Пониски цени со Законот за нефер трговски практики?
27 септември 2024Од сабота (28.09) стапува на сила Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи кој дополнително треба да ги намали цените на производите. Се очекува во наредниот период да поевтинат околу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто.
Со Законот, покрај ограничен рабат, трговците не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
Надлежен орган за контролира на примената на Законот е Комисијата за заштита на конкуренцијата, која може да поведе прекршочна постапка доколку се прекрши која било одредба од Законот. Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, предвидени се казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци.
Казни до 20 илјади евра
Според Министерството за економија, највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец. Казните за полесни прекршоци зависат од тоа дали прекршокот го сторило правно или физичко лице. Највисокиот износ на казната за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5.000 до 6.000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец.
Од вторникот (24.09) на сила е одлуката на Владата за ограничувања на профитната маржа до 10 отсто на 73 производи кои се најдоа на листата на „есенската кошница“. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) деновиве вршеше проверки а терен дали се почитува одлуката на Владата. На првиот ден од контролата, кога под лупа беа големите маркети, утврдени се низа неправилности за кои се изрешени парични казни во висина од околу 20 илјади евра. Контроли ќе вршат и во бурекџилниците и малите маркети, како и трговците на големо. Бруто профитната маржа во есенската кошница ќе биде ограничена до крајот на октомври, а со неа од Владата очекуваат да се намалат до 10 отсто цените на овие производи.