1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Украина: Односи во сенката на руската пропаганда

Ивица Петровиќ
26 април 2023

Војната во Украина силно влијае врз односите меѓу Србија и Украина, но и врз безбедносните предизвици на Балканот, беше оценето на трибината „Србија и Украина - предизвици на војната“ во Белград.

https://p.dw.com/p/4QZTQ
Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП) беше организатор на подиумската дискусија: „Србија и Украина: Предизвиците на војната“
Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП) беше организатор на подиумската дискусија: „Србија и Украина: Предизвиците на војната“Фотографија: Ivica Petrovic/DW

Односите меѓу Србија и Украина се закомпликувани по руската инвазија врз Украина, беше речено на трибината. Како што нагласува Катерина Шимкевиќ, гостин истражувач од Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП), „овие односи доживеаја голема промена уште по окупацијата на Крим во 2014 година. Тоа сега се компликувани односи, кои пред сѐ ги обележува големото влијание на руската пропаганда“.

Шимкевиќ поради тоа смета дека „постојат мали надежи оти овие односи ќе се поправат, но експертите би требало да вложат повеќе труд за да се анализира што навистина се случува, за тоа да доведе до поголемо разбирање меѓу двете земји. Тоа ќе биде тешко, бидејќи српското јавно мислење верува во стереотипи и лаги за Украина, а има малку медиуми кои прикажуваат поинаква слика за Украина“, оценува соработничката на БЦБП.

Како да се помине под радарот

Вишиот истражувач на БКБП, Вук Вуксановиќ, оценува дека и по 2014 година надворешната политика на Србија се карактеризирала со зборот „балансирање“: „Тоа е политика да се помине под радарот, но сега стана многу потешко, бидејќи Западот делуваше многу поенергично по почетокот на војната во Украина“.

Русија и Србија нема да ги прекинат односите, продолжува Вуксановиќ, „но, исто така, не можеме да зборуваме за некоја голема соработка кога многу канали на соработката меѓу двете земји се практично физички затворени. Мислам дека затоа Србија во последно време покажа оти сѐ повеќе се врти кон Вашингтон и дека она што ја држи Русија во Србија е пред сѐ прашањето за Косово, популарноста на Русија меѓу народот и енергетската зависност“, оценува Вуксановиќ.

Проруски демонстрации во Белград на 15 април 2022 година
Проруски демонстрации во Белград на 15 април 2022 годинаФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Михаило Самуш, од Центарот за армиски студии, конверзија и разоружување, се осврна на актуелната состојба на фронтот и воените прашања. Тој истакнува дека „Русија не успеа да ја уништи енергетската инфраструктура на Украина, не се случи колапс на украинската економија и сега фокусот на конфликтот е во Донбас. Сега имаме очекувања за украинска офанзива, додека Русија се подготвува за стратешка дефанзива. Затоа е тешко да се каже каков ќе биде развојот на настаните до крајот на оваа година, но постои варијанта Украина да врати некои територии или да има некакво замрзнување на конфликтот“, што, според аналитичарот, „е подобра варијанта за Русија“.

Променета безбедносна архитектура

Глобалната и европската безбедносна архитектура сигурно ќе биде променета, забележува Игор Федик, шеф на балканскиот оддел на Центарот за воени студии, конверзија и разоружување, „но ќе можеме да го видиме обемот на таа промена дури по крајот на војната“.

Федик смета оти сепак не би требало да се чека на завршетокот на војната, туку дека веќе сега би требало да се има визија како таа архитектура би требало да изгледа. Во таа смисла тој оценува оти „тоа мора да биде базирано на трансатланската врска, а таа мора да ја вклучува и Украина. Покрај тоа, НАТО мора да се врати на Црното Море, кое сега го контролира Русија. Балканот во сето тоа е најслаба алка во европската безбедносна архитектура, каде засега нема опасност од конфликт, но има инциденти. И тоа е проблем за Европа.“

Затоа Федик смета дека „Европа мора да изврши притисок за да избегне чекори кои водат кон ескалација на конфликтите и да го зајакне процесот на европските интеграции“.

На трибината беа изнесени и податоци од истражувањата кои говорат на кого Србија треба да се потпре во својата надворешна политика. Над 50 отсто од испитаниците ја гледаат Русија како поддршка, додека на пример САД ги гледаат како поддршка само 1,2 отсто.

За Вук Вуксановиќ тоа е „доказ за неусогласеност меѓу јавноста и официјалната надворешна политика на Србија“. Затоа, елитите сакаат продолжување на присуството на Русија, бидејќи не сакаат никаков чекор кој директно би ги загрозил. Затоа, доколку се сака подобрување на односите меѓу Србија и Украина, треба да се најдат некои позитивни елементи во тие односи и фокусот да биде на нив“, вели истражувачот на БЦБП.

Русите се добредојдени во Србија, критиките за Русија не се

Вучиќ го користи европското неединство

Војната во Украина донекаде го загрози единството на Европа и како што беше забележано на трибината, колку подолго трае војната, толку потешко ќе биде да се зачува тоа европско единство. Како што забележува Вуксановиќ, „ако се појават поголеми пукнатини во Европа, на Александар Вучиќ ќе му биде полесно“. Тој веќе вешто користи некои потези на Турција, Унгарија, па дури и Франција, за да привлече внимание на тој факт“, забележува Вуксановиќ.

Од друга страна, Игор Федик вели „дека единството на Европа сега е уште поголемо, без разлика на некои различни ставови“ и е „оптимист во таа смисла“.

Катерина Шимкевиќ додава дека Европската унија „често ја гледа Србија како непријател или како тројански коњ, а Русија тоа изобилно го користи за својата пропаганда“.

На крајот, Вук Вуксановиќ потсетува на клучните погрешни потези на Европската унија во регионот, кои ги нарекува стратешко самоубиство на ЕУ, а „тоа се Бриселскиот договор и притисокот врз Македонија да го промени името, по што двете земји останаа одалечени од ЕУ како и порано“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи