1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јулија Скрипал пуштена дома, труењето останува неразјаснето

БГ
10 април 2018

Повеќе од еден месец откако беше отруена заедно со нејзиниот татко, поранешен руски шпион, Јулија Скрипал е отпуштена од болница. Сергеј Скрипал останува во болница, но во стабилна состојба

https://p.dw.com/p/2vlFz
UK Salisbury Untersuchung Nervengasanschlag Skripal - Yulia Skripal
Фотографија: picture alliance/dpa/Facebook/Yulia Skripal

Сергеј Скрипал, 66, поранешен поручник во руското воено разузнавање кој ѝ предаде десетина руски шпиони на британската тајна служба, и неговата ќерка Јулија беа пронајдени онесвестени на јавна клупа во англискиот град Салсбури на 4 март годинава. И двајцата беа во критична состојба со недели, а докторите во еден момент стравуваа дека, дури и доколку преживеат, ќе имаат трајни оштетувања на мозокот. Но, потоа одеднаш здравјето на таткото и ќерката почна да се подобрува.
Ќерката Јулија, 33, била отпуштена од болница во понеделникот вечерта.
„Двајцата пациенти реагираа многу добро на третманот, но обајцата се во различна фаза на опоравување“, изјави директорката на болницата во Салбури, Кристин Бланшард.

„Нејзиниот татко бележи добар напредок. Во петокот објавивме дека повеќе не е во критична состојба. Иако се опоравува побавно од Јулија, се надеваме дека и тој наскоро ќе може да ја напушти болницата“, рече Бланшард.

Велика Британија ја обвини Русија за труењето, прво со користење на нервен гас на европско тло од крајот на Втората светска војна. Москва негираше дека има било каква врска со труењето, и одговори со контра-аргумент дека Британија го извршила нападот за да шири анти-руска хистерија.

Doppelagent Sergei Skripal und Tochter
Јулија и Сергеј СкрипалФотографија: picture-alliance/Globallookpress

Британската премиерка Тереза Меј рече дека нападот бил извршен со нервниот отров Новичок, развиен од советската армија меѓу 1970 и 1980 година. Русија тврдеше дека не поседува таков отров, а рускиот претседател Владимир Путин ги оцени обвинувањата како глупости.

Инцидентот го предизвика најголемото исфрлање руски дипломати од западните држави по Студената војна. Москва возврати на таквиот чин со иста мерка.
Сергеј Скрипал бил регрутиран од британската МИ6, но откриен и уапсен од руските власти и суден за предавство во 2004 година. Во 2010 година бил разменет за руските шпиони фатени во САД. Оттогаш водел мирен и повлечен живот во Салсбури.