1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Зделките со размена на затвореници

Даниела Позднјакова
3 август 2024

Русија и неколку западни земји извршија размена на 26 затвореници. Тоа не е првпат. Во последниве 20 години имаше и други размени од висок профил, а некои предизвикаа огорченост во јавноста.

https://p.dw.com/p/4j2AK
Декември 2022: Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер и рускиот трговец со оружје Виктор Бут беа разменети на аеродромот во Абу Даби
Декември 2022: Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер и рускиот трговец со оружје Виктор Бут беа разменети на аеродромот во Абу ДабиФотографија: SNA/IMAGO

Руската Федерација, САД  и некои сојузнички западни држави разменија затвореници. Руси кои беа осудени на различни затворски казни на Запад се префрлени во нивната матична земја. За возврат, руски државјани во политичко заробеништво и американски и германски државјани беа ослободени од руските затвори. 

За време на владеењето на Владимир Путин, доаѓаше до чести размени на затвореници, дури и ако некои од нив предизвикаа огорченост во јавноста. Еве преглед на некои од поважните размени на затвореници во последно време.

Шпиони за шпиони

На 10 јули 2010 година, САД и Русија разменија затвореници на аеродромот во Виена: Вашингтон ослободи десет лица, Русија четири.

Меѓу оние кои Русија ги ослободи на Запад беше и рускиот нуклеарен научник Игор Сутјагин, кој дотогаш веќе беше во затвор 11 години, обвинет дека ѝ предал тајни информации за руските подморници на една британска компанија. Токму во рамките на оваа размена, поранешниот полковник на КГБ, Сергеј Скрипал, обвинет за шпионажа за Велика Британија, дојде на Запад и подоцна заедно со неговата ќерка беа цел на обид за ликвидација со отровот Новичок во 2018 година. Москва до денес негира дека е одговорна за тој атентат, а тој инцидент предизвика протерување на 23 руски дипломати од Запад.

Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени отруени во парк во Солсбери во 2018 година
Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени отруени во парк во Солсбери во 2018 година

Другите двајца ослободени од Русија беа руските офицери Александар Запорошки од разузнавачката служба СВР и Генадиј Василенко од КГБ. Тие беа обвинети дека и помагале на американската федерална полиција ФБИ, која сакала да открие руски двоен агент во своите редови.

За возврат, САД испратија десет лица во Русија кои беа осудени за шпионажа во корист на Русија. Меѓу нив беше и Ана Чепмен, родена Кушченко, која откако се за Британец и стекнала британско државјанство, а од 2009 година живеела во Њујорк каде се претставувала како агент за недвижности.

Руската агентка Ана Чепмен беше уапсена во САД на крајот на јуни 2010 година
Руската агентка Ана Чепмен беше уапсена во САД на крајот на јуни 2010 годинаФотографија: picture alliance/dpa/S. Karpukhin

Но, нејзината главна задача била да воспостави контакти со истакнати американски политичари и функционери. Секако, по оваа размена и е одземено британското државјанство, а оттогаш работи како водителка во една телевизија блиска до Кремљ.

Режисер за бунтовнички командант

Неколку години пред руската инвазија врз Украина, на 7 септември 2019 година, истовремено се одржа размена „35 за 35“ на аеродромите во Москва и во Киев. Во Киев пристигна и Кирил Вишински, поранешен уредник на програмата на украински јазик на руската државна новинска агенција РИА Новости, но најголемо внимание предизвика доаѓањето на Владимир Земах од Русија.

Судбината на овој поранешен командант на противвоздушната одбрана на самонаречената „Народна Република Доњецк“ е речиси бизарна: како што откри колективот на истражувачки новинари Белингкет, Земах е клучен сведок во соборувањето на цивилен авион - на летот МХ14 од Амстердам до Куала Лумпур пет години порано и не само што знаел дека ракета била испукана врз цивилен авион од проруска страна, туку бил и во контакт со екипажот на таа противвоздушна единица. Но, иако го пуштила да замине во Украина, Москва му забранила да оди во Холандија, каде се водеше истрагата и се подготвуваше судскиот процес, а според украинските медиуми, Земах се вратил во областа Донбас.

На ист начин во Киев дојдоа 24 морнари кои Русија ги уапси во Црното Море, исто како и украинскиот режисер Олег Сенцов.

Украинскиот режисер Олег Сенцов беше затворен во Русија пет години
Украинскиот режисер Олег Сенцов беше затворен во Русија пет годиниФотографија: picture-alliance/dpa/T. Weller

На 11 мај 2014 година, тој беше киднапиран од руските безбедносни сили на Крим, од каде и е обвинет за основање „терористичка група“ која имала намера да изврши диверзии на полуостровот под руска окупација. Сенцов упорно тврдеше дека тие обвинувања се чиста глупост и дека во текот на истрагата бил измачуван, а бил осуден на 20 години строг затвор. По руската инвазија на Украина, Сенцов доброволно се пријавил во украинската армија и се борел на фронтот.

Војник за „претприемач“

На 27 април 2022 година во Русија беше пуштен Константин Јарошенко, кој беше обвинет за шверц на дрога во САД и кој веќе одлежа речиси половина од 20-годишната затворска казна на која беше осуден. Овој пилот и „претприемач“ беше уапсен во Либерија на 28 мај, а подоцна беше екстрадиран во САД. Таму беше обвинет дека подготвувал транспорт на четири тони кокаин од Колумбија до Африка - една од вообичаените рути за шверц за профитабилниот европски пазар, иако Јарошенко одбиваше да се изјасни за виновен.

За возврат, Москва го ослободи американскиот маринец Тревор Рид од затвор и тој се врати во својата татковина. Чудно е обвинението и против овој американски војник: тој наводно се скарал со две жени на улица во Москва, а потоа се однесувал агресивно кон полицајците кои интервенирале.

Постер на Тревор Рид во близина на Белата куќа во Вашингтон во 2022 година
Постер на Тревор Рид во близина на Белата куќа во Вашингтон во 2022 годинаФотографија: Patrick Semansky/AP/picture alliance

Сето ова било доволно за судот во Москва на 30 јули 2020 година да го осуди на 9 години затвор за наводно „по живот загрозувачко насилство врз државните службеници“. Рид се жалел на условите во затворот и започнал штрајк со глад. Оваа размена се случи во Истанбул.

Атлетичарка за трговец со оружје

На 8 декември 2022 година, американската кошаркарка Бритни Гринер беше разменета на аеродромот во Абу Даби за рускиот државјанин Виктор Бут, кој беше во затвор во САД поради трговија со оружје. Гринер, која играше за рускиот врвен клуб УММЦ Екатеринбург, беше уапсена во март 2022 година на аеродромот во Москва додека се враќаше во Русија од Њујорк. Руските власти во нејзиниот багаж пронајдоа електронски цигари и кертриџи со масло од марихуана. Во август истата година, рускиот суд ја осуди на девет години затвор и парична казна од еден милион рубљи, околу 10.000 евра, за „шверц и поседување наркотици“. 

Дилерот на оружје Виктор Бут при размената во Абу Даби во декември 2022 година
Дилерот на оружје Виктор Бут при размената во Абу Даби во декември 2022 годинаФотографија: SNA/IMAGO

Виктор Бут е шверцер од сосема различни димензии и за него е снимен филмот Господарот на војната со Николас Кејџ. Ниту едно оружје не му претставувало проблем за да го набави и да го испорача, а неговите клиенти беа најмрачните диктатури и милиции ширум светот - ако имаа пари за неговата смртоносна „стока“. Долго време, обрачот се стегаше околу овој трговец на смртта, сè додека во 2008 година тој конечно не падна во стапицата на американската ДЕА, чии агенти се претставија како членови на колумбиското движење ФАРК и го одвлекоа на состанок во Тајланд. Таму беше уапсен и во 2010 година беше екстрадиран во САД, каде во април 2012 година федералниот суд во Њујорк го осуди на 25 години затвор.