Повеќе предлози на маса за платите во јавниот сектор
3 јули 2023Синдикатите и Владата никако да постигнат заедничко прифатливо решение околу методологијата на платите, прашање коешто предизвикува незадоволство подолг период, особено по одлуката на Уставниот суд со која се дозволи зголемување на платите на функционерите за 78 проценти. Со цел да не се дозволи неконтролиран раст на платите на функционерите и во иднина, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара зголемување на платата на сите вработени во јавниот сектор, вклучувајќи ги и функционерите за 14,5 проценти, колку што беше инфлацијата минатата година. За синдикатите е неприфатлива понудата на Владата за зголемување на платите за 6 проценти.
Вицепремиерот Фамир Битиќи денеска порача дека деновиве ќе се разговара и ќе се разгледа барањето, коешто синдикатите го ставиле на маса.
Поголема плата и регрес
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната седница на Економско-социјалниот совет најави дека средбите ќе продолжат во среда со цел да се изнајде решение. „Предлогот на ССМ е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите“, вели тој. Сметаат дека платите треба да се зголемат од септември и тоа да важи за сите подеднакво. Бараат и исплата на регрес за годишен одмор до крајот на годината - право кое за разлика од приватниот сектор, повеќето во јавниот сектор не го уживаат ова право.
Според ССМ, охрабрувачки е тоа што има одреден напредок во преговорите. Според нив, прифатлив е моделот од 2,5 години за да се добие методологија како во делот на минималната плата, со тоа што ќе има просечна плата по коефициент на сложеност по истекот на 2,5 години. „Но, сметаме доколку од септември почне примената на општиот колективен договор за јавниот сектор, функционерските плати треба да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив, така и за работниците“, вели Трендафилов.
Тој е дециден дека нема да дозволат функционерските плати да растат на овој начин. „Работниците во јавниот сектор треба да бидат уверени дека синдикатите се едногласни дека нема таков човек кој ќе потпише Општ колективен договор на нивна штета“, вели тој. .
Владиниот предлог неприфатлив за дел од синдикатите
За претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески, методологијата на Владата за покачување на платите од 5,3 проценти е неприфатлива. „Владата даде некоја методологија, покачување на 5,3 проценти на платите, се надевам за сите синдикати да не е прифатливо. Македонскиот работник го интересира да кажат колку сега во моментов ќе му се покачи плата. Тоа што се предлага за 2025 или за 2028 година, до тогаш можеби 30 отсто од тие ќе одат во пензија, другите ќе ја напуштат државата, за кого ќе важи оваа методологија“, изјави Ристески пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет.
Економско-социјалниот совет е мегданот каде изминатиов период се разговара за последните пресметки околу понудената методологија со кои треба да се уредат платите во јавниот сектор. Неодамна беше презентирана методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 - 2025 година, односно зголемување на платите во период од 2,5 години.