Бајден предупредува од нуклеарен Армагедон
7 октомври 2022Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави дека ризикот од нуклеарно уништување на светот е на највисоко ниво од кубанската ракетна криза во 1962 година, бидејќи руските претставници зборуваат за можна употреба на тактичко нуклеарно оружје, во момент кога бележат значителни неуспеси во 8 месечната војна во Украина.
Бајден рече оти рускиот претседател, Владимир Путин, е „момче кое прилично добро го познава“ и дека рускиот лидер „не се шегува кога зборува за употреба на тактичко нуклеарно оружје или биолошко или хемиско оружје“.
Тој наведе оти светот не се соочил со „можност за Армагедон уште од времето на Кенеди и кубанската ракетна криза“.
Американскиот претседател сугерираше оти заканата на Путин е вистинска „бидејќи неговата војска, би можело да се каже, дека се покажала значително послаба од очекуваното“.
Претставниците во САД со месеци предупредуваат на можноста Русија да употреби оружје за масовно уништување во Украина, бидејќи се соочува со низа стратешки неуспеси на бојното поле, а овие забелешки на Бајден претставуваат најсилни предупредувања кои американската влада досега ги изнела за нуклеарни ризици.
Истовремено, неделава американските претставници соопштија оти не забележале никакви промени во руските нуклеарни сили кои би барале одговор за состојба на подготвеност на американските нуклеарни сили.
„Не видовме никаква причина да ги прилагодиме сопствените стратешки позиции, ниту имаме назнаки дека Русија се подготвува во овој момент да употреби нуклеарно оружје“, изјави во вторникот секретарката за печат на Белата куќа, Карин Жан Пјер.
Стручњаците сметаат оти во текот на 13-дневната кубанска ракетна криза во 1962 година, која следеше по американското откривање за тајното разместување на нуклеарно оружје на Советскиот Сојуз на Куба, светот бил најблиску до нуклеарно уништување, досега.