на културата, туку и како активни учесници, и треба да донесе ново доживување на различни места во градот. Наследството на Темишвар ќе ја обликува иднината на Европа."

Доминик Фриц е банатски Шваб. Тој е Германец од Шварцвалд кој се доселил во Темишвар пред десет години. Во секоја прилика кажува дека се вљубил во градот. Пред две години се кандидирал за градоначалник како државјанин на Германија и убедливо победил.

Сега тој сака активно да придонесе културната програма во градот да има долгорочно влијание и по 2023. „Не сакаме само да испукаме едногодишен огномет, туку сакаме да направиме работи кои се одржливи и имаат долгорочно позитивно влијание на градот и животот во него. Кога инвестираме во култура, со тоа вложуваме и во благосостојбата на локалната заедница."

Зградата на Националниот театар и операта во Темишвар, Романија
Зградата на Националниот театар и операта во ТемишварФотографија: Ian Trower/robertharding/picture alliance

Темишвар бил европски град, уште стотини години пред основањето на Европската Унија. Во кафетеријата во пешачката зона веќе се добива првиот впечаток за историјата на градот. Освен тоа тука во 1989 година започнал и бунтот против режимот на Чаушеску.

„Луѓето во Темишвар знаат што е Европа и важноста на нејзините вредности. Тие исто така знаат дека за слободата, вклучително и за европската слобода, мора да се борите“ вели градоначалникот во разговор за ДВ.

Овде е Европа

Различноста во градот се огледа и во градската архитектура. Во центарот се три поврзани плоштади кои заедно ја формираат пешачката зона низ улиците поставени во форма на ѕвезда: Плоштадот на операта или Плоштад на победата, Катедралниот плоштад и Плоштадот на обединување или Плоштад Слобода. Од балконот на Операта во 1989 години е објавено ослободувањето од комунистичката диктатура. Импозантната зграда, единствена во Европа има претстави на три јазика – на романски, унгарски и германски.

Во близина е и германската гимназија која го носи името на писателот роден во Банат – Николас Ленау. Во оваа гимназија учеле двајца Нобеловци кои денес живеат во Германија – Херта Милер која во 2009 добила Нобелова награда за литература и Штефан Хел кој во 2014 ја доби Нобеловата награда за хемија.

На другиот крај на Плоштадот на операта е романскиот православен Соборен храм. Католичката катедрала е на Плоштадот на обединувањето. Таму се одржуваат миси на романски, унгарски, германски и латински. На истиот плоштад е српската православна црква. Во центарот на градот се наоѓа и големата синагога и црквата на евангелско-лутеранските верници. И насекаде низ убавите улици има пријатни кафулиња и ресторани, книжарници и бутици.

Темишвар, европски град на културата за 2023 година
Темишвар, европски град на културата за 2023 годинаФотографија: Cristian Ștefănescu/DW

Градските квартови со нова живост

Влад Таусанке е пораснат во маалото на фабриките кое името го носи според првата печатница во Банатскиот регион, повеќе мелници и фабрики за пиво кои се наоѓале таму во 18 век. Имало и многу занаетчии. Населението првично се состоело претежно од Романци и Срби, но и Унгарци, Евреи, Германци и Роми. Таусанке го води Центарот за комуникации на главниот град на културата. Ни ги покажува куќите од кои дел се детално реставрирани и од различни стилови - арт ново и сецесија, електризам, модернизам и неокласицизам. „Во моето детство регионот беше доста заспан. Денес доаѓаат сѐ повеќе луѓе кои сакаат да избегаат од гужвите во центарот и тука посетуваат алтернативни културни настани, модерни кафеани и продавници за винтиџ облека".

Возиме до другиот крај на Темишвар, во маалото Јозефин. Тука се наоѓа традиционалниот пазар кој ги привлекува подеднакво и домашните и туристите. Стариот куклен театар и пред сѐ Домот на културата на студентите во 2023-та повторно ќе стапат во преден план. Тука пред пресвртот имало андерграунд сцена со некои од најдобрите рок бендови на Романија. Се среќаваме со Симона Гиура од здружението „Прин Банат”. Нејзината иницијатива „Наследството од Темишвар” веќе неколку години се грижи за констатирање на состојбите и реставрации на објекти заштитени како споменици. 

Нов културен центар треба да има и на местото на резервоарот за вода кој веќе 50 години не е во употреба, а е изграден во 1910-та година. „Засега нема никакви културни настани во тој дел од градот и затоа смисливме опширна програма со уметност и култура за сите возрасти", вели таа во разговор со ДВ среде скелиња. Сето тоа треба да биде одржливо. „За нас 2023 е само почеток”. 

Во Темишвар стотини години еден покрај друг и еден со друг живеат различни народи и вери - Плоштадот на обединување
Во Темишвар стотини години еден покрај друг и еден со друг живеат различни народи и вери - Плоштадот на обединувањеФотографија: Petr Svarc/imageBROKER/picture alliance

Место и за „андерграунд” културата

Официјалното отворање на годината на културата 2023та ќе се случи кон средината на февруари. За Мимо Обрадов, автор и музички критичар од српската заедница, тоа е уникатен настан. „Тоа е и признавање на авангардата на Темишвар и на андерграунд културата од последните години и децении", вели тој за ДВ. Но, ја има и постојаната опасност од глобализацијата и униформираност на културата против која мора да се дејствува. „Таквата различност на Темишвар има што да понуди. Градот и целиот регион се пример како ЕУ треба да функционира - како микс од различни етникуми и заедници со различни културолошки влијанија и соживот кој би требало да го има во цела Европа", убеден е Обрадов. 

30 културни настани се планирани секоја недела, меѓу нив и средби со Нобеловците за литература, Орхан Памук и Олга Токарчук, со германскиот филозоф Петер Слотердијк, концерт под водство на диригентот на оркестарот на радио ВДР, Кристијан Макелару кој потекнува од Тамишвар и кој го презема и уметничкото водство на Меѓународниот музички фестивал Георге Енеску, или пак голема изложба на реномираниот романски вајар Константин Бранкузи.