1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал напредок“ или шанса за „историски договор“?

Обработка: | Драгослав Дедовиќ
28 февруари 2023

Германскиот печат реагира позитивно на приближувањето на Белград и Приштина и навестувањето за потпишување „темелен договор“. Оценките за постигнатото се различни - од „мал напредок“ до вовед во „историски договор“.

https://p.dw.com/p/4O4m8
На иста маса во Брисел: Александар Вучиќ (л.) и Албин Курти (во позадина Жозеп Борел и Мирослав Лајчак)
На иста маса во Брисел: Александар Вучиќ (л.) и Албин Курти (во позадина Жозеп Борел и Мирослав Лајчак)Фотографија: Virginia Mayo/AP/picture-alliance

На страницата на најстарата германска информативна емисија „Тагесшау“, на јавниот сервис АРД, може да се прочита извештај од Брисел под наслов „Косово и Србија се приближуваат“. Во текстот се наведува дека Вучиќ и Курти прифатиле план за нормализација на односите, чија цел, според Брисел, е слободен прекуграничен сообраќај и економска соработка.

Главните црти на договорот се опишани вака: „Тој предвидува луѓето со своите пасоши, лични карти и регистарски таблички да можат слободно да се движат во Косово и Србија. Ова може да отвори нови економски можности и да привлече дополнителни инвестиции во Србија и Косово. Дополнително, тоа ќе ја поттикне трговијата, бидејќи нема да се бараат досега потребните сертификати за увоз и извоз. Правата на Србите во Косово треба подобро да се заштитат“.

По пример на договорот меѓу двете Германии

И минхенскиот дневен весник Зиддојче цајтунг на својата веб-страница ги информира читателите дека работата меѓу Белград и Приштина во Брисел се помрднала малку од мртва точка. Насловот на текстот гласи: „ЕУ постигна мал напредок околу косовското прашање“, и се наведува:

„Самиот факт што двајцата политичари седеа на иста маса може да се смета за успех на западната дипломатија. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на соседно Косово, Албин Курти до неодамна не ја пропуштаа можноста јавно да ја изразат меѓусебната недоверба и да поттикнат тензии на границата. Средбата во Брисел, која се одржа во понеделникот, беше резултат на долгиот и интензивен притисок пред сѐ од Берлин и Париз. И тоа беше успех - макар и половичен“.

Александар Вучиќ Албин Курти
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на соседно Косово, Албин Курти до неодамна не ја пропуштаа можноста јавно да ја изразат меѓусебната недоверба, оценува „Зиддојче цајтунг“Фотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance | Erkin Keci/AA/picture alliance

Неделникот Цајт на својата веб-страница објавува извештај под наслов: „Србија и Косово сакаат да ги 'нормализираат' своите односи“. Авторот нè потсетува дека основата на бриселскиот договор е идеја слична на темелниот договор меѓу двете Германии: „Идејата за темелен договор, каков оној меѓу Сојузна Република Германија и ГДР, предвидува прво да се издвојат прашањата како што е меѓусебното признавање за двете влади да можат да разговараат. Предвидено е и отворање на дипломатски претставништва во главните градови. ЕУ и САД им дадоа рок на Косово и на Србија до март да склучат темелен договор.“

Почеток на вистинско смирување на една конфликтна зона?

Дневниот весник Зиддојче цајтунг објавува и коментар под наслов „Ништо не се зема здраво за готово“, потпишан од новинарот Тобијас Цик: „Фактот што оваа средба предизвикува толкава возбуда веќе покажува до кој степен Косово и Србија досега биле оддалечени од 'нормализација' на меѓусебните односи“, забележува авторот.

Слика на Ермира Мурати (стои покрај сликата) во галерија во Приштина, Косово
Слика на Ермира Мурати (стои покрај сликата) во галерија во Приштина, КосовоФотографија: Fatos Bytyci/REUTERS

Тој потсетува дека членките на Европската унија одамна немаат заедничка политика во таа област, но дека Париз и Берлин со заедничкиот предлог сега направиле поместување. Предлогот, според авторот, бара многу и од Белград и од Приштина: „Српската влада де факто треба да ја признае независноста на Косово и со тоа нужно да ги сврти против себе националистичките тврдолинијци во земјата, како и партнерот Москва“. А косовската влада треба да се согласи со Заедницата на српските општини на северот на земјата, чекор од кој разбирливо се плаши, бидејќи Белград би можел да ја злоупотреби таквата структура за влијание во соседната земја“.

„Европејците и Американците, кои ги доведоа конфликтните страни на преговарачка маса со повеќе од само благ притисок, имаат голема одговорност: мора да се погрижат ниту една страна подоцна да не зажали за својата подготвеност за компромис. Доколку е неопходно Србија трајно да се одвои од Москва, на Србија ѝ треба конкретна перспектива за влез во Европската унија. А на Косово му требаат гаранции дека северот на Косово нема да стане зона на институционализиран српски сепаратизам, како Република Српска во Босна и Херцеговина“.

„Сепак, договорот може да влезе во историјата како почеток на вистинско смирување на една конфликтна зона во Југоисточна Европа. Ова ќе докаже дека, кога е потребно, ЕУ може да води надворешна политика. Ако тие две земји се договорат, тоа ќе ѝ помогне и на Европа“, заклучува Тобијас Цик во својот коментар за „Зиддојче цајтунг“.