Што да очекува Македонија од изборите во Бугарија?
30 септември 2022Каква ќе биде иднината на македонско-бугарските односи? Вечерва на полноќ завршува изборната кампања за предвремените парламентарни избори во Бугарија, кампања - во која неретко беше присутна и темата - Северна Македонија. Таа беше употребена од бугарските партии и во финишот на кампањата, „благодарение“ на еден спортски настан во Скопје.
„Фудбалскиот меч меѓу Бугарија и Северна Македонија брзо излезе од рамките на спортот и беше употребен од политичарите во предизборната кампања. Водечките лица на политичката сцена го искористија исвиркувањето на бугарската химна и победата, за да испратат пораки кон граѓаните“, искоментира „Дневник“.
За иднината на билатералните односи, важно е кои ќе бидат следните соговорници на Скопје во Софија по изборите на втори октомври, со оглед на многуте актуелни прашања - од енергетика, меѓуресорска соработка, добрососедство и интеграција.
Според резултатите од анкетата објавена во последниот ден од кампањата, а спроведена од Истражувачкиот центар „Тренд“ по нарачка на „24 часа“, прворангирана и со растечка предност е партијата ГЕРБ предводена од Бојко Борисов. Во неговиот мандат РСМ доби вето за почеток на преговорите, но годинава партијата гласаше за деблокирање на ветото врз основа на условите во францускиот предлог. ГЕРБ со 25,7% поддршка од испитаниците води за 9% пред „Продолжуваме со промената“, за која би гласале 16,4%.
Националистичката „Преродба“ исто така бележи силен финален спринт со 13,9%, пред ДПС која има 11,9% поддршка од испитаниците, но со потенцијал да го зголеми процентот со гласови од дијаспората. Следи Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 8,7%, а зад нив е „Демократска Бугарија“ со 7,6%. „Има таков народ“ на Слави Трифонов со 4,4%, и „Бугарски поход“ на поранешниот службен премиер Стефан Јанев со 4,2%, за сосема малку го надминуваат парламентарниот цензус. Под тој праг остануваат „Исправи се, Бугарија“ (2%) и ВМРО-БНД (1,2%).
Старо-нова реторика
Два дена пред изборите, какви се ставовите на функционерите од прворангираната ГЕРБ кон РСМ? Во контекст на „новиот бран на антибугарска кампања во РСМ“, на прашањето - дали во Брисел разбираат дека македонизмот е некомпатибилен со европските вредности и дека за него нема место во ЕУ - поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, дава дециден одговор.
„О, да. Треба да сме наивни дека Брисел не ја разбира нашата загриженост. Урсула фон дер Лајен тешко дека ќе заборави како ја пречекаа во парламентот на Северна Македонија - со пароли „Предавници на народот“, „Народот вели НЕ, свестете се “, „Јазикот е идентитет“, „Чеда на заевизмот, го враќате фашизмот“. А францускиот претседател, а комесарот за проширување? Одамна антибугарскиот бран стана антиевропски. Сите знаеме кој има интерес од ова, кој не сака Северна Македонија да влезе во Европската Унија и кој сака Балканот да продолжи да биде нестабилен“, вели Захариева во интервју за Бгнес.
Уверена е и дека европските амбасадори во Скопје пред неколку дена виделе како од трибините на стадионот во Скопје публиката ја исвиркува бугарската химна и ги навредува бугарските фудбалери.
„Видовте ли таков однос во Разград кога бевме домаќини на нивната фудбалска репрезентација? Едно треба да им биде јасно на политичарите во Скопје - Европската Унија гарантира подобар живот за нивните граѓани и тие го сакаат токму тоа, но наместо да одат по патот на добрососедството, тие до денес се жртва на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија. Затоа сакаме оваа земја да ги отвори архивите на нејзините тајни служби, да се исчисти од агентите на поранешната комунистичка полиција во нејзините редови, да го отстрани јазикот на омраза од учебниците и медиумите. Никој не ги бира соседите, нема начин да си ги преместиме државите подалеку, така што смешно и одвратно е да се живееме на таков начин - во омраза. И кој и да го поттикнува тоа, ќе биде жестоко казнет, ако не сега, тогаш од историјата“, смета Захариева.
Нејзиниот сопартиец и поранешен министер за надворешни работи, Даниел Митов, на прашањето како ја оценува позицијата на Бугарија во односите со Северна Македонија, тежиштето го става на францускиот предлог како „добар за Бугарија“.
„Односите со Република Северна Македонија продолжуваат да бидат сложени и деликатни. Предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ беше добар за Бугарија и ги гарантираше сите параметри за кои Бугарија инсистираше во ремките на идните преговори. Сега треба да го следиме стриктното исполнување на тие услови и да инвестираме повеќе во подобрувањето на билатералните односи“, вели Митов во разговор за „Труд“.
Фановите не се репрезентативен примерок
И според анкета на „Алфа рисрч“, распоредот на силите е ист. Со сличен процент ГЕРБ води пред ПП, но за разлика од анкетата на „Тренд“, во овие резултати на третото место не е „Преродба“ туку ДПС.
Досега, единствениот поинаков тон во изборната „консумација“ на темата од скопскиот стадион, дојде од Ивајло Мирчев, од партијата „Демократска Бугарија“. Тој му реплицираше на Трифонов, кој исвиркувањата иронично ги нарече „извици на благодарност од благодарните Македонци за тоа што ПП, ГЕРБ, ДПС, Демократска Бугарија и неутралната БСП им дозволиле на Македонците да почнат преговори со ЕУ“.
Мирчев не го оправда исвиркувањето на бугарската химна, но порача дека од тоа не треба да се прават политички заклучоци.
„Дојде време пак да се вика: Ма-ке-до-ни-јааааа! Бојко и Слави го коментираа натпреварот и излегоа со сериозни политички заклучоци за неблагодарните Македонци и нивното немање европски вредности (...) Фундаментална грешка е политичари со претензии да поставуваат знак на еднаквост меѓу агитирање на стадион и официјалниот став на РСМ. Фановите на стадионот не се и репрезентативен примерок на општеството. Бидејќи и на нашиот национален стадион не се исклучок случаите во кои се исвиркува химна на гостински тим. Не сум слушнал политичари во Холандија (на пример) да прават слични заклучоци“, порача Мирчев.