Бајден – Ши: САД и Кина ја обновуваат воената комуникација
16 ноември 2023Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Ши Џинпинг имаа лична средба за прв пат по повеќе од една година. Тие се сретнаа на еден имот во близина на Сан Франциско и неформално се поздравија.
Уште на почетокот Бајден повика релациите меѓу Кина и САД да се уредуваат одговорно. Натпреварот меѓу двете земји според него не смее да прерасне во конфликт. Ши зборуваше за „најважните билатерални релации на светот” и изјави дека тој и Бајден носат голема одговорност за двата народа, за светот и за историјата. „За две големи земји како Кина и САД не е опција да се дистанцираат една од друга”, рече Ши. „Не е реално едната страна да ја модифицира другата, а конфликтот и конфронтацијата имаат неподносливи последици за двете страни”, додаде тој.
Подоцна беше соопштено дека двете земји ја обновуваат воената комуникација. Таквиот чекор е од „клучно значење”, оцени Бајден. Без размена може да дојде до несреќи и недоразбирања. Сега меѓу другото е планирана и средба на министерите за одбрана на двете земји, ја пренесуваат информацијата од Белата куќа новинарите присутни на патувањето.
Покрај тоа треба да има и оперативни разговори на високи воени лица од двете земји. И командантот на американската пацифичка воздушна флота ќе учествува на средбата, се вели понатаму. Ќе има и меѓусебна размена меѓу капетаните на бродовите. Американската влада минатиот месец повеќе пати забележуваше дека инаку вообичаената директна комуникација со Кина не функционира и дека тоа може да доведе до опасни недоразбирања и погрешни калкулации.
Тајван – важна тема
Двајцата претседатели нашироко зборуваа и за Тајван. Ши истакна дека ова прашање е најголемиот и потенцијално најопасниот конфликт во односите на двете земји, изјави претставник на американската влада. Ши му рекол на Бајден дека САД треба да престанат да го вооружуваат Тајван и наместо тоа да го поддржат обединувањето со Пекинг. Американскиот претседател од своја страна го предупреди кинеското раководство да не се меша во претседателските избори во Тајван следниот јануари.
Островската република Тајван, која од Кина е одвоена само со теснец, има демократска влада со децении. Меѓутоа, Кина го гледа Тајван, со повеќе од 23 милиони жители, како одметната провинција и постојано се заканува дека ќе го анектира островот со употреба на сила доколку е потребно.
Тесна соработка во борбата против климатската криза
Неколку часа пред средбата на претседателите, владите на двете земји ветија поблиска соработка во борбата против климатските промени. Во заедничката изјава, Вашингтон и Пекинг ја опишаа климатската криза како „еден од најголемите предизвици на нашето време“. Тие исто така рекоа дека климатскиот самит на ОН COP28, кој започнува во Дубаи на крајот на месецот, мора да биде успешен.
Двете земји се обврзаа на целите на Парискиот договор за климата од 2015 година. Ова има за цел да го ограничи глобалното затоплување на многу под два степени, но ако е можно на 1,5 степени во споредба со прединдустриската ера.
Покрај тоа Бајден си обезбеди поддршка од Кина во борбата против увозот на смртоносната дрога Фентанил во САД. Тој договорил мерки со Ши Џинпинг за да го намали извозот од Кина на состојки за производството на Фентанил и машините за таблети, рече Бајден. Дрогата во САД убива повеќе луѓе од насилство со огнено оружје. САД ù префрла на Кина дека игра клучна улога во епидемијата со дрога во Америка, со производство на Фентанил кој во големи количини завршува во САД.
Релациите меѓу САД и Кина веќе долго време се многу напнати. Бајден и Ши се немаа сретнато, ниту разговараа од Г-20 самитот во ноември 2022 година што се одржа на Бали. Изминатите месеци имаше разни средби и разговори на високи претставници на двете држави, но не и лично меѓу двајцата челници.
Тие сега се сретнаа на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска заедница АПЕК во Сан Франциско. Бајден го прими Ши на помирно место, оддалечено околу 45 километри од градот.