1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија во шок, бројни прашања и шпекулации - кој е виновен?

Немања Рујевиќ
4 мај 2023

По масакрот во основно училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, се множат шпекулации околу тоа што го навело 13-годишникот да тргне во отстрелот. Кој е виновен за незапаметениот масакр во Србија?

https://p.dw.com/p/4QsT8
масакр Белград Србија
Шок кај учениците во основното училиште по масакрот во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Беше 17:56 часот во средата кога ѓубреџиите ги испразнија контејнерите во портокаловиот камион кај основното училиште „Владислав Рибникар” и си заминаа по патот. Пред тоа полициската лента ги држеше на дистанца триесетина новинарски екипи и по некој љубопитен минувач. Освен тоа што ѓубрето мора да се исчисти и на вакви денови, ништо друго не беше нормално во квартот. Пред училиштето за кое велат дека е меѓу подобрите во градот, гореа свеќи и се множеа бели лилјани. Родители носеа деца. Имаше и ученици од истото училиште кое во средата остана без осум ученици и припадник на обезбедувањето. 

„Некои од тие деца ни доаѓаа дома, се дружеа со синот”, вели еден татко. „На моето дете му дадов лек за смирување и го оставив да отспие. Дури откако го зедов од училиште и се вратив, почнав да се тресам”, раскажува еден татко. Вели дека во училиштето знаело да има проблеми и дека не биле решавани на најдобар можен начин. 

масакр Белград Србија
Луѓе палат свеќи во близина на основното училиште „Владислав Рибникар”Фотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

Коста К. (13) во средата изутрина дошол на училиште со ранец во кој имало оружје, муниција и Молотови коктели. Откако го извршил масакрот, се јавил во полиција и ја сочекал да дојде. Наводно и самиот порано бил жртва на малтретирање, по што го сменил класот и смената во која оди на школо. 

„Децата велат дека бил мирен, добар ученик. Навистина ми се чини дека ова за него било како да е во некоја крими серија, на пример ‘Јужен ветар’”, раскажува истиот татко. 

Тој не е единствениот кој бара мотив за злосторството кое според полицијата, било внимателно планирано и скицирано, вклучително и листата за отстрел. Едно девојче раскажало на татка си како напаѓачот ја погледнал во очи, а сепак не пукал во неа. 

„Како во игра

Масакр каков што направи ученикот до сега не е забележан во Србија. Убиени се еден човек од обезбедувањето на училиштето, седум девојчиња и едно момче. Шестмина се повредени, од кои едно девојче и натаму лебди во животна опасност со прострелна рана во главата. 

K. е префрлен на невропсихијатрија, а потоа е предаден на грижата на Центарот за социјални работи. Според различни извори, бил сосем мирен и изјавата ја давал сосем сталожено. 

На попладневната прес-конференција, претседателот Александар Вучиќ како по обичај сакаше да остави впечаток на вонредно добро информиран човек. Тој изнесуваше детали од медицинските акти на напаѓачот, зборуваше за примањата на неговите родители, што некои медиуми одбија да го пренесат.

„Според шемата која ја нацртало момчето, се гледа дека игралo некој вид игра”, рече Вучиќ и додаде дека „во тие игри тие имаат повеќе животи”. 

Од зборовите на претседателот настана впечаток дека К. доаѓа од добро ситуирано семејство, дека е повлечен и различен од другите деца, првенец, но без многу пријатели. Со таткото, чие легално пријавено оружје го користел во нападот и кој исто така е приведен, К. вежбал пукање на стрелиште. 

Шефот на белградската полиција, Веселин Милиќ, за РТС раскажа дека момчето на полицајците и` кажало дека се чувствувал игнориран, дека бил изоставен од комуникацијата или игрите на одморите и екскурзиите и дека тоа го навело да го направи злосторството. 

Александар Вучиќ Србија Белград масакр
Претседателот Александар Вучиќ на вонредната прес конференцијаФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

„Кој е виновен?"

Медиумите во средата - токму на денот на слободата на говорот - се надминаа во објавување информации кои протекуваат од истрагата и од болница, правејќи спектакл од трагедијата. И на социјалните мрежи се крена прашина околу мотивите за масакрот и за тоа „кој е виновен”.

Рано попладне пред Министерството за образование стоеше Војислав Остојиќ, неуморно свиркајќи на свирче во знак на протест. Вели дошол како граѓанин и решил да демонстрира, па макар и сам. 

„Ми се смачи од сѐ, а се манифестираше со овој чин денес. Во секоја цивилизирана земја, министерот за образование уште утрото би си поднел оставка”, вели Остојиќ за ДВ. 

„Ова се случува секаде во светот, но овде сме претрупани со разноразни содржини кои може да поттикнат вакво однесување - реални шоуа со насилство, цела пропаганда”. 

Министерот за образование Бранко Ружиќ пак го откри „канцерогеното” влијание на видео игрите и „т.н. западни вредности”, не објаснувајќи на што мисли. Неговиот претходник Младен Шарчевиќ ги обвинува родителите на Коста К. 

Други шпекулираа за „атмосферата на насилство” која ја создава власта, за програмите на различните телевизии, за ТикТок, западната поп-култура, муралите со воени злосторници, секти и што сѐ не. 

Србија Белград масакр
Полиција пред училиштето каде беше извршен масакротФотографија: Idro Seferi/DW

Голема потреба да се објасни чинот

„Трагедијата е голема. Луѓето се избезумени од тага и ужас, бидејќи сите ние сме можеле да се најдеме во ситуација да бидеме жртви или сведоци. Човек се обидува себеси да си ги објасни причините, за барем малку да се смири, а потоа меѓу причините се бараат и виновници”, вели за ДВ социологот Јово Бакиќ. 

„Неретко луѓето зборуваат повеќе за себе кога ќе пронајдат ‘виновник’”, врли Бакиќ. Па така на антизападните крив им е Западот, на опозицијата властите, на некои родители наставниците. „Оние кои сакаат да ја заборават својата одговорност сета вина ќе ја најдат во таткото и синот”. 

Бакиќ смета дека капиталистичкото општество создава услови за настанување на посебни психопатологии. „Во српското општество веќе со децении се негува култура на насилство, тоа е распаднато во таквиот вртлог и порастот на индивидуалните психопатологии и на насилството е очекуван”, вели Бакиќ. 

Како што се брза со барање виновник, така се избрза и со мерките кои веќе ги претстави претседателот Вучиќ. Тој предлага контрола кој сѐ има оружје и како го чува дома, како и симнување на границата за кривична одговорност на 12 години. 

Извесно е дека Коста К. нема да одговара пред законот затоа што е премлад. Во Србија е прогласена тридневна жалост.