1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Срби и Хрвати во војната во Украина

27 јануари 2023

Дали руската платеничка група Вагнер регрутира нови борци во Србија? Она што е сигурно е дека во војната во Украина учествуваат српски и хрватски доброволци - и од руска и од украинска страна.

https://p.dw.com/p/4MmVJ
Мурал посветен на платеничката група „Вагнер“ во Белград, Србија
Мурал посветен на платеничката група „Вагнер“ во Белград, СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance/dpa

Црвен череп на црна позадина: тоа е амблемот на озлогласената руска платеничка група „Вагнер“. Оваа приватна армија со години интервенира во конфликтите во многу земји во светот, ширејќи страв и ужас. Таа, исто така, се бори заедно со редовната руска армија во Украина. По рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година, во српскиот главен град Белград се појавија мурали, на кои се славеше групата. Дали „Вагнер“ регрутира српски доброволци за војната во Украина?

Видеата, кои кружат на социјалните мрежи се чини дека го поткрепуваат ова. На нив се прикажани српски борци во руските единици во Украина. Тие најмногу зборуваат на српски јазик за нивното образование и нивните мотиви за учеството во војната. До денес, српските власти не ги коментираа овие видеа - според критичарите, од обѕир кон традиционално силните проруски чувства во земјата. Ова е и причината поради која земјата-кандидат за членство во ЕУ сè уште нема воведено никакви санкции против Русија.

Српските националисти демонстрираа во Белград на 24 март 2022 година со руски и српски знамиња за поддршка на руската инвазија - и против Украина
Српските националисти демонстрираа во Белград на 24 март 2022 година со руски и српски знамиња за поддршка на руската инвазија - и против УкраинаФотографија: VLADIMIR ZIVOJINOVIC/AFP/Getty Images

Службата во странски војски: нелегална за Србите

Граѓани на Србија се активно вклучени во конфликтот во Украина уште од окупацијата и анексијата на полуостровот Крим во 2014 година. На Србите со закон им е забрането да служат во странски армии. Според Министерството за одбрана и безбедносните агенции во Белград, внимателно се собираат сите информации за српските граѓани кои се борат во Украина.

Нивниот точен број, сепак, не е познат. Амбасадата на Украина во Србија во 2019 година процени дека околу 300 лица од Србија се вклучени во воените дејствија во Украина - сите на страната на Русија. Според безбедносните власти, повеќе од 30 лица се осудени за учество во војната во Украина. Но, тоа не ги спречува десничарските екстремистички организации да ја промовираат групата „Вагнер“ на социјалните мрежи.

Шефот на „Вагнер“ демантира регрутирање

Информациите дека „Вагнер“ регрутира борци во Србија, ги негираше основачот на платеничката група, Евгениј Пригожин. И српскиот претседател Александар Вучиќ јавно го осуди огласот за вработување на „Вагнер“ на веб-страницата на српскиот сервис на рускиот државен медиум за странство „Раша Тудеј“, кој во меѓувреме е избришан.

И амблемот на Вагнер на еден од муралите во Белград во меѓувреме е пребоен. Активистите од групата „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“ претходно протестираа пред графитот. Оваа група ги обединува граѓаните на Руската Федерација, Белорусија и на Украина кои побегнаа во Србија од режимот на претседателот Владимир Путин.

Пребоениот амблем на руската платеничка група „Вагнер“ во Белград на 25 јануари 2023 година
Пребоениот амблем на руската платеничка група „Вагнер“ во Белград на 25 јануари 2023 годинаФотографија: Ivica Petrovic/DW

Српските антивоени активисти поднесоа кривични пријави и против голем број српски државни функционери, обвинувајќи ги дека не спречиле регрутирање на доброволците за војната во Украина. Активистите се спротивставуваат и на разни десничарски организации во Србија, кои ги обвинуваат дека го промовираат имиџот на „Вагнер“ групата во српската јавност. Ова претставува обид да се мобилизираат српските граѓани за војна во странство, што е нелегално.

Хрватска ја поддржува Украина

Соседната земја, членка на ЕУ и на НАТО, Хрватска целосно ја поддржува политиката на Европската унија за Русија. И владата во главниот град Загреб и огромното мнозинство од граѓаните се заложија за украинските граѓани кои побегнаа во Хрватска по рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година. На пазарот на труд на бегалците дури им беше даден ист статус како и на хрватските граѓани.

И Хрвати се борат и во Украина - најмногу на страната на нападнатите Украинци. Во првата половина во 2022 година, приватните ТВ канали емитуваа интервјуа со неколку десетици луѓе кои им се приклучија на украинските вооружени сили или беа на пат за Украина за да го сторат тоа. Неофицијално, станува збор за 70 до 80 украински борци со хрватско државјанство.

Демонстрации за солидарност со Украина во Загреб на 26 февруари 2022 година, два дена по рускиот напад
Демонстрации за солидарност со Украина во Загреб на 26 февруари 2022 година, два дена по рускиот нападФотографија: Oksana Martinjuk

Доброволци од 2014 година

Интервјуата и другите медиумски извештаи сугерираат дека станува збор за истите луѓе кои биле вклучени во воени дејствија уште од почетокот на украинската криза во 2014 година. Но, никогаш немало официјални и пред сѐ прецизни информации колку хрватски доброволци отпатувале таму.

Според руски извори, околу 200 Хрвати заминале во Украина од крајот на февруари 2022 година. Повеќето се приклучиле на Азовскиот полк. Сепак, на ова му противречи Денис Селер, десничарскиот поранешен предводник на хулиганите од фудбалскиот клуб Динамо Загреб, кој по 2014 година со години се бореше на страната на Украинците, а Москва го опишува како „организатор на хрватските платеници“.

Владата предупредува за учество во војната

Хрватските власти на ниту еден начин не го поттикнаа учеството на Хрватите во војната во Украина. Напротив, повеќепати беше посочено дека станува збор за крајно ризичен потфат на сопствен ризик. Преговорите за враќањето во Хрватска на доброволецот Вјекослав Пребег, кој беше заробен во близина на Мариупол како украински борец и изведен пред руски суд, се водеа со дискреција. Во септември 2022 година му беше дозволено да се врати во Хрватска.

Хрватот Вјекослав Пребег, кој се бореше како доброволец во украинската армија, бешезаробен од руските војници и му се суди по враќањето во Хрватска од септември 2022 година.
Хрватот Вјекослав Пребег, кој се бореше како доброволец во украинската армија, бешезаробен од руските војници и му се суди по враќањето во Хрватска од септември 2022 година.Фотографија: Tomislav Miletic/PIXSELL/picture alliance

Неколку хрватски државјани им се приклучија на руските вооружени сили. Во јавноста се појави само името на Мирела Јакупанец, која работи како болничарка на страната на Русија. Некои извори ја нарекуваат медицинска сестра, други лекарка. Нејзините проруски изјави главно беа објавувани на порталите кои шират лажни вести и пропаганда на Кремљ.

И покрај сета солидарност со Киев, украинските војници не се добредојдени во Хрватска. Парламентот во Загреб го отфрли барањето на владата да се обучуваат украински војници на хрватска територија како дел од европската мисија ЕУМАМ. Анкетите претходно покажаа дека речиси 60 отсто од анкетираните Хрвати го отфрлија проектот.

За разлика од владата во Загреб, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ јавно ја поддржува тезата дека војната во Украина е прокси војна меѓу Вашингтон и Москва. За ова, меѓу другото, беше пофален и од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.