1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Синан Оган - од аутсајдер до клучен фактор во Турција

Елмас Топчу
23 мај 2023

Ултранационалистот Синан Оган ги повика своите приврзаници да гласаат за Реџеп Таип Ердоган во вториот круг од изборите во Турција. Кој е Оган, аутсајдерот на изборите кој станува клучен фактор?

https://p.dw.com/p/4Rgyf
Турција Синан Оган
Синан Оган, кандидат на изборите во ТурцијаФотографија: Hakan Nural/AA/picture alliance

Во вториот круг од претседателските избори во Турција, во недела, 28 мај, ќе се соочат актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и опозицискиот лидерКемал Киличдароглу.Во првиот круг од изборите, Ердоган, со 49,5% освоени гласови, за малку не успеа да освои неопходно мнозинство, додека Киличдароглу доби 44,9% од гласовите. Киличдароглу имаше 2,5 милиони гласови помалку од Ердоган.

Третиот претседателски кандидат, Синан Оган, доби 5,2% од гласовите, односно има поддршка од околу 2,8 милиони гласачи. Оган вчера (22.05) ги повика своите приврзаници во вториот круг да гласаат за Ердоган. Кој е аутсајдерот кој станува клучен фактор на овие избори во Турција?

Турција избори Синан Оган и Реџеп Таип Ердоган
Синан Оган и Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, 19.05.2023Фотографија: Turkish Presidency via AP/AP Photo/picture alliance

Добри карти в рака

„Бегалците се најголемата закана за нашата економија, култура, јавниот ред, внатрешната и надворешната безбедност. Сега е време да ги испратиме дома“, напиша Синан Оган, претседателски кандидат на ултранационалистичкиот и десничарско популистички сојуз АТА на Твитер пред околу две недели.

Оној што мислеше дека луѓето во Турција ќе се вознемират поради ваквите популистички изјави, ќе се шокира. Затоа што Оган доби многу позитивни реакции на својот твит. Според проценките, во Турција моментално живеат околу 5,5 милиони бегалци. По пандемијата и економската криза и по двата разорни земјотреси, тие не се добредојдени.

Бегалците одиграа клучна улога во изборната кампања на Синан Оган. Оган сака да ги врати назад. Неговите објави на социјалните мрежи често ги прикажуваат Сиријците како криминалци и опасни, а се фали сѐ што е турско.

Турција сириски бегалци
Бегалците одиграа клучна улога во изборната кампања на Синан ОганФотографија: DW

На првиот круг од изборите во Турција, Оган го зазеде третото и последно место. Изненадувачки, сепак, тој доби 5,1% од гласовите. Со ваквиот неочекувано висок удел на гласови, националистот Синан Оган сега може да влијае на текот на вториот круг од изборите. Неизвесно е дали неговите приврзаници ќе ја следат неговата прфепорака да се гласа за Ердоган. Сепак, Оган дефинитивно има добри карти за преговори.

Оган ја постигна својата цел

Синан Оган од самиот почеток имаше за цел одлуката да падне во вториот круг од изборите. На овој начин тој сака да ги натера главните играчи Ердоган и Киличдароглу да преговараат под негови услови. Тактичарот Оган сака скапо да ја продаде својата и поддршката на својот сојуз. „Кога ќе дојде време, нема залудно да одиме на преговарачка маса“, рече тој пред изборите. Во замена за поддршката, тој има барања за министерски места во новата влада.

Пред изборите, Оган силно ги критикуваше и Ердоган и Киличдароглу за наводна соработка со Курдите. Тој го обвини владиниот камп за соработка со прокурдската исламистичка партија ХУДАПАР.

Опозициската коалиција, пак, Оган ја критикуваше поради тоа што за нејзиниот кандидат Киличдароглу побара поддршка од прокурдската партија ХДП. Оган ја гледа ХДП, третата најсилна партија во парламентот, како партија која е главно блиска со терористичката организација ПКК.

Идеолошки гледано, Оган е поблизок до исламско-конзервативниот Ердоган отколку до неговиот либерално-секуларен предизвикувач Киличдароглу.

Турција избори Синан Оган
Пред изборите, Оган силно ги критикуваше и Ердоган и Киличдароглу за наводна соработка со КурдитеФотографија: Burhan Ozbilici/AP Photo/picture alliance

Турција има претседателски систем од 2018 година. Шефот на државата е претседател, кој ја предводи и владата. Тој назначува и разрешува министри и високи државни службеници според своја проценка. Тој, исто така, има моќ да издава претседателски декрети и да пополнува со кадар многу функции во судството, финансиите и образованието. Критичните функции, како што се тајната служба или моќната Управа за верски прашања Дијанет, му поднесуваат извештај директно на претседателот. Значи, на 28 мај нема да се гласа само за репрезентативна претседателска функција, туку и за шеф на влада кој ќе ја води државата во следните пет години и ќе ја обликува внатрешната и надворешната политика.

Кој е Синан Оган?

Синан Оган е роден во градот Игдир, во источна Анадолија. Студирал економија и администрација на Универзитетот Мармара во Истанбул. По истражувачки престој во Москва, тој работел како научник на универзитети во Азербејџан. Оган беше и шеф на Одделот за руско-украински студии во Центарот за стратешки студии за Евроазија АСАМ.

Синан Оган всушност потекнува од идеологијата на Сивите волци, чија праорганизација е најголемиот партнер на Ердоган, МХП. Оган исто така беше член на оваа партија (МХП), па дури беше и нејзин пратеник во парламентот. По внатрепартиска борба за моќ, тој беше исклучен од партијата во 2017 година. Оттогаш тој не е во партија и се обидува да се профилира самиот, да допре до националистите кои се критички настроени кон владата и да ги придобие на своја страна.

Во март дојде моментот за тоа. Четири мали отцепени партии ја основаа Алијансата АТА под водство на десничарската популистичка „Партија на победата“. За претседателски кандидат беше избран 55-годишниот Синан Оган.